Во последно време сè повеќе вакцинирани луѓе добиваат ковид-19, а јавноста се прашува зошто е така.
Експертите велат дека во игра се неколку фактори, од кои еден е појавата на сојот омикрон, кој лесно се пренесува. Веројатноста за заразување со омикрон е поголема иако заразените лица можеби немаат тешки симптоми. Дополнителен фактор е и тоа што појавувањето на овој сој се совпаѓа со празничниот период.
- Луѓето може погрешно да помислат дека вакцините против ковид-19 целосно ги блокираат инфекциите, но вакцините главно се создадени за да спречат тешка болест. А вакцините и понатаму ја вршат својата работа на тој фронт, особено за луѓето што добиле дополнителна трета доза - вели Луис Менски, истражувач од Универзитетот на Минесота.
Две дози од вакцините и понатаму даваат силна заштита од сериозно заболување, а третата доза го зголемува нивото на антитела и помага во одбраната од заразување, велат научниците.
Фото: Pixabay
Со оглед на тоа што омикрон се размножува многу поефикасно од претходните соеви, постои поголема веројатност заразените луѓе да го пренесат на други лица, особено на невакцинираните. Кај вакцинираните луѓе поголеми се шансите да имаат благи симптоми или воопшто да немаат симптоми.
Советите за безбедност од страна на експертите не се сменети. Лекарите и понатаму велат дека треба да се носат маски во затворен простор, да се одбегнува простор со многу луѓе и да се вакцинирате со трета доза.
Извор:
Eklinika