Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ е популарен деновиве поради неверојатната фотографија направена во инфрацрвен спектар која го покажува најдалечниот поглед на универзумот досега.
Но, „големата стара дама“ во светот на вселенскиот телескоп, телескопот „Хабл“, продолжува да ѕирка во вселената и да обезбедува неверојатни погледи. По повеќе од 30 години, „Хабл“ останува еден од клучните инструменти за испитување на космичките објекти во опсегот на видливата светлина и снима погледи на сè, од далечни галаксии, прекрасни маглини до планети во нашиот Сончев Систем.
Фотографијата споделена оваа недела од вселенскиот телескоп „Хабл“ покажува збиено ѕвездено јато наречено „Терзан 2“, со прекривка од блескави ѕвезди.
Збиените ѕвездени јата се топчест збир од ѕвезди кои орбитираат околу галактичкото јадро како сателит. Тие се мошне цврсто сврзани од гравитацијата, која всушност им го дава нивниот топчест облик и релативно големите густини на ѕвезди во нивното средиште.
- Збиените ѕвездени јата се стабилни, цврсто гравитациски врзани јата од десетици илјади до милиони ѕвезди пронајдени во широк спектар на галаксии. Интензивната гравитациска привлечност помеѓу тесно набиените ѕвезди им дава на овие јата топчест облик. Како што гледате на фотографијата од „Терзан 2“, срцата на збиените ѕвездени јата се преполни со мноштво блескави ѕвезди - објаснуваат научниците од „Хабл“.
Фото: NASA / ESA / Hubble / R. Cohen.
Ако оваа фотографија ви изгледа познато, тоа е затоа што изгледа слично на претходната фотографија направена од „Хабл“ на која е прикажано збиено ѕвездено јато наречено „Терзан 9“. И покрај сличниот изглед, тие се наоѓаат во различни региони на небото. „Терзан 9“ е во соѕвездието на Стрелец, додека „Терзан 2“ е во соѕвездието на Скорпија.
Двете фотографии се направени со помош на два инструменти на „Хабл“.
- И покрај тоа што има само едно основно огледало, дизајнот на „Хабл“ дозволува повеќе инструменти да ги испитуваат астрономските објекти. Светлината од далечните астрономски објекти влегува во „Хабл“ каде што ја собира примарното огледало од 8 метри на телескопот - велат научниците од „Хабл“.
Извор:
Digitaltrends.com
Фото: NASA / ESA / Hubble / R. Cohen.