X
 23.01.2024 Живот

Климатски промени, мигранти и бодликави жици

Темата за миграција на луѓето е многу широка и немам намера детално да пишувам за неа. Не сум ниту доволно компетентен за тоа. Но не можам да бидам рамнодушен на маките на многу милиони луѓе во светот што се преселуваат не затоа што сакаат, туку за да преживеат. А причините за преселување (климатските промени) ги прават други луѓе, најчесто од богатите земји.

Некои луѓе се преселуваат во потрага за повисок животен стандард, некои да напредуваат во својата работа, некои да студираат. Други се преселуваат за да избегаат од воен конфликт, политички прогон или кршење на човековите права. Според Одделот за население на Обединетите нации, од 1 јули 2020 година глобалниот број на меѓународни мигранти се проценува на 280 милиони.

Меѓународна миграција на население во светот постоела во минатото, постои денес и ќе постои во иднина. И кај нас, во Република Македонија (РМ) постои уште од минатото (одење на печалба), имаме и песни за тоа како што се „Параходот ми пристигна“, „Бог да бие кој прв почна“ итн. А иселување постои и денес и тоа доста масовно.

Факт е дека во изминатите неколку децении огромен број луѓе од земјите од Источна Европа и од Балканот мигрираа во Западна Европа, се работи за милиони работници. Но еве сега се бара нова работна сила. Сретнав информација дека во Хрватска недостигаат работници, па почнале да „увезуваат“ од Индија, Бангладеш, Филипини, Непал и др. Но меѓу нив ретко има обучени работници. Овој процес почнува и во РМ. Пробајте да најдете мајстор за водовод, електрика, за поправка на машина за перење, нема доволно работници за градежната дејност и др. Најавени се над 3.000 работници од Пакистан и Непал кои веќе добиле работна дозвола за во РМ, а се планира и „увоз“ од Бангладеш и Индонезија.

Мојата професионална работа е во областа на енергијата, а денес таа е тесно поврзана со климатските промени бидејќи тие настануваат најмногу при производство на енергија. Како последици од климатските промени се јавуваат сѐ поголеми катастрофи: поплави, силни урагани, шумски пожари, суши, штети во земјоделството и др. Најмногу страдаат луѓето во сиромашните земји во кои веќе не можат да опстанат и се присилени да мигрираат во други побогати земји. Свесен за ова, сакав да покренам некакво внимание на јавноста за миграциите на луѓето, но бидејќи тоа не е во областа во која работам, досега немам напишано нешто за тоа. Но овие денови ме поттикнаа две работи да подготвам напис на таа тема.

Пред некој ден во јавните медиуми сретнав една информација од Евростат (Агенцијата за статистика на ЕУ) во која укажува на драстичното „стареење“ на жителите во Европа, со што се намалува бројот на работоспособното население. Поради тоа, нивните статистичките податоци покажуваат загрижувачки недостиг на работна сила за потребите на реалната економија и за секторот услуги во ЕУ. Поради ваквата ситуација, комесарката за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, изјави дека е неопходна легална миграција во ЕУ од еден милион луѓе годишно како работна сила за да има стабилна економија. Значи ЕУ бара квалификувана работна сила (школувана; обучена). Во тој контекст ги сведува луѓето во економска категорија како што, на пример, е трговската стока. Јас ова го гледам како еден вид понижување на граѓаните од другите земји надвор од ЕУ. Нормално е дека новодојдените работници ќе се соочат со нова социјална средина која се разликува од местото од каде што доаѓаат, ќе им треба време и напор за приспособување, вклопување на сите членови од семејството, а тоа не може да биде толку лесно и без проблеми.

Јас сакам да го истакнам проблемот со населението од сиромашните земји кое претежно живее од земјоделство и кое е погодено од катастрофите од климатските промени. Голем дел од тоа население се решава да мигрира во други земји за да преживее. Тие луѓе решаваат да одат на долги и ризични патувања при кои има и голем број жртви. И низ територијата на Македонија има коридор на илегални мигранти кои потекнуваат од Блискиот и Средниот Исток, од Африка, и од земји во кои нема воени судири. Тие бараат нова средина за да преживеат. Меѓутоа, ЕУ не сака да прима такви (илегални) мигранти бидејќи е тешко или не може да ги вклопи како работна сила во нивната економија и во услужните дејности. Дополнителни причини се и што народите од тие земји имаат различни религии, обичаи и начин на живот, што претставува проблем за вклопување од социјален аспект. Дека не ги сакаат тие мигранти, доказ се многубројните бариери од бодликави жици поставени на голем број граници. На барање на ЕУ бодликави жици има и на границите на РМ.

Не можам, а да не кажам ниту еден збор и за Светскиот економски форум што овие денови се одржува во скијачкиот центар Давос во Швајцарија. Учествуваат околу 2.800 лица, меѓу кои многубројни политички лидери (над 60 шефа на држави и влади), милијардери, околу 600 извршни директори од најголемите светски компании и др. Главните теми се: геополитиката (војните), инфлацијата, каматните стапки, вештачката интелигенција и климатските промени. Тие би требало да дискутираат и да помогнат во решавање на најголемите проблеми во светот. Но тука постои видлива контрадикција бидејќи кризите ги предизвикуваат (создаваат) земјите со голема политичка, економска и воена моќ. Всушност, милијардерите и моќните политичари си го гледаат (штитат) својот интерес. Големо лицемерие е ставањето на климатските промени на агендата на овој собир. Сите моќници и милијардери таму доаѓаат со огромни приватни авиони заради еден патник и потребната послуга, а емисиите на СО2 од нив се многу големи.

Најголеми виновници за климатските промени се индустриски развиените (богати) земји кои од 1850 година до денес имаат испуштено огромни емисии на стакленички гасови. Од друга страна, сиромашните земји се најпогодени од климатските катастрофи. Затоа, миграции на сиромашно население кон богатите земји има, и во иднина ќе има уште повеќе. Бодликавите жици не можат да ја спречат таа миграција.


Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет - Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот