X
 10.02.2019 Живот

Кој е човекот што најдобро ги лови убавините на Охрид, високиот просек не е гаранција за вработување... Што истражувавме минатата недела?


Зошто се шири врсничкото насилство во средните училишта, како Ангел Ќосев ја создаде музиката за детските хитови „Трепкај, трепкај, елкичке“ и „Биби јееј“, дали може да се предвиди ширењето на грипот, кој веќе зеде две жртви, како училиштата да престанат да трупаат долгови, кој е фотографот што најдобро ги лови убавините на Охрид и зошто државните институции ги одбиваат за работа студентите што дипломираат со просек 10 се приказните кои ни беа во фокусот минатата недела.

Врсничкото насилство во училиштата е многу поприсутно отколку што се зборува во јавноста, велат психолозите. Последниот инцидент во средното училиште „Св. Наум Охридски“ од Охрид, во кој ученик со гасен пиштол пукаше во сoученик, а потоа во себе, повторно го отвори прашањето колку учениците се безбедни во училиштата и колку е сериозно врсничкото насилство?
Психологот Лидија Зорба ни објасни дека семејната атмосфера, тензијата и стресот што ги чувствуваат децата во семејството се пренесуваат и надвор.
- Начинот на кој реагираат родителите меѓу себе и кон децата, тие го учат и го практикуваат и во училиштата и на другите места каде што се движат - вели Зорба.



Разговаравме и со Ангел Ќосев, кој е еден од најактивните креатори на македонска музика во последните две децении кај нас. Со многу музички групи соработувал како продуцент, композитор, а сега работи како тон-мајстор во Македонската филхармонија. Ангел Ќосев бил наставник по музичко 22 години, сѐ до минатата година, па детската публика не му е непозната. Тој е човекот што ги создаде песните на Биби, ја направи нивната музика и аранжманите, а песните ги снимаше заедно со актерката Слаѓана Вујошевиќ во неговото студио „Подрумот“ во Скопје.
Неговите песни „Трепкај, трепкај, елкичке“ и „Биби јееј“ за многу кратко време станаа хитови меѓу детската публика.
Грипот веќе ги зеде двете жртви во Македонија. Минатата недела ние истражувавме како се шири грипот и дали постои можност да се предвиди колку ќе се шири заразата.


Aнгел Ќосев

Докторите велат дека не може да се прогнозира што нè очекува кога станува збор за грипот. Тие ни открија дека кај нас неговата активност сè уште е ниска, а во регионот здравствените власти бројат смртни случаи од вирусот. И таму и овде најмногу заразува свинскиот грип А/Х1Н1. Што може да нè очекува во наредниот период, кога заразата повеќе ќе се шири, колку загадувањето ќе му оди во прилог на грипот, според лекарите, е лотарија. Имало години кога сме поминувале со само 2.400 заразени, па епидемиолозите се надеваат дека ќе имаме таква среќа.
- Вкупно, во европските земји, според извештаите, смртноста не е зголемена. За тоа што да очекуваме - тоа буквално е лотарија. Сега циркулира А/Х1Н1, кој не беше доминантен неколку години. Кога тип на вирус не бил толку зачестен, полека паѓа имунитетот на организмот за него, тој мутира, па организмот го доживува како нов - ни објасни д-р Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).




Минатата недела повторно ја отворивме темата за блок-дотациите, односно долговите на средните училишта. Директори на средни училишта, но и дел од локалните власти сметаат дека е потребна итна промена на начинот на кој се пресметуваат блок-дотациите за средните училишта за да не се натрупуваат долгови.
Како што објави Факултети.мк, околу 60 средни училишта од цела Македонија должат речиси 7 милиони евра за режиски трошоци и за превоз на учениците.
- За секој ученик МОН до општините префрла иста сума на средства. А не секој ученик го чини исто училиштето. На пример, во моето училиште 90 проценти од учениците доаѓаат од други населени места, а во други училишта има ученици што живеат во близина и практично не им треба превоз. Исто добиваме сите, одредена сума по ученик. Нашите трошоци затоа се поголеми. Друг проблем е тоа што на тендерите за превоз добиваат фирми што наплаќаат многу повеќе отколку што е предвидено со блок-дотациите - ни одговори директор на училиште.
Од МОН, пак, порачуваат дека овој модел на доделување и трошење буџетски средства бара голема одговорност, совесност и економичност од страна на локалната власт. Министерот за образование и наука Арбер Адеми на брифинг со новинарите изјави дека е зголемен буџетот за блок-дотации за оваа година, па останува да видиме дали ова ќе го реши проблемот со долговите.


