Буџетот на МОН за 2022 година е проектиран да обезбеди континуирано зајакнување на трите основни столба на кои се базира квалитетот на образованието – квалитетни наставни програми и материјали за учење, подобрена инфраструктура и добро обучен и подготвен наставен кадар да одговори на предизвиците од спроведувањето на современиот концепт на едукација кај нас, велат од МОН
Во 2022 година за образование ќе се трошат околу 28,9 милијарди денари, што е за околу 6,7 милијарди денари повеќе од сумата што за овој ресор била наменета во 2018 година. Ова е наведено во
предлог-буџетот за 2022 година.
Во делот за образованието предвидено е да се финансира изградба и обнова на основни и средни училишта, изградба на фискултурни сали во средните училишта, реконструкција на студентски домови, а ќе се финансира и проект за унапредување на основното образование. Од областа на праведен пристап до квалитетно инклузивно образование на сите нивоа, како позначаен капитален проект што ќе се финансира преку ИПА 2 програмата во периодот 2020-2025 е реконструкција на јавни предучилишни установи.
Како што стои во документот, проектирани се капитални инвестиции, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура.
- Во областа на образованието, со заем од КФВ банка, ќе почне Проект за реконструкција на студентските домови, а ќе се продолжи и со реализацијата на Проектот за изградба на фискултурни сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта во Република Северна Македонија, финансиран со заем од ЦЕБ и национално кофинансирање со цел унапредување на физичкото образование, како и подобрување на севкупните услови за учење на учениците во основните и во средните училишта - наведено е во буџетот.
Со заем од Светска банка ќе се подобрува образованието
За да се подобрат условите за учење во основното образование во земјата, со заем од Светска банка ќе продолжи финансирањето на реализацијата на Проектот за унапредување на основното образование, пишува во документот.
- Со цел подобрување на пристапот до социјалните права и услуги, како и проширување на капацитетите за предучилишно згрижување и воспитување преку изградба на нови објекти и пренамена/надградба на постојната инфраструктура на предучилишните институции, во 2022 година продолжува реализацијата на Проектот за унапредување на социјалните услуги, финансиран со заем од Светска банка. Исто така, продолжува Проектот за администрирање на социјалното осигурување, финансиран со заем од Светска банка - пишува во него.
Ќе се градат основни и средни училишта
Со парите предвидено е да се градат и да се обновуваат основни и средни училишта, да се реконструираат ученички и студентски домови, како и да се градат училишни спортски сали.
- Целта на оваа програма е подобрување на соодветните просторни услови во училиштата, ученичките и студентските домови за реализација на воспитно-образовниот процес, што е од клучно значење за подобрување на квалитетот на образованието, како и обезбедување услови за одвивање на наставата по спорт и спортски активности во основните и во средните училишта со цел зголемување на интересот за спорт кај младата популација, во насока на посветување поголемо влијание врз здравјето на идните млади генерации. Како стратешки приоритети, во 2022 година Владата ги има утврдено: квалитетно образование достапно за сите, согласно побарувачката на пазарот на трудот, развој и унапредување на културата и спортот - пишува во документот.
Пари насочени кон создавање образование во интерес на децата
Во приоритетите и целите за 2022 година е наведено дека активностите на Министерството за образование и наука ќе бидат насочени кон остварување на следните четири приоритети: создавање образование кое е во најдобар интерес на децата и кое му овозможува на секој ученик да го достигне својот полн потенцијал, обезбедување квалитетно и инклузивно високо образование и унапредување на студентскиот стандард, зголемено вложување и развој на науката, истражувањето и иновациите и унапредување на системот на доживотно учење.
- Во 2022 година Министерството ќе работи на зголемување на опфатот на учениците и подобрување на инклузивноста и меѓуетничката интеграција, подобрување на условите за учење и постигнувањата на учениците, вложување и развој на дигитални вештини и критичко размислување, усогласување на стручното образование и обука со потребите на пазарот на трудот, развој на регионални центри за стручно образование и обука, модернизирање на системот за образование на возрасни согласно перспективата за доживотно учење, развој на нов модел за финансирање на основното и средното образование со нова формула за распределба на блок-дотациите со утврден трошок по ученик пресметан врз основа на стандарди, оптимизација на мрежата на училишта, на задржување на младите во земјата - стои во документот.
МОН: Ќе обезбедиме квалитетни материјали за учење и подобра инфраструктура
Буџетот на МОН за 2022 година е проектиран да обезбеди континуирано зајакнување на трите основни столба на кои се базира квалитетот на образованието – квалитетни наставни програми и материјали за учење, подобрена инфраструктура и добро обучен и подготвен наставен кадар да одговори на предизвиците од спроведувањето на современиот концепт на едукација кај нас, велат надлежните.
- Во новата календарска година продолжува креирањето и имплементирањето на новите наставни програми и изработка на нови материјали за учење во основното образование, согласно Концепцијата за основно образование што почна да се применува од септември годинава, а паралелно ќе се вложува и во обучувањето на наставниот и стручниот кадар, за да може сите новини и современи глобални практики на најдобар можен начин да станат дел и од нашиот образовен систем. Продолжува и набавката на опрема за училиштата заради целосно ефектуирање на содржината на новата концепција – појаснуваат оттаму.
Буџетот е насочен и кон унапредувањето на ученичкиот и студентскиот стандард преку обезбедување повеќе пари за стипендии за учениците и за студентите, за кои од оваа година се воведени низа нови стипендии, како оние за втор и трет циклус на студии во државата, а постојните се значително зголемени.
- Им се излегува во пресрет и на учениците со посебни потреби, односно на нивните семејства, со тоа што услугата образовна асистенција стана системско решение за кое државата од оваа година првпат почна да издвојува средства за ангажирањето на образовните асистенти. За 2022 година предвидуваме и повеќе средства за научноистражувачката дејност, односно за финансирање на научноистражувачки проекти и обезбедување лабораториски ресурси за јавните научни и високообразовни установи – информираат од МОН.