27.05.2020
Образование
Колку студенти дипломирале лани во Македонија?
Бројот на дипломирани студенти во Македонија лани бил за 2,2 отсто повисок во споредба со 2018 година, објави Државниот завод за статистика. Од вкупниот број дипломирани студенти, 85,5 % се редовни, а 14,4 % се вонредни. Процентот на дипломирани студентки изнесува 57,7 %. Од вкупниот број студенти, 36,4 % дипломирале во рокот, додека 63,5 % дипломирале по рокот.
Лани дипломирале вкупно 7.874 студенти, од кои 4. 549 биле жени. Редовно дипломирале 6.739 студенти, а вонредно – 1.135. Од вкупниот број дипломирани, на државните универзитети завршиле 5.845 студенти, 2004 диломирале на приватните, а вкупно 25 (од кои 14 жени) на верските факултети.
На најголемиот универзитет во земјава „Св. Кирил и Методиј“ традиционално има најмногу дипломирани – вкупно 3.161 студент. Следува Државниот универзитет во Тетово со 1.178, универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со 724 дипломци и „Св. Климент Охридски“ во Битола со 676 студенти.
Најмногу дипломирале на Економскиот факултет при УКИМ – 498 студенти. Следуваат Филозофски факултет со 349 дипломци, Медицински со 317, Факултетот за електротехника и информациски технологии со 289 дипломирани.
На ДУТ предводат Факултетот за медицински науки со 229, односно Правиот факултет со 220 дипломци. На УГД најбројни се дипломираните студенти по медицински науки – 255, а на УКЛО – дипломираните на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид – 145.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk