Од втора година до денес немам право да одам на настава во средно училиште, напиша на почетокот на оваа година Славко Мршевиќ од Рудо, Босна и Херцеговина, на својот профил на „Фејсбук“. Управата на училиштето одлучила така бидејќи Славко има поблаг облик на аутизам.
- Мене ми е направена голема неправда бидејќи ми е забрането да одам на настава и да бидам на часови - вели Славко.
Тој има Аспергеров синдром, односно поблаг облик на аутизам. Откако редовно завршил основно и се запишал во средно училиште во родниот град Рудо, со одлука на директорот му е забрането понатамошно посетување на настава.
- Имавме проблеми и додека тој одеше на училиште. Оттаму четири пати нè испраќаа на процена кај лекарска комисија, која во сите четири лекарски наоди даде мислење дека тој има капацитет да го продолжи школувањето во Средношколскиот центар во Рудо, со тоа што наставните методи и наставниот план и програма мора да се приспособат за него - објаснува Ненад Мршевиќ, таткото на Славко.
Меѓутоа, како што вели тој, училиштето никогаш не сакало да ги прифати тие наоди и препораки на лекарската комисија. Во првото полугодие од првата година во средно училиште Славко бил третиран како и другите ученици и бил оценуван како сите други. Но, на почетокот од второто полугодие, 8 од 10 наставници престануваат да го испрашуваат и оценуваат, па така не можел да добие ни заклучни оценки на крајот од годината.
- Кулминацијата беше на крајот од првата година, кога Славко остана неоценет и со тоа не можеше да се запише во втора година. Училиштето без никакво образложение и пишан акт, усно го извести Славко веќе да не оди на настава и дека тој веќе не е ученик во тоа училиште - истакнува Ненад.
Тој додава дека случајот сега е во надлежниот суд во Вишеград.
Тие не добиле писмено решение за исклучувањето од училиштето, ниту пак каков било допис за тоа. Според Ненад, сè останало на усно образложение од училиштето, како и медиумски истапувања на училишната управа, која својата одлука ја правдала со тоа дека децата со таа дијагноза не можат да одат во тоа училиште.
- Ни велеа дека е тешко да се оствари комуникација со Славко, дека тие немаат капацитет да работат со такви деца и нивната препорака беше да го одведеме во специјално училиште во Бања Лука - објаснува Ненад.
Таквата одлука би била радикална, со оглед на тоа дека во тој случај семејството би останало без средства за егзистенција, односно без работа, а би морало да се обезбеди и сместување, како и школување за помалиот син Марко. Според Ненад, сè би можело да се разгледа доколку не се работело за беспричинска и очигледна дискриминација и за систем кој не ги прифаќа и не ги препознава ни препораките на Педагошкиот завод на РС, а ниту омбудсманот за човекови права на Босна и Херцеговина, институција која утврдила дека нема пречки Славко да продолжи со школувањето.
Педагошкиот завод на Република Српска, според Ненад, побарал од училиштето да го приспособи својот наставен план и програмата според потребите на Славко, во согласност со правилата за инклузија, но тоа не се случило.
- Има низа пропусти на училиштето. Сите тие причини што ги наведуваат на некој начин се смешни и немаат правна основа. За Славко не е водено никакво досие, а ние, родителите, никогаш не добивме ниеден пишан акт - вели Ненад.
На сите легитимни обиди за враќање на Славко на настава од училиштето одговарале со нови неосновани напади, па така јавно изјавиле дека станува збор за агресивен ученик кој им пречи на другите ученици. Учениците од училиштето се побуниле и организирале потпишување на петиција, барајќи нивниот другар да се врати на училиште, но тоа не вродило со плод.
- Зарем кое било дете би потпишало петиција за враќање на некој насилник - прашува Ненад додавајќи дека Славко никогаш не покажувал знаци на агресивност, ниту пак постои податок дека некогаш повредил некого.
Единствениот „проблем“, објаснува тој, е тоа што Славко некогаш има потреба да стане на час, да пооди и да се врати во клупата.
На Славко многу му недостигало училиштето, па некогаш одел до училишниот двор и големите одмори ги поминувал со другарите. Татко му вели дека неправдата си го прави своето, па Славко малку повеќе се повлекол во себе и сега ретко оди пред училиштето.
Фото: DW
Славко сака малини, го сака својот миленик, лабрадорот Џери и како и неговите врсници, овој 18-годишник сака музика, излегување, дружење.
- Пријателите не се откажаа од него, го викаат на сите родендени, забави, излегувања во петок и сабота, секогаш го викаат да оди со нив и тој секогаш со задоволство оди - вели Ненад.
Ненад не е сигурен како ќе заврши сè и дали Славко ќе продолжи со образованието. Вели дека често зборува дека сака да заврши училиште, да се ожени и да живее како и сите. Сè уште чекаат што ќе кажат правосудните институции. Тужбата против училиштето - директорот, педагогот и осуммина професори - ја покренал јавниот обвинител во Вишеград, а според зборовите на Ненад, од дрскоста на училиштето е вџашен и судијата што го води случајот. Ситуацијата е неизвесна и воопшто не е лесна.
- Кога дома имате дете кое страда, а вие немате можност да му помогнете, кога гледате како институциите ставиле еден ѕид пред вас кој не сте моќни да го отстраните, а гледате и дека состојбата на Славко е влошена, секако дека тоа ни влијае и нам и дека како фамилија сме под стрес, кој и ден-денес трае и не знаеме до кога ќе трае - вели
Ненад.