X
 20.01.2022 Живот

Tрендови што ќе го обликуваат пазарот на труд во 2022 година

Минатата година во западните земји беше забележан тренд на напуштање на работните места наречен „големото напуштање“.

Ентони Клоц, психолог и професор на Универзитетот „А&М“ во Тексас, го составил овој израз во интервју за „Блумберг“ за да го опише бранот од луѓе што ги напуштаат работните места поради пандемијата, која поттикна многумина да размислуваат за она што навистина сакаат да го работат. Овој тренд продолжува и денес. Дали ќе остане и во 2022 г.?


Фото: Pixabay

Клоц нуди три предвидувања за пазарот на труд во 2022 година.

Големото напуштање ќе забави

Луѓето ќе продолжат да ги напуштаат работните места во 2022 г., но Клоц очекува овој тренд да биде послаб во споредба со минатата година. Тоа е така бидејќи новите услови ги принудиле компаниите да нудат подобри поволности и повисоки плати, вели Клоц.

Флексибилното работно време ќе биде норма, а не исклучок

Слободата да се работи од секаде стана најбарана поволност за време на пандемијата. Повеќе компании ќе ја воведуваат оваа опција за да привлечат таленти, смета Клоц. Тој очекува флексибилната работна култура да води до подобар баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот и да го подобри менталното здравје на вработените.


Фото: Pixabay

Работите на далечина ќе бидат покомпетитивни

Додека компаниите се обидуваат да најдат добри работници, многу менаџери ќе бараат кандидати и од други земји и воведување алатки за автоматизација. Клоц очекува компаниите да инвестираат во роботи и вештачка интелигенција за да ги намалат времето и трошоците за вработување.

Истовремено, компаниите ќе вработуваат странски работници за оние обврски што може да се завршат од далечина. Затоа, работите од далечина ќе станат покомпетитивни.

Извор: CNBC
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот