X
 09.10.2023 Наша тема

Словенија ни ги зема студентите - пред 20 години само 48, а лани 1.516 студенти од Македонија

Многу голем број студенти од Македонија се запишани на факултетите за компјутерски науки и информатика (FRI), Факултетот за електротехника, Економскиот факултет и Биотехничкиот факултет, вели Киара Лазич, која студира медицина во Словенија и е координатор на тимот за комуникации

Бројот на Македонци што одлучуваат да студираат во Словенија секоја година расте. Македонската студентска организација во Словенија ни сподели дел од статистиките со кои располага, а кои ги добила од Заводот за статистика на Словенија. Во учебната 2000/01 г. на факултетите во Словенија биле запишани 48 студенти од Македонија, до учебната 2005/6 г. оваа бројка станува троцифрена – 147 студенти, додека во учебната 2019/20 четирицифрена – 1.170 наши студенти. Последна бројка со која располагаме е од минатата година (учебна 2022/23 г.) кога 1.516 студенти од Македонија се запишале на студии на универзитетите во Словенија.

Голем интерес за „Запознај ја студентска Словенија“

- Со статистички податоци за учебната 2023/24 сè уште не располагаме, но со оглед на многубројните пораки што ги добиваме изминативе месеци на нашите социјални мрежи (Инстаграм, Вибер, е-пошта), како и заинтересираноста за настанот „Запознај ја студентска Словенија“, кој го одржавме на 18 септември оваа година во НЛБ Галерија во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Словенија, НЛБ Банка и други, можеме да заклучиме дека Словенија секоја година станува сѐ попопуларна и привлекува поголем број наши студенти - велат од Македонската студентска организација во Словенија.



На прашањето за кои факултети има најголем интерес, тие ни споделуваат:

- Со точна статистика за ова прашање, односно точен број на студенти на секој од факултетите на универзитетите во Љубљана, Марибор и Приморска не располагаме. Но, според наши сознанија како неколкугодишни студенти во Словенија, можеме со сигурност да кажеме дека многу голем број студенти од Македонија се запишани на факултетите за компјутерски науки и информатика (FRI), Факултетот за електротехника, Економскиот факултет и Биотехничкиот факултет - вели Киара Лазич, која студира медицина во Словенија и е координатор на тимот за комуникации.

Бесплатното образование е пресудно

Како што ни споделуваат, причините и мотивацијата се различни, но може да ги сумираме во неколку категории. Еден од главните фактори што ги привлекуваат бруцошите е бесплатното образование. Понатаму, Словенија како држава многу вложува во квалитетот на образование (многубројни програми и насоки со голем избор на посакувани предмети – дел се достапни и на англиски јазик, најнова технологија и лаборатории, можности за пракса итн.) и нуди вклучување во различни проекти и студентски организации. Универзитетите покажуваат и се гордеат со високи стандарди и одлични признанија, акредитации и сертификати за одличност. Студентите се организирани во студентски собранија и студентски организации кои се многу вклучени во процесите на одлучување и застапување, а располагаат и со свои средства што им дава слобода за организација на многу активности по многу пристапни цени. Дел од активностите на студентските организации се работилници, дебати, курсеви, напредно кариерно насочување, посета на институции и други факултети од истата област во странство, а дел се посветени на социјализација и дружење на студентите од сите години на факултетот – пикници, екскурзии во Словенија и странство (Будимпешта, Виена, Гардаланд - Италија), журки итн. Постои и одличен систем за барање и добивање студентска работа, што е можност за дополнителна заработка за студентите.



- Фактот што Словенија е прогласена за една од најзелените и најбезбедни земји во Европа дефинитивно придонесува кон изборот на Словенија како дестинација за студирање. Дополнително, Словенија е држава која спаѓа во малкуте високоразвиени економии според Обединетите нации - истакна Киара.

Попуст за јавен транспорт, бесплатни кина, театри, музеи, читалници

Лазиќ вели дека како студенти во Словенија уживаат и низа поволности, меѓу кои: субвенционирани оброци (онолку оброци колку што има работни денови во месецот), попуст, т.е. студентски картички за јавен транспорт, бесплатно користење читалници и позајмување книги, бесплатни или влезници со пониски цени во музеи, галерии, кина и театри, како и попусти во фитнес-центрите.

-На дел од универзитетите е достапна и програмата „Leto plus”, која претставува едногодишен интензивен курс на словенечки јазик и ви овозможува да се стекнете со дополнителни 6 кредити (ЕCTS) на крајот од годината. Туторство е уште еден концепт кој е вреден за споменување при ова прашање. Тутори се вообичаено постари колеги од факултетот на кој студирате, на кои може да им се обратите секогаш и за сè, од прашања поврзани со начин на учење, искуства при полагање на различни предмети и кај различни професори, до прашања поврзани со секојдневниот живот во Словенија и разни воншколски активности - нѐ информира Киара.



Соработка меѓу Македонија и Словенија од 2016 година

Министерството за образование и наука нѐ информира дека билатералната соработка помеѓу двете земји се одвива со Протокол меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за образование, наука и спорт на Република Словенија, кој е потпишан во Љубљана на 23.2.2016 година, за период од 5 академски години, кој автоматски се продолжува и останува во сила до крајот на академската година во која Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија.

- Согласно член 2 од горенаведениот Протокол, за студентите од Македонија што сакаат да студираат во Словенија важат истите критериуми како и за словенечките граѓани, односно школарината е бесплатна, а сите други трошоци се на товар на студентот. Согласно член 3 од горенаведениот Протокол, словенечката страна доделува стипендии за студенти, дипломирани лица и докторанди од Македонија на високообразовните институции во Словенија и тоа: дваесет и четири (24) месечни стипендии за студиско усовршување на високообразовните институции во Словенија, со поединечно времетраење од 3 до 6 месеци, за кандидати до 26-годишна возраст. Протоколот предвидува и доделување на три (3) едносеместрални стипендии (секоја по четири месеци) за студенти по словенечки јазик на Универзитетот„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и две (2) стипендии за посета на двонеделниот летен курс по словенечки јазик за студенти по словенечки јазик на Универзитетот„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Овие стипендии не се наменети за комплетирање на целосен степен на образование - истакнаа од МОН.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема