X
 09.11.2018 Здравје

Спиењето шест или помалку часа има чуден ефект врз здравјето

Знаеме дека добриот сон е важен за нашето здравје поради многу работи, но има уште една придобивка што треба да се додаде на листата, а тоа е за да се избегне дехидрирање.

Нова студија сугерира дека спиењето помалку од шест часа навечер може да ги остави нашите тела помалку хидрирани.

Истражувачите утврдиле дека луѓето што спиеле шест часа во текот на ноќта имале значително поконцентрирана урина и 16-59 отсто поголеми шанси да бидат дехидрирани, за разлика од оние што спиеле по осум часа.

Според тимот, чувството на нецелосност кога ќе се разбудите по недоволен сон може да е и поради дехидратацијата, а не само поради недостигот од сон. Затоа, чаша вода по будењето може да направи голема разлика.

Истражувачите сметаат дека нивните резултати може да потекнуваат од начинот на кој хормоналниот систем во телото на човекот ја регулира хидратацијата. Тие се фокусирале на хормон наречен вазопресин, кој телото го испушта во текот на денот и ноќта за да влијае врз водниот метаболизам на организмот, при што го инхибира исфрлањето вода преку урината.

- Вазопресинот се испушта побрзо и подоцна во циклусот на спиење. Па, ако се будите порано, може да го испуштите тој период кога се испушта повеќе од хормонот, предизвикувајќи нарушување на хидратацијата на телото - вели Aшер Росингер од Државниот универзитет во Пенсилванија.

За студијата биле анализирани досиеја на повеќе од 25.000 возрасни лица во Кина и во САД, кои биле прашани за нивните навики за спиење и им биле земени примероци урина за да се разгледаат биомаркерите поврзани со хидратацијата. Вазопресинот не бил мерен, но биле мерени индикатори за него (како нивото на вода во урината) .

Треба да се забележи дека студијата не е доволна за да се докаже дека има поврзаност, односно дека помалку сон предизвикува дехидрирање, но сугерира дека има некаков вид биолошка врска меѓу нив.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје