X
 18.12.2020 Здравје

Една четвртина од светот може да ја чека вакцината против Ковид-19 до 2022

Вакцинирањето против Ковид-19 веќе е во тек во некои земји од светот, иако се претпоставува дека помладите и поздрави жители ќе почекаат до напролет или налето за да се вакцинираат. Меѓутоа, многу луѓе ќе чекаат подолго за вакцината.

Истражувачи што ги анализирале зделките на богатите земји за набавка на вакцините откриле дека речиси една четвртина од светското население веројатно ќе чека до 2022 година, а можеби и подолго, за да ја добие вакцината.

До средината на ноември дел од земјите веќе имаа резервирано вкупно 7,48 милијарди дози од вакцините, доволно за вакцинирање на 3,76 милијарди луѓе. Но сè уште не се знае колку од вакцините што претходно биле резервирани ќе бидат успешни. Околу половина од нив биле резервирани од богатите земји, иако земјите со низок или среден приход сочинуваат 85% од светското население.

Дури и ако сите вакцини што се порачани од земјите бидат успешни, истражувачите велат дека 22,5% од светското население можеби ќе чека до 2022 за да се вакцинира.


Фото: Pixabay

Ентони Со, професор на „Џонс Хопкин“, вели дека ова претставува проблем за сите бидејќи доколку не ја сопреме пандемијата насекаде низ светот, секогаш ќе постои шанса таа ќе се врати, а патувањата и трговијата нема да се вратат во нормала.

Некои сиромашни земји ќе добијат вакцини преку КОВАКС, иницијатива за купување вакцини за земјите со пониски примања. Досега се собрани околу 2 милијарди долари, доволно за да се купат дози за околу половина милијарда луѓе. Дистрибуцијата и купувањето на вакцините ќе зависи и од самите вакцини, со оглед на тоа што некои од нив треба да се чуваат на екстремно ниски температури, а тоа ќе го отежни доставувањето во некои области.

Автор: Адел Питерс
Извор: fastcompany.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје