X
 09.11.2017 Култура

Како да вежбате англиски јазик на социјалните мрежи?

Секојдневно ги користите. Никој повеќе не ни прашува дали имате, тоа се подразбира. Тие се извор на информации, а ако ги користите правилно, може да ви го олеснат животот.

Ако немате „Фејсбук“, сигурно имате „Твитер“. Ако „Твитер“ ви изгледа  бесмислено, тогаш сигурно имате профил на „Инстаграм“. Сигурно сте отвориле и профил на „Пинтерест“ бидејќи ве интересирало зошто оваа мрежа е специфична. Потоа следувал профил на „Тумблр“. Од колегата сте слушнале за „Линкдин“, па и таму сте отвориле. Ако имате „Џимејл“, тогаш сте член на „Гугл+“ заедницата.

Тогаш зошто да не ги искористите сите профили и да ги претворите во корисна алатка за учење на англискиот јазик?

За почеток, факт е дека целиот свет е поврзан со социјалните мрежи, што значи дека сте поврзани со милион луѓе чиј мајчин јазик е англискиот. Тоа не било случај порано. Пред само 20 години ако сакавте да вежбате со некој англиски, моравте да најдете „pen friend“, со кој можевте да разменувате писма или е-пошта на англиски.

Друга, многу важна работа, се однесува на достапноста на овие мрежи и нивната некомплицирана употреба. Еве како можете да го вежбате англискиот јазик користејќи ги најпопуларните социјални мрежи.

„Твитер“

„Твитер“ е вистинско место за комуникација. Ограничен е бројот на карактери за еден твит, така што секоја интеракција се чини природна и слична со усната конверзација. На „Твитер“ постојат дискусии на разни теми, на кои секој може да се приклучи. Поради ограниченоста на карактерите, „Твитер“ не е место за вежбање на граматиката, бидејќи често зборовите се скратуваат или се изоставаат така што најдобро може да се користи за вежбање конверзација. Некои од популарните хаштагови што можете да ги искористите за оваа цел се: #Twinglish, #EngPls, #learnenglish, #EngVocab, а можете да ги следите и профилите @happyenglishny или @TweetinEng.

„Фејсбук“


„Фејсбук“ нема ограничувања како „Твитер“. Можете да пишувате коментари долги колку еден есеј, можете интерактивно да разговарате со изворни говорители или да следите групи што ви одговараат и страници за учење на англискиот јазик. Денес постојат многу вакви групи, луѓето разговараат за различни теми, коментираат, објавуваат интересни статии или фотографии, така што ако сакате да вежбате интеракција на англиски, немојте да се двоумите дали да се впуштите. Некои доста корисни страници се: „BBC“, „Learn English“, „VOA Learning English“, „Grammarly“ итн.

„Линкдин“, „Пинтерест“, „Инстаграм“


Додека сте на „Линкдин“, зачленете се во некоја дискусија, како на пример активната „English Language Skills“ и ќе откриете дали и вие имате некое слично јазично двоумење за кое се дискутира таму. За сите оние што подобро помнат визуелно, „Пинтерест“ е вистинската мрежа за нив. Покрај интересните цитати, професорите по јазик кои имаат профил на оваа мрежа често објавуваат и визуелни прикази на некои од граматичките лекции. Исто така, можете да почнете да ги анализирате хаштаговите на „Инстаграм“ за да научите некој нов збор.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура