X
 23.06.2021 Наша тема

Матурските тестови се прегледуваат во 3 училишта. Притисоци се залудни, без читач за бар-кодови не се знае кој тест чиј е, велат од ДИЦ

И да има обиди за притисоци врз оценувачите, би биле залудни бидејќи сите тестови се кодирани и не се знае кој тест на кој ученик му припаѓа. Тоа единствено се дознава со читач за бар-кодови, вели Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар

Околу 200 оценувачи, распределени во три различни училишта деновиве ги прегледуваат матурските тестови по мајчин јазик, странски јазик и по математика. Како што информира Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар - ДИЦ, до крајот на неделата се очекува да бидат прегледани, по што според процедурите, ќе се одреди прагот на положеност. Потоа Министерството за образование и наука треба да ги одобри резултатите пред тие да бидат објавени.

- Резултатите очекувам да бидат објавени и пред 11 јули. И да има обиди за притисоци врз оценувачите, би биле залудни бидејќи сите тестови се кодирани и не се знае кој тест на кој ученик му припаѓа. Тоа единствено се дознава со читач за бар-кодови. Се работи за 15.300 матуранти, односно се прегледуваат над 30.000 тестови – вели Наумовска.


Елизабета Наумовска

1.500 денари за приговор

Откако ќе се објават резултатите, незадоволните кандидати имаат рок од три дена за да поднесат приговор, доколку сметаат дека треба. За секој приговор се плаќа по 1.500 денари. На прашањето, зошто сумата е висока, Наумовска одговара дека тоа е така за да нема поднесување приговори без основа.
- Мора да се приговара основано, а не неосновано. Затоа и се плаќа, за да се спречи тоа. Приговорите се решаваат во рок од два до три дена, по што се објавуваат конечните резултати, за да можат учениците потоа да си ги добијат дипломите кои им се потребни за упис на факултет – додава таа.

Поради изолација не полагале двајца матуранти

Во јунскиот рок за полагање државна матура, само двајца матуранти најавиле дека не се во можност да полагаат заради тоа што биле во изолација. За нив Државниот испитен центар ќе организира дополнително полагање на 28 јуни.
- Очекував дека можеби ќе има и стотина вакви ученици ќе има, но се намалија бројките за заболени од ковид-19, па со тоа и бројот на матуранти кои се оневозможени да полагаат матура – вели Наумовска.


Фото: Борче Поповски

Откако ќе заврши оценувањето на матурантите, оценувачи ќе ги прегледуваат тестовите од националното тестирање кое за прв пат се спроведе кај нас неодамна.
Минатата година немаше полагање државна матура, со одлука на министерството, заради пандемијата поради ковид-19. Матура полагаа само 1.500 ученици на ниво на држава, а тоа биле оние кои го немале положено завршниот испит од претходни години.
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема