Секоја земја во светот е најдобра во нешто. Некои суперлативи се позитивни - Франција веројатно е горда на фактот што е најпосетена земја во светот, додека други не.
Но, помеѓу лошото и доброто, постои средина што може да биде прилично бизарна. Некои би ја нарекле чудна категорија, но како инаку би дознале дека некоја земја има најмногу шампиони во играта „Scrablle“ или дека некоја земја има најмногу библиотеки?
Повеќето луѓе знаат која земја ја има највисоката зграда во светот или национален тим што освоил најмногу светски првенства во фудбал. Но, дали знаете која нација има најмногу медали за втори места? Или земјата со најголема интернет-брзина?
Секоја земја има чудни навики што можат да се сметаат бизарни во други земји во светот. Не е лесно да се мери бизарноста, но некои факти се истакнуваат повеќе од другите.
За да создаде листа со најчудните работи во кои земјите низ светот се најдобри, веб-страницата „Темпо“ прегледала голем број статии, истражувања и анкети спроведени од истражувачките и независните организации. Листата во продолжение е избор од рангирањата што се најинтересни.
Плаќање без кеш: Шведска
На туристите обично им се кажува секогаш да имаат кеш при рака бидејќи никогаш не се знае кога ќе им притреба. Но, во Шведска се чини дека секогаш е пригодно да имате дебитна или кредитна картичка. 85 отсто од плаќањата вклучуваат картички. „Најакс“, глобален провајдер за плаќање без кеш, ја смета Шведска за земја што води во плаќањето со картички.
Извезување фудбалери: Бразил
Бразил петпати го има освоено Светското првенство во фудбал, најпрестижниот фудбалски натпревар во светот - повеќе од која било друга земја. Но, најдобрите играчи не остануваат дома. Дури 1.202 Бразилци потпишале со тимови од други земји - главно во Португалија и во Италија.
Најдолго породилно отсуство: Бугарија
Сè што се пишува во врска со Бугарија обично е поврзано со тоа дека е најсиромашната земја во ЕУ, заедно со Романија. Но кога станува збор за породилното отсуство, Бугарија се наоѓа на врвот на листата. Новите мајки добиваат 410 дена, од кои 45 се пред породувањето. Освен тоа, тие можат да изберат да останат дома додека нивното дете не наполни две години и да им биде платено 100 отсто од платата или дел од неа, во зависност од нивниот работен статус.
Најголем консумент на шеќер: Америка
Просечниот Американец консумира 126 грама шеќер дневно - голем дел од тоа е преку сок и газирани пијалаци. За споредба, глобалниот просек е само 34 грама шеќер по личност дневно. Американската асоцијација за срце препорачува не повеќе од 36 грама за мажи и 25 грама за жени на дневно ниво.
Најмногу активни корисници на јавни библиотеки: Јужна Кореја
Јужна Кореја се наоѓа на 44. место кога станува збор за земјите со најмногу библиотеки (Кина е број еден), но има најмногу активни корисници што одат во библиотека за да читаат книги. Според центарот за онлајн-библиотеки, Јужнокорејците отишле во библиотека 194.571.747 пати во 2014 година, што е четирипати по личност, повеќе од која било друга земја за која постојат податоци.
Најголем производител на опиум: Авганистан
Низ светот, земјата на која се култивира афион се зголемува за 8 отсто на 304.800 хектари, помеѓу 2015 и 2016 година. Само во Авганистан производството се зголемило за 10 отсто. Во 2016 година земјата имала само две третини од глобалната област каде што се произведувал нелегален афион
.
Прекумерно пиењe кај возрасните: Молдавија
Според податоците од Светската здравствена организација собрани во 2016 година, просечно лице на возраст од 15 години и над во Молдавија консумирало 15,2 литри чист алкохол - повеќе од која било друга земја во светот.
Најмногу спам: САД
САД се рангирани за најлоша земја за спам - има многу слаби антиспам-закони, со што е рај за спам-операциите.
Најдобри во „Scrabble“: Нигерија
Ниту една земја во која англискиот е официјален јазик не е подобра во „Scrabble“ од Нигерија. Околу третина од 100. најдобри играчи на „Scrable“ доаѓаат токму од оваа африканска земја.
Земја што произвела најмногу филмови: Индија
Разумно е да се претпостави дека Холивуд прави повеќе филмови во една година отколку кое било друго место во светот. Но, филмската индустрија во Индија всушност произведува најмногу филмови - 1.724 помеѓу 2012 и 2013 година, а веднаш по Индија се САД со 738 и Кина со 638. Исто така, Боливуд се наоѓа на врвот на листата за продукција на филмови на најмногу јазици - 35.
Најдолг платен одмор: Бразил
Бразилците имаат најдолг платен одмор - 41 ден. Тие имаат 30 дена платено отсуство и 11 дена за државни празници.
Најбрз интернет: Сингапур
Ако работите на интернет и зависите од него, тогаш добро би било да се преселите во Сингапур. Потребни се само 11 минути за да преземете филм од 5 гигабајти со брзина од 60,39 мегабајти во секунда. Колку за споредба, просекот во светот е 9,1 мегабајти, според „Кејбл“, веб-страница за споредба.
Најпозитивна земја: Парагвај
Три години по ред, уште од 2015 година, Парагвај е најпозитивната земја во светот, според годишната анкета на „Галуп“ за глобалните емоции. Истражувањето вклучува прашања за чувствата од различни искуства - од тоа колку луѓето се одмараат дневно до тоа дали научиле нешто интересно. Најнегативната земја е Уганда.
Најмногу донации за добротворни цели: Индонезија
Индонезија ја симна од тронот Мјанмар како земја што најмногу донира во добротворни цели. Мјанмар беше победник четири години по ред до 2017 година. Околу половина од Индонезијците му помогнале на странец и волонтирале, а 78 отсто донирале пари за добротворни цели.
Најсреќна нација: Финска
Финска останува најсреќна земја во светот. Таа повторно се најде на првото место во извештајот за светска среќа за 2018 и 2019 година спроведен од ОН.
Најдолги бракови: Индија
Стапките на развод се зголемуваат на глобално ниво со 44 отсто од паровите што легално се развеле во 2017 година. Но, Индијците се одлични кога станува збор за бракот, така што стапката на развод во оваа земја е само 1 отсто.
Најмногу доктори по глава на жител: Куба
Помеѓу 2007 и 2017 година имало 75 доктори на 10.000 луѓе - повеќе од која било друга земја, според Извештајот за човековиот развој во 2018 година. За споредба, просечниот број на лекари на 10.000 луѓе е 18.
Највисока стапка на пушачи: Андора
Луѓето во Андора пушат цигари во огромни количини. Просечниот број на цигари на лице од 15 години и повозрасно е 6.398. Тоа се 320 кутии по лице на годишно ниво, што значи речиси кутија дневно. Втората земја со најмногу пушачи е Луксембург со 316,5 кутии, а третата е Белорусија со 145,5 кутии.
Најмногу стартапи по глава на жител: Израел
Израел често се нарекува „стартап-нација“. Ова не значи дека сите компании доживуваат голем успех. Всушност, 80 отсто од нив не успеваат. Но, остатокот расте и се развива во поголеми компании што создаваат работни места и ја подобруваат економијата. Секоја година се развиваат меѓу 1.100 и 1.380 стартапи, што претставува огромно достигнување за земја од 8,7 милиони луѓе. Тоа е стартап-компанија на секои 6.300 луѓе.
Најмногу автомобили по глава на жител: Монако
Монако обожава автомобили. Оваа мала земја е позната по „Монако Гранд прикс“, една од најпрестижните трки во Формула 1. Во Монако се одржува и познатото Монтекарло рели. Овој град-држава со 39.000 жители е на врвот на топ-листите во однос на поседување автомобили по глава на жител - 748 моторни возила на секои 1.000 жители.
Поминување најмногу време на социјалните медиуми: Филипини
Три години по ред луѓето на Филипините
најмногу време потрошиле на социјалните медиуми. Просечното лице на Филипините троши 3 часа и 57 минути дневно на платформите како „Јутјуб“, „Фејсбук“ и „Вацап“. Бразилците се на второ место со 3 часа и 39 минути дневно.
Најисклучителни ресторани со убава храна: Јапонија
Повеќето луѓе ја поврзуваат француската кујна со убавата храна и Мишелин ѕвездите што се знак за квалитетни ресторани. Но, Франција не е земја со најмногу вакви ресторани, туку Јапонија. Оваа азиска земја има 34 ресторани со три Мишелин ѕвезди, од кои 12 се наоѓаат во Токио. Франција се наоѓа на второ место со 25, од кои 10 се во Париз.