X
 14.03.2019 Живот

Млад човек од Белград засадува нова шума за да произведе воздух за сите нас

Додека во Белград се сечат дрвја, а зелените површини се сè поретки, во село близу Чачак едно младо момче има мисија - да засади нова шума.

- Создаваме шума - произведуваме воздух за сите нас - напишал Стефан Дрљача на фејсбук-профилот под фотографијата со млади садници дабови дрвја, кога тој и неговиот брат почнале да создаваат шума на нивниот плац, во март 2016 година.

Три години подоцна на ливадата на Стефан во селото Дучаловичи не расте само дабовата шума, туку и бор, бреза, липа и други дрвја и растенија.

- Не само што од шумата имаме корист така што произведува кислород и таа е нашите бели дробови, туку шумите и ја чуваат почвата, ги намалуваат лизгањата на земјиштето, обезбедуваат живеалишта за животните, им даваат храна и многу други работи - вели Дрљача.

sadenje
Фото: Приватна архива/ Стефан Дрљача

Сè почнало сосема случајно кога некој во селото објавил дека продава ливада близу семејниот плац на Стефан. Помислил дека би било добро да ја купи и да ја искористи за нешто добро, иако на почеток не бил сигурен што ќе прави со неа бидејќи живее во Белград и нема време да се занимава со овоштарство.

Тогаш му дошла идејата за шума. Првите 150 дабови дрвја дошле од блискиот расадник на јавното претпријатие „Србијашуме“, кое со Министерството за земјоделство и шумарство спроведува програма за пошумување и се грижи за шумските фарми, но и ги советува луѓето околу засадувањето.

- На интернет читав за шумите и колку е важно да има биолошка разновидност, да има што е можно повеќе видови и зошто сето тоа е добро, па започнав да садам сè - не само даб, туку сè што ќе ми падне на памет - изјави 30-годишниот Стефан.

Наесен ќе засади и други дрвја и растенија, поголема количина, а потоа со другарите планира да направи мини-документарен филм за да ги мотивира луѓето да започнат да садат шуми.

- Сакам да биде интернационална шума со садници од целиот свет, па сакам да ги повикам луѓето да испраќаат семиња или мали садници за сите да ги засадам тука - вели тој.

2
Фото: Приватна архива/ Стефан Дрљача

Засега има садници од Словенија, како и од земји од Балканот и од Норвешка.

- Имав садници од Швајцарија и од Русија што не успеаја, но не се откажувам. Почнав и да ги малтретирам пријателите што живеат во странство да ми испраќаат семиња - се смее Стефан.

Според неговите зборови, пред многу години селото било полно, цел терен бил со шума, но луѓето направиле ливади за стоките. На врвот на падините се наоѓа регионален пат, отстрана се куќи и ливади, сè до потокот во подножјето. Ливадата што Стефан ја купил од едната страна се лизга, но растењето на новата шума ќе придонесе почвата да се смири.

Откако го започнал овој подвиг, тој случајно наишол на документарецот „Солта на земјата“ во кој главниот лик, фотографот Себастиао Салгадо, отишол во родниот Бразил каде што работел на обновување на атлантската шума.

- Филмот покажува дека е можно да се промени целосниот пејзаж во период од 20 до 25 години - вели Стефан.

3
Фото: Приватна архива/ Стефан Дрљача

Потребни се десет години за садниците со висина до колената или оние помалите да добијат форма на шума.

- Имав цел, тоа да биде мое наследство. Да можат моите внуци да уживаат и да кажат дека оваа шума беше засадена од мојот прадедо - вели Стефан.

Како што вели кинеската поговорка, ако е најдобар момент да се засади дрво оној пред 20 години, а најдобриот нареден момент е сега, Стефан засади шума во најдобриот можен момент.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот