X
 10.04.2021 Живот

Една од најголемите несреќи со подморница: Како загинале 42 члена на екипажот на „Комсомолац“?

На 7 април 1989 година во Норвешкото Море, при враќање по вежба потонала советската нуклеарна подморница „Комсомолац К-278“  од „Проект 685“. Во оваа трагедија загинале 42 члена на екипажот, додека другите биле спасени од норвешки рибари. Ова е најголемата трагедија на подморница по потонувањето на нападнатата нуклеарна подморница „К-141 Курск“. Во Русија овој ден е прогласен за Ден на сеќавање на загинатите во несреќата.

Подморницата „Комсомолац“, класа „Плавник“, припаѓала на третата генерација офанзивни нуклеарни подморници. Во конструкцијата на оваа подморница се користел титаниум за да може да издржи големи длабочини и да постигне голема брзина. Титаниумскиот труп ѝ обезбедил оперативна длабочина од 1.000 метри, а два реактори со моќност од 31,618 kW (43.000 коњски сили) обезбедувале максимална подводна брзина од 30 јазли (околу 56,6 километри на час). Советскиот Сојуз изградил една таква подморница.

Во тоа време, подморница од класата „Плавник“ се сметала за едно од најголемите достигнувања на советската бродоградба. На тестовите што почнале следната година, во 1984 година, подморницата успешно лансирала неколку торпеда на длабочина од 800 метри. Подморницата можела да остане под вода до 90 дена без да излезе на површина, а поради методот на конструкција и материјалите, се тврдело дека е невозможно да се открие со достапните средства за откривање во тоа време. Поради неверојатните трошоци за развој на подморницата К-278, таа го добила прекарот „Златна рипка“.

Името „Комсомолац“ ѝ било дадено еден месец по лансирањето, бидејќи ова чудо од советската технологија на подморници требало да се запомни како најдобра нуклеарна подморница.

Била направен само еден примерок од оваа подморница бидејќи била експериментална подморница која требало да го испита однесувањето на пловечките објекти во океаните, работењето на инструментите, работата на реакторот и требало да ги потврди сите карактеристики на конструкцијата што биле наведени како напредни. На отворено море, екипажот извршил нурнување на длабочина од 1.027 метри, но и нагло излегување на површина. За време на испитувањето, конструкцијата на подморницата била оценета со одлична оцена.



Кобно враќање од задачата

Подморницата била воведена во Северната флота и почнала со една од своите редовни патроли кон крајот на февруари 1989 година. Планот бил екипажот да помине три месеци на отворено море без да излезе на површина, со задача да открие и ненаметливо да ги следи бродовите на НАТО. Подморницата носела торпеда и имала шест торпедни цевки, крстосувачки ракети од типот „Гранит“, од кои некои имале и нуклеарни боеви глави.

Подморницата била под команда на командантот Евгениј Ванин, кој бил од прв ранг, а во неа се наоѓале 69 лица. Имала и специјална спасувачка комора што екипажот можел да ја користи во случај на несреќа на дното на морето.

Освен за експериментот, подморницата се користела и за поморски вежби.

Никој не очекувал дека оваа подморница за последен пат ќе биде видена во базата на 28 февруари 1989 година. Екипажот под команда на Јевгениј Ванин испловил на отворено море.

Доверените задачи биле успешно реализирани од екипажот и било нарачано враќање во базата. На 7 април 1989 година одеднаш избувнал пожар во меѓународните води на Норвешкото Море во седмиот оддел на подморницата додека била под вода.

2
Фото: Wikipedia

Командантот му наредил на дежурниот екипаж да го изгасне огнот. На површината никој ништо не се посомневал, додека под вода се случувала вистинска драма речиси пет часа.

Веднаш по избувнувањето на пожарот бил вклучен системот за автоматско гаснење на пожар. Но, мешавината што се користела за гаснење не била доволна за да ја контролира огнената стихија. Системот за автоматска работа на реакторот се исклучил поради пожарот.

Во седмиот оддел, пожарот ги оштетил цевките за топол воздух, кој потоа почнал да влегува во делот што гори и дополнително го разгорувал пожарот кој подоцна се проширил на соседниот дел. Пожарот избувнал и температурата станала многу висока.

Кога командантот сфатил дека пожарот не може да се контролира и дека се проширил од седмиот до шестиот оддел и дека чадот почнал да ги пополнува другите простории, наредил испуштање на водата од резервоарите за подморницата побрзо да исплива на површина.

За време на испливањето на површина се запалиле и неколку електрични инсталации. Тогаш капетанот наредил по секоја цена, дури и по цена на човечки жртви, од пожар да се заштити нуклеарниот реактор.

По повеќе од два часа откако избувнал пожарот, бил вклучен дизел-генераторот. Во тој момент, топлиот воздух од седмиот оддел влегол во главниот резервоар за баласт, поради што подморницата почнала да се ниша. Чадот влегол во системот за снабдување со свеж воздух, предизвикувајќи масовно труење на морнарите со јаглероден моноксид.

Командантот неколку пати се обидел да стапи во контакт со командантот на флотата, но не било возможно. Околу 12 часот успеал да пренесе шифрирана порака за несреќата, па биле испратени на помош авионите на воздухопловните сили на Северната флота.

Во 13:20 часот командата на Северната флота ги пренела координатите од локацијата на подморницата во базата „Алексеј Хлобистов“, која се движела кон местото на несреќата.

Во 14:40 часот над подморницата се појавил авионот „Ил-38“, но не можел да помогне. Вистинска драма се случувала во подморницата: водата почнала да продира во нејзиниот труп и да го исполнува седмиот дел. Подморницата почнала да се наведнува за околу два степени. Повеќе немало ни фреон.

Во 16:40 часот, командантот наредил екипажот да се подготви за евакуација и да влезе во спасувачката комора. Пожарот се засилил. Во 17 часот биле спуштени спасувачки сплавови, па почнала евакуација на екипажот. Еден бран го однел едниот сплав. На друг сплав, кој едвај се задржал од брановите, биле сместени ранетите и оние што не можеле да пливаат. Во 17:08 подморницата потонала на дното и со себе повлекла 5 мртви члена на екипажот, вклучувајќи го и командантот на бродот, кои се наоѓале во комората за спасување. На длабочина од околу 400 метри комората се одделила од подморницата, се појавила на површина, а потоа потонала на дното.

Драмата за преостанатите луѓе од екипажот само што почнала. Останале во вода повеќе од пет часа, уморни и во неизвесност, кога конечно се појавила базата „Алексеј Хлобистов“.

Во оваа трагедија, од 69 члена на екипажот 42 загинале. Повеќето од морнарите починале од хипотермија. Сите, и оние што загинале и оние што преживеале, биле одликувани со орден.

Како што официјално било забележано, подморницата „Комсомолац“ потонала на 97 наутички милји југозападно од Мечкиниот Остров, на длабочина од 1.500 метри.



Извор: Nationalgeographic.rs
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот