Ковид-19 и климатската криза беа едни од главните проблеми во светот во 2021 година. Дали луѓето се поголеми оптимисти за годината пред нас? Анкета на „Ипсос“, во која учествувале над 22.000 луѓе од 33 земји низ светот, покажува што очекуваат луѓето дека ќе се случи во следните 12 месеци.
Главниот заклучок е дека над три четвртини од испитаниците се оптимисти дека 2022 ќе биде подобра од 2021 година.
Луѓето гледаат позитивно на напорите за борба против пандемијата. Дури 56 отсто од испитаниците мислат дека е голема веројатноста дека над три четвртини од светското население ќе примат барем една вакцина против ковид-19 годинава. Најголеми оптимисти се жителите на Перу, а најслаби оние во Унгарија, Полска и во Германија.
Фото: Pixabay
Досега, помалку од 60 отсто од светското население примиле барем една доза од вакцина против ковид-19, но процентот изнесува само 8,9 отсто во сиромашните земји.
Анкетата открива и дека 60 отсто од испитаниците мислат дека е веројатно дека нивната држава ќе се соочи со повеќе екстремни временски услови во 2022. На економски план, три четвртини од населението предвидуваат побрзо растење на цените отколку на платите. Над една третина очекуваат пад на големите берзи во 2022.
Фото: Pixabay
Понатаму, 57 отсто од испитаниците сметаат дека повеќе луѓе ќе ги живеат своите животи во виртуелен свет во 2022 година. Кога станува збор за најголемите закани, речиси две петтини мислат дека во нивната земја ќе има природна катастрофа, а сличен процент сметаат дека хакери платени од странска влада ќе предизвикаат пад на ИТ-системите во нивната држава.
Од испитаниците, 16 отсто очекуваат дека Земјата ќе ја удри астероид во 2022, а 14 отсто мислат дека вонземјани ќе ја посетат планетата оваа година. Ова мислење го имаат околу една третина од населението во Индија и во Саудиска Арабија.
Извор:
World Economic Forum
Фото: Pixabay