Личноста се гради во средина каде што функционира во секаква смисла, сѐ друго е залажување затоа што се случува, за жал, сѐ повеќе ученици да поминат низ средните училишта, но да излезат без елементарни знаења. Се разбира, тоа е хендикеп за целото општество – вели Ружа Наумоска-Ангелеска, професорка во прилепската гимназија „Мирче Ацев“
Гимназија или средно стручно училиште... Медицина, економско, техничка или електро струка... Ова се најчестите дилеми со кои се соочуваат полуматурантите во периодот пред претстојните уписи во средните училишта. Прашавме неколку педагози и професори како учениците полесно да ја донесат одлуката, но и како може во овој период да помогнат родителите.
Соња Славковиќ, професорка во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ од Скопје, вели дека вообичаено полуматурантите се одлучуваат за средно училиште во текот на деветтото одделение. Таа истакнува дека овој процес е многу важен бидејќи со овој избор ученикот се одредува кон својата идна професија.
- Учениците треба да бидат прво добро информирани кои образовни профили им се на располагање, кои се наставните програми и каква е проодноста на средните училишта до факултетите. Потоа да ги испитаат афинитетите кон одредени образовни подрачја, талентот и желбата за учење на одредени предмети. Дури потоа треба да се дискутира која е замислата за нивната идна професија и кој е најдобриот пат до неа – објаснува Славковиќ.
Афинитетите на учениците да се следат од градинка
Ружа Наумоска-Ангелеска, професорка во средното училиште „Мирче Ацев“ од Прилеп, исто така го дели ставот дека изборот на училиштето е еден од најважните животни патокази. Според неа, учениците треба и мора да се следат и да се насочуваат уште од претшколска возраст. Вака ќе имаат информација родителите, но и наставниот кадар за нивните интереси. Детето, пак, од друга страна, уште повеќе ќе се мотивира во соодветната област кога самото гледа и чувствува дека го стимулираат и пофалуваат од најблиското опкружување.
- Затоа, со цел да се направи вистинскиот избор на средно образование, треба пред сѐ родителите да ги препознаваат афинитетите на своето дете, да бидат искрени пред него и пред себе какви постигнувања имало во основно образование и што може да се очекува од него во средно образование. Но, не учениците по секоја цена, без разлика на нивните знаења и предзнаења, да завршуваат со одличен успех и да одат во престижно училиште за да се дружат со ученици од „повисоко ниво“ – вели Наумоска-Ангелеска.
Кога станува збор за ученик кој има поголем интерес и афинитет за одредена област, вели професорката, тогаш треба да се поддржи, да се унапредува и усовршува без разлика во кое средно училиште се запишал.
- Изборот кој е направен е оној што го исполнува ученикот и тогаш резултатите се на повисоко ниво за личноста и за пошироката заедница. Никогаш не е доцна за нов почеток, но колку поскоро, толку штетата ќе биде помала. Доколку родителот или кој било од педагошките служби забележи дека на некој ученик не му е местото во таа средина од кои било причини, треба да се замени училиштето – објаснува Наумоска-Ангелеска.
Во овој период од животот на младите важни се и постапките на родителите.
- Тие треба да му бидат поддршка на детето, да го запознаат со можностите на средните училишта, наставните планови, образовните профили и перспективите, како и да ги истакнат добрите и лошите страни на секој избор. Но, крајната одлука треба да биде на детето – вели Славковиќ.
Погрешниот избор на училиштето може да го демотивира ученикот, да не се развива со целиот потенцијал. Но, Славковиќ објаснува дека секогаш постои опцијата префрлање во друго училиште, па грешката може да се исправи.
Сѐ повеќе ученици завршуваат средно, а немаат елементарни знаења
Наумоска-Ангелеска веќе 25 години работи во гимназија и вели дека голем број ученици се запишуваат за да се дружат или нивните родители сметаат дека тоа е подобра средина за нив, не сметајќи дека тука треба да се добијат и да се прошират елементарните знаења со кои понатаму ќе се усовршуваат во идни академски граѓани. Потенцира дека помалку ученици се запишуваат во средни стручни училишта со занимања, а на крај самите се разочарани дека зеле диплома која не ќе можат да ја материјализираат.
- Личноста се гради во средина каде што функционира во секаква смисла, сѐ друго е залажување затоа што се случува, за жал, сѐ повеќе ученици да поминат низ средните училишта, но да излезат без елементарни знаења. Се разбира, тоа е хендикеп за целото општество – вели Наумоска-Ангелеска.
Таа констатира дека многу институции обрнуваат внимание на правилно насочување при изборот на образование и професија, но исто така има и системски проблем затоа што сѐ повеќе училишта се борат да запишат што повеќе ученици за да не се намали бројот на вработени.
- Тоа е една огромна пародија бидејќи, пред сѐ, потребни се коренити промени во основното образование, да не завршуваат сите ученици по секоја цена со најголема оценка, со која потоа имаат право да се запишат во кое било училиште без разлика на предзнаењата. Сакале или не, ќе мора да ги промовираме занимањата во соработка со пошироката бизнис-заедница - вели таа.
Ангелеска смета дека е потребна и практична настава во средните училишта, но и да не се фалиме колкав процент од средношколците се запишале на факултет, туку колку квалитетно го завршиле.