Стојан Стојановски

Никој подобро од него не ги лови убавините на Охрид! Тоа е Стојан Стојановски, фотограф, веб-дизајнер од Охрид,  кому градот-бисер му е вечна инспирација.
- Едукацијата и информациите се достапни за сите. Особено кога нешто се работи, пред сѐ, со љубов, коцките се спојуваат. Приказната со астрофотографијата во светот започна случајно по фотографирање астрономски настан од Охрид и поставување мои фотографии во 2005 година на интернет. Оттогаш ме контактираат повеќе светски медиуми за да ги преземат моите фотографии. Оттогаш, до ден-денес ја имаме истата соработка и гледаме да бидеме поактивни и понапредни, иако во делот со астрономијата не сме биле помогнати од трети лица и покрај тоа што овој дел носи огромна промоција на Охрид во светот - вели Стојан.
Неговите фотографии се вистински амбасадори на Охрид. Фотографија од Охрид во зимска идила на неговиот фејсбук-профил достигна 8.500 лајкови и повеќе од 1.800 споделувања.

Првенец на генерација по општа медицина, активен студент на сите полиња, тој е еден од надежите во медицинската наука во Македонија. Д-р Марко Костовски (26) од Скопје често се наоѓа во ситуација да се бори со ветерници. Во време кога Република Македонија цела деценија се соочува со одлив на кадри, ова се луѓето што решија да не заминат. Нивните приказни ги објавуваме во рубриката „Јас не заминав“.


Д-р Марко Костовски

Костовски работи во Институтот за медицинска хистологија и ембриологија, на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во моментот е асистент по предметот хистологија и ембриологија и докторанд на базична медицина. Истовремено ја завршува првата година од четиригодишната специјализација по медицинска микробиологија со паразитологија на Институтот за микробиологија и паразитологија на Медицинскиот факултет.
- Многу млади истражувачи се демотивирани кога за своите реагенси и китови често е потребно да чекаат подолго време (некои дури и со години), за тие успешно да ги поминат тендерските процедури. Се случува за одреден реагенс да се набави некој сличен (на првично зацртаниот) и тоа исклучиво поради неговата цена. Затоа, често истражувачите се откажуваат од овој процес бидејќи исходот е неизвесен до крајот, па се одлучуваат трошоците за истражувањата да ги финансираат сами - ни откри Костовски.

Ерблин Браими, кој лани дипломирал со просек 10 на Факултетот за безбедност, одбрана и мир, вели дека иако имал највисок можен просек, на последниот конкурс на Министерството за внатрешни работи не бил вработен. Од МВР ни одговорија: бодирањето на кандидатите не се врши според просекот што секој кандидат поединечно го имал и го стекнал во своето образование и не е предуслов за засновање работен однос во Министерството за внатрешни работи.


Ерблин Браими

- Поттик ми беше успехот што го постигнав во текот на студирањето и ветувањата на премиерот и претседателот дека најуспешните студенти ќе се вработуваат во најбрз можен рок. И покрај сите овие ветувања, многу сум разочаран од последниот конкурс на МВР. Ги исполнував сите потребни услови, со 240 ЕКТС кредити, со документ за неосудуваност, за познавање странски јазик и со над десет дипломи за учество на семинари надвор од државата. Бев повикан на интервју, но не добив вработување. За овие неправилности барам максимална одговорност од оценувачите. Немам коментар, освен тоа дека сум длабоко разочаран - ни изјави Браими.
Од МВР, пак, ни одговорија дека бодирањето на кандидатите не се врши според просекот што секој кандидат поединечно го имал и го стекнал во своето образование и како таков не е предуслов за засновање работен однос во Министерството за внатрешни работи..


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот