X
 09.12.2021 Живот

Вечен бунтовник и гениј: Како славата го уништи големиот Џим Морисон?

По единаесет месеци од венчавката на Стив и Клара Морисон, во декември, се родил Џим. Неговиот татко бил конзервативен офицер, додека неговата мајка била послободоумна, ќерка на адвокат од Висконсин.

По Втората светска војна семејството се преселило во Мелбурн, Флорида, каде што бил стациониран Стив. Во тоа време Џим и неговата мајка морале да живеат со семејството на нејзиниот сопруг во Клирвотер, Флорида.

Како и неговиот татко, и Џим бил многу строго воспитуван. Во домот на баба му и дедо му ретко зборувал бидејќи биле постари луѓе, па биле многу нетрпеливи со момчето.

И за Клара работите не биле баш најдобри. Родителите на Стив биле многу религиозни луѓе, кои не пиеле, не пушеле и не поднесувале какво било чудно однесување. Таа била млада жена која копнеела по независноста што би можела да ја обезбеди доколку би имала сопствен дом. Имајќи мала слобода во нивната куќа, таа копнеела по враќањето на нејзиниот сопруг, па ѝ олеснало во 1946 година, по крајот на војната, кога повторно биле заедно.

На крајот, семејството ја напуштило Флорида и се преселило во Ново Мексико, каде што Стив станал инструктор во една од воените програми за атомско оружје.

Еднаш, додека седумгодишниот Џим патувал со своите родители недалеку од градот каде што живееле, наишле на превртен камион кој превезувал Индијанци. Тие биле исфрлени од возилото и лежеле на патот повредени. Овој инцидент силно го погодил Џим и му останал во сеќавање многу години. Честопати го споменувал инцидентот тврдејќи дека една од душите на Индијанците влегла во неговото тело во моментот на нивната смрт.

Кога Џим станал тинејџер, неговото семејство повторно се преселило, овој пат во Аламеда, Калифорнија. Аламеда се наоѓа во близина на Сан Франциско и е позната по својата поморска воздушна станица. Животниот стил бил многу поинаков од оној на кој бил навикнат во Ново Мексико. Џим морал да се навикне на новите социјални нијанси на Северна Калифорнија. Веќе не било кул да се вози велосипед до училиште, ниту чистите фармерки „левис“, па морал да ја извести мајка си да не му ги пере секоја недела.

За да им го привлече вниманието на соучениците, тој правел глупави работи само за да биде забележан. Во една пригода си врзал јаже околу увото, а другиот крај го ставил в уста. На прашањето што прави, тој одговорил дека има мала канта во грлото и дека собира плунка за лекарски прегледи.

Една од омилените занимации на Џим била читањето. Го сакал списанието МЕД, но се заљубил и во „На пат“ на Џек Керуак. Џим и неговите пријатели често го посетувале Норт Бич, проверувајќи ги сите продавници и необични книжарници. Многу сакал книжарници кои продавале цензурирани книги.

Иако Џим полека станувал бунтовник, тој секогаш имал одлични оценки. Без многу труд успевал да одржува висок просек и двапати се нашол на почесната листа. Неговиот коефициент на интелигенција бил 149. Неговото прво вистинско запознавање со музиката било кога како тинејџер посетувал барови на „Раут 1“, во близина на Форт Белвоар, за да слуша црни блуз-пејачи.

Додека бил на факултет, го запознал својот иден клавијатурист Реј Манзарек. На Џим му се допаднала музиката на Реј и често слушал како свири неговиот бенд наречен „Рик и Равенс“, кој понекогаш свирел во Санта Моника, во бар лоциран на блиската плажа.

За време на студентските години, Џим се занимавал и со други уметнички форми: правел мали чудни скици на духовити фигури кои се занимавале со насилство, педофилија, сексуалност итн. Сето ова довело до уште почудна филмска кариера. Тој наскоро го оставил сето тоа зад себе за да формира бенд со пријателите од факултет.

Кога Џим ги известил своите родители дека ќе го напушти факултетот за да ги оствари своите соништа како пејач во рок-бенд, неговиот татко се шокирал. Тој го потсетил Џим на часовите по пијано на кои Џим воопшто не одел и времето кога тој одбивал да пее божиќни песни со своето семејство. Таткото на Џим бил лут затоа што ги дал сите тие пари за факултетско образование и сега Џим бил подготвен да се откаже од сето тоа.

Потоа Џим никогаш повеќе не им пишал на своите родители. Набргу по дипломирањето во 1965 година, Џим се приклучил на хипи-сцената. Живеел под шеталиштето покрај плажата каде што го поминувал времето земајќи дрога и пишувајќи песни, додека не наишол неговиот пријател Реј Манзарек, поранешен соученик. Реј бил клавијатурист во мал локален рок-бенд кој се борел против сите други бендови во областа. За да стане голем, му било потребно нешто или некој посебен за да го издвои бендот од другите, а тоа бил токму Џим.



Реј бил исклучително импресиониран откако прочитал една од песните на Џим и му предложил да состават бенд. Тој го убедил Џим дека можат да ја свират неговата поезија и дека може да ги пее неговите песни на сцената. Џим веќе имал желба да состави бенд, но немал визија или членови за да го реализира тоа. Така, Џим и Реј ангажирале двајца нови членови, Роби Кригер, гитарист, и Џон Денсмор, тапанар, и почнале да свират во клубовите на Сансет стрип. Набрзо го добиле заслуженото признание и почнале да свират во „подобрите“ клубови.

До почетокот на 1966 година бендот имал околу дваесет и пет авторски песни на својот репертоар. Една од нив е „The End“, песна не за смртта како што повеќето веруваат, туку за избледената љубов. Во 1967 година бендот го снимил и својот прв албум наречен „The Doors“, кој за брзо време добил универзално признание. „Light My Fire“ стана првиот навистина голем сингл на бендот, кој го лансирал бендот на првото место на музичките топ-листи.

Поради медиумскиот притисок, Џим и неговата девојка Памела се преселиле во Париз. Цело време додека живеел во Париз консумирал многу алкохол. Сакал бистроа и кафулиња, а тогаш почнале и проблемите со депресијата.


Вечерта пред да почине, пријателите го поканиле да им се придружи во ресторан, но тој одбил бидејќи не сакал да ги оптоварува со неговата депресивна состојба, но на крајот сепак го убедиле. Молчел цело време, па ја однел Памела дома и потоа отишол на кино. Според некои, пешки се вратил дома бидејќи не се чувствувал добро, а кога стигнал, отишол да се избања.

Додека се бањал, повратил мала количина крв. Ова не било невообичаено за него, па неговата девојка не ни претпоставувала дека нешто не е во ред. Набрзо легнала и го оставила во кадата. Подоцна станала, зачудена зошто не отишол во кревет. Го нашла во кадата, со рацете прекрстени, главата фрлена наназад, а долгата коса надолу и влажна. Имал насмевка на неговото лице. На почеток Памела мислела дека ова е уште една од неговите болни шеги, но потоа забележала дека не дише и веднаш викнала брза помош. На самото место стигнале лекар и полиција, но било предоцна.

Погребот бил извршен брзо и тајно. Памела однела потврда за смрт во американската амбасада, каде што тој бил идентификуван како Џејмс Даглас Морисон. Како официјална причина за смртта бил наведен срцев удар.



Извор: b92.net
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот