Професорите од велешката гимназија „Кочо Рацин“ се револтирани од дописот до нив од страна на министерот за образование, во новата учебна година да примат ученици во прва година кои се под минимумот од 60 поени, што е услов за прием во гимназиите во земјава во учебната 2023/24 година.
Како што појасни за МИА професорот Марјан Стојановски, станува збор за 16 деветтоодделенци кои се пријавиле за упис во велешката гимназија, а кои се под неопходниот минимум од 60 поени. Некои се со 59, а има и со 41 поен, за кои министерот се залага да бидат запишани во велешката гимназија. Професорите од велешката гимназија бараат од надлежните во нивната работа да не се меша политиката и да ги остават да ја работат и да ги образоваат учениците. Посебно и стриктно за сите гимназии во земјава да се почитуваат критериумите од конкурсот за упис што ги има издадено токму надлежното Министерство за образование и наука.
Професорот Стојановски од свое и од име на колегите им се извинува на родителите на овие деца и посочува дека не е ништо друго во прашање, туку единствено тоа што овие ученици се со помалку поени од неопходните 60 колку што се наведени во конкурсот.
-Секое дете има право на образование, тоа е уставно загарантирано право, меѓутоа, постојат правила, закони и критериуми. Според конкурсот за упис, во сите гимназии во земјава може да конкурираат ученици со минимум 60 поени. Во првиот уписен рок тоа во нашата гимназија „Кочо Рацин“ се почитуваше, но во вториот уписен рок се пријавија ученици со помал број на поени. Добивме допис од министерот дека треба да ги примиме овие кандидати иако не ги исполнуваат условите по конкурсот за упис - појаснува професорот Стојановски.
Тој посочува министерот да ги смени условите за упис не само во велешката, туку и во сите гимназии во земјава.
-Нека ги намали под 60 поени, па така и ние би можеле да ги примиме овие кандидати за наши ученици. Додека не се сменети условите, ние ќе направиме прекршок на законот, односно на конкурсот каде што стрикно е наведено дека кандидатот за упис во гимназија мора да има минимум 60 поени - посочува професорот Стојановски.
Воедно потенцира дека не е во ред министерот да бара упис на ученици со помалку од 60 поени само во гимназиите во Велес, Маврово Ростуше, Житоше и Долнени, а тоа да не важи за сите гимназии во земјава.
Тој и неговите колеги професори револтирано посочуваат дека со намалување на бројот на поени под минимумот само се намалува угледот на велешката гимназија, која е прва на Балканот од далечната учебна 1857/58 година, и годинава одбележува 166 години постење.
-Ова што се прави е дискриминирачки кон другите ученици. Која порака ќе ја испратиме до учениците од основно образование „не учете, ќе бидете примени во гимназијата во Велес“, посочуваат револтирано професорите од велешката гимназија „Кочо Рацин“.
Тие денеска за овој проблем разговараа и со градоначалникот Марко Колев, кој ги поддржал и им ветил дека ќе се заложи кај надлежното министерство за нивните барања и за почитување на критериумите за упис.
Извор: МИА