X
 10.02.2026 Живот

Организаторите истражуваат зошто лесно се оштетуваат олимписките медали на ЗОИ

Организаторите на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина соопштија дека истражуваат зошто медалите се оштетуваат набрзо откако ќе ги добијат најдобрите спортисти на натпреварувањата во Италија.

Освојувачите на златни медали, Американките Бризи Џонсон и Алиса Лиу, изјавија дека лентите им се откачиле од медалите набрзо по доделувањето. Џонсон во неделата освои злато во спуст, а оштетениот медал го покажа на прес-конференцијата.

- Ова е медалот. А ова е лентата, а ова е делот што треба да биде во лентата за да го држи медалот. Ете, се распадна - рече Џонсон.


И Лиу, која освои злато во екипна конкуренција во уметничко лизгање, на видеоснимка покажа како во двете раце ги држи медалот и лентата, со порака: - На мојот медал не му треба лента.

Истиот проблем го имала и германската екипа во биатлон.

Шефот на Организацискиот комитет, Андреа Франчизи, изјави дека организаторите започнале истрага.

- Свесни сме за ситуацијата. Истражуваме што точно е проблемот. Ќе посветиме максимално внимание на медалите. Секако, сакавме да бидат совршени кога ќе ги предадеме бидејќи тоа е еден од најважните моменти за спортистите - наведе тој.

Засега не е познато дали спортистите ќе добијат нови медали.

Ова не е првпат спортисти да имаат проблеми со олимписките медали - голем број поплаки пристигнаа од освојувачите на медали во Париз 2024 година.

До минатиот февруари организаторите добиле 220 барања за замена на медали бидејќи се оштетиле или се скинале, а на спортистите им било ветено дека ќе добијат нови.

Извор: 021.rs
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот