X
 09.11.2020 Здравје

Вакцината на „Фајзер“ и „Бајонтек“ е ефикасна над 90%, покажуваат испитувањата

Фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бајонтек“ изјавија дека нивната вакцина против коронавирус ќе биде ефикасна кај повеќе од 90% од пациентите што не биле заразени со коронавирусот. Ова го покажуваат податоците од нивното досегашно испитување на вакцината.

Прелиминарната анализа, спроведена од независен одбор за следење на податоци, била направена во третата фаза од создавањето на вакцината, што вклучува тестирање на речиси 44.000 луѓе од САД и 5 други земји. Со коронавирусот се заразиле 94 лица што биле дел од истражувањето, но во моментов не се знае колкумина од нив примиле вакцина, а кои примиле плацебо.

Податоците допрва треба да бидат рецензирани, а „Фајзер“ вели дека процентот на ефективност на вакцината може да се смени додека да завршат испитувањата. Сепак, откритијата се досега најпозитивен показател дека наскоро ќе добиеме ефективна вакцина против коронавирусот.


Фото: Pixabay

Двете фармацевтски компании изјавуваат дека досега не пронашле сериозни проблеми со безбедноста на вакцината и очекуваат да добијат официјално одобрување подоцна овој месец.

Според „Фајзер“, вакцината, која се дава во две дози, обезбедува заштита 28 дена по првата вакцинација. Сè уште не се знае колку трае имунитетот што го обезбедува вакцината. 

Се проценува дека до крајот на годината ќе бидат достапни 50 милиони дози од вакцината, што е доволно за вакцинација на 25 милиони луѓе. „Фајзер“ планира да произведе вкупно 1,3 милијарда дози во 2021. „Фајзер“ и „Бајонтек“ имаат соработка за испорака на вакцини со САД, Европската Унија, Велика Британија, Канада и Јапонија.

Низ светот околу 12 вакцини против коронавирусот се во завршната фаза на тестирање, но „Фајзер“ е првата компанија што претстави резултати од тестирањето.

Автор: Самјуел Ловет
Извор: independent.co.uk
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје