Како што расте бројот на новозаразени со Ковид-19, така граѓаните сè повеќе се прашуваат дали државата има план Б за справување со наплив на болни во следните месеци. За есенските и зимските денови карактеристично е што има зголемен број на заболени од инфекции чии симптоми се слични со тие на коронавирусот
Ако претходно велевме „ќе помине“, сега покачена телесна температура над 37,5 е првиот симптом што веднаш ќе ви го измести секојдневието и ќе ве стави на мисла дека можеби сте позитивни на Ковид-19. Истовремено ќе се преиспитувате дали чувствувате уште некој друг симптом и на секое шмркање или поткашлување ќе бидете со една нога кај матичниот лекар.
Си велите дека можеби е настинка, можеби е Ковид-19, а можеби е некоја бактериска инфекција.
И паниката може да почне.
Но што кога со заладувањето на времето ќе се намножат вирусните и бактериските инфекции, па ќе се појави и вирусот на грип? Како може да се разликуваат настинка, сезонски грип, Ковид-19 или, пак, некоја бактериска инфекција. За што сè ќе одиме на лекар и колкав е ризикот и таму да се разболиме, оти очекувано ќе се наполнат чекалниците?
Како што расте бројот на новозаразени со Ковид-19, така граѓаните сè повеќе се прашуваат дали државата има план Б за справување со наплив на болни во следните месеци. За есенските и зимските денови карактеристично е што има зголемен број на заболени од инфекции чии симптоми се слични со тие на коронавирусот. Ќе можат ли сите пациенти со симптоми на температура да се тестираат или не? Дилемата е и дали да се следи здравствениот алгоритам или да се плати тест од домашен буџет.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека здравствените власти имаат план за претстојниот период за да се справат со наплив на пациенти. Тој посочува дека случаите со слични симптоми ќе се анулираат со тестирање или, пак, со следење на симптомите. Но за деталниот план засега се молчи.
Венко Филипче / Фото: Влада
- И брзите тестови ќе го сменат пристапот кон тестирањето. До крајот на месецот ќе пристигнат и вакцините за сезонски грип, со што граѓаните ќе можат да се заштитат - објасни Филипче.
Пресудно е лекарското искуство
Според матичниот педијатар Драгана Емел-Маркоска, претстојниот период ќе биде мачен во смисла на детектирање и дијагностицирање дали пациентите се само настинати, дали имаат бактериска инфекција, сезонски грип или коронавирус. Вели дека посебни насоки од Министерството за здравство немаат, па ако така остане, главно ќе се темелат на лекарското искуство.
- Единствено нешто што ни преостанува е секојдневно да ги следиме пациентите, да го следиме развојот на нивните симптоми од ден на ден и така да заклучиме за што конкретно се работи. Не можеме сите пациенти да ги праќаме на тестирање зашто тоа не го дозволува ни алгоритамот за Ковид-19 - посочува таа.
Нејзиното досегашно искуство покажало дека разликата меѓу сезонскиот грип и коронавирусот е во брзината на настанување на симптомите.
Д-р Драгана Емел-Маркоска
- Кај грипот потребни се 24 часа за да се развијат симптомите, а кај Ковид-19 и до три-четири дена. Друго нешто што е типично за коронавирус е што развива и стомачни симптоми за разлика од сезонскиот грип. Според оваа клиничка слика на пациентите, ќе се ориентираме во следниот период, зашто не знаеме колкав ќе биде ударот на заболени - објаснува д-р Емел Маркоска.
Кај децата ќе биде тешко дијагностицирањето на овие два вируси зашто тие и во двата случаи знаат да имаат благи симптоми, вели докторката.
- Вчера прегледав 60 деца со симптоми на настинка. Зарем сите да ги пратам на тестирање? Во тој случај се разговара со родителите, каква е нивната состојба, со кого контактирале, дали имаат болен во нивната околина, па ќе се следи развојот на симптоми во целото семејство - додава матичниот педијатар.
Со дистанцата ќе се ублажат настинките и грипот
Микробиологот проф. д-р Никола Пановски вели дека тешко може да се одговори на прашањето како ќе се справуваме со напливот на пациенти што имаат симптоми на настинка, грип, кои во голема мера се слични на тие на коронавирусот.
- Невозможно е да се даде прецизен одговор, но и да се најде соодветен начин како во иднина да се справи здравствениот систем со пациенти со сомнителни симптоми. Невозможно е сите пациенти со какви било симптоми да се тестираат со ПЦР-тест зашто тоа е финансиски неисплатливо, а ни капацитетот на лабораториите не може да го издржи тоа. Не може да се тестираат 5.000 луѓе дневно зашто досега се прават едвај 2.000 теста дневно - посочува Пановски.
Проф. д-р Никола Пановски
Колку би помогнале брзите тестови?
Професорот ја исклучува и можноста дека најавените брзи тестови ќе го олеснат овој процес зашто тие тестови не се за масовна употреба, туку само за болнички услови на оние на кои им е потребна некаква интервенција.
- Сметам дека ако се придржуваме кон мерките за дистанца и ако нема масовни групирања, покрај позитивни на Ковид-19 ќе се намали и бројот на оние што би се заразиле со сезонски грип, други вируси или бактериски инфекции. Само тоа е излезот од ситуацијата - вели Пановски.
Сепак, потенцира дека иако разболувањата, настинките и прележувањето на сезонскиот грип се добри за зајакнување на имунитетот на еден човек, оваа година тоа треба да го сведеме на минимум.
Министерство за здравство: Брзите тестови ќе помогнат за брза дијагностика
Од Министерството за здравство велат дека за 10 до 15 дена ќе пристигнат првите брзи тестови кои ќе бидат наменети за сите што ќе имаат сомнеж за Ковид-19.
- Брзите тестови ќе се прават за 15 минути и ќе чинат до 800 денари, а ќе бидат наменети за секој што ќе има симптоми, па со ова нема да мора веднаш да го оптоварува здравствениот систем и домашниот буџет. Пунктот за тестирање ќе биде во поликлиниката Ѓорче Петров - посочуваат од ресорното министерство.
Оттаму додаваат дека е планирано тие да бидат дистрибуирани и во болниците и во соработка со центрите за јавно здравје, веројатно и на граничните премини.
- Во болниците ќе се овозможи многу брз резултат на пациентите за итна или кај оние што е потребна некаква интервенција. За 15 минути, без лабораториски апарат, вработените брзо ќе знаат дали пациентот е позитивен или негативен на Ковид-19. За границите е планирано да се направи стратегија и тука да се тестираат и евентуално да се детектираат некои сомнителни групи што доаѓаат од странство - објаснуваат од МЗ.
Овие тестови се одобрени од Светската здравствена организација и Министерството за здравство, а граѓаните може да закажуваат преку бесплатна телефонска линија, велат оттаму.
Забуна со слични симптоми
На прв поглед симптомите на коронавирус се слични со оние на вообичаена настинка или грип.
Фото: Фрипик
Вообичаените симптоми на коронавирус се треска, сува кашлица, недостиг на здив, болки во мускулите, замор, помалку типични симптоми се шлајм, главоболка, искашлување крв, дијареја. Со оглед на тоа што новиот коронавирус најчесто го напаѓа долниот респираторен тракт, најголемиот дел од инфицираните имаат сува кашлица, недостиг на здив или пневмонија.
Кај настинка и грип најчести симптоми се течење на нос, болки во грло, кашлица, болки во мускули, главоболка, замор и понекогаш треска.
Доколку има отсуство на покачена температура, а се чувствуваат болки во телото и во мускулите, тоа укажува на настинка.
Ако, пак, се доминантни симптомите течење на носот и чешање на очите, без температура, прво треба да се провери дали станува збор за алергија.
За што всушност се работи при појава на симптоми на болест, главниот збор го имаат лекарите.