X
 10.05.2020 Живот

Стравот од 5Г не е ништо ново, личниот контакт со студентите е незаменлив, колку национални паркови имаме...

Зошто толку се плашиме од 5Г? Како се одвива онлајн-наставата на факултетите дознавме и од деканите, но и од студентите преку анкета на која ни одговорија. Дали знаете колку национални паркови има во нашата земја? Сè уште е неизвесно како ќе работат рестораните и кафулињата, а коронавирусот дефинитивно ќе го смени и начинот на кој пазариме во затворените трговски центри. Ова се дел од темите на кои се фокусиравме изминатата недела.



Проф. д-р Леонид Грчев


Стравот од 5Г не е ништо ново. Стравот од безжичните технологии постои откако е воведена технологијата. Но, наместо страв, потребно е да се согледа проблемот и да се предвидат мерки за безбедност на ниво на држава, вложување во науката, соодветни прописи и мерки за нивно спроведување, вели за Факултети.мк проф. д-р Леонид Грчев, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.
По бурните реакции во јавноста на терминот 5Г, масовни споделувања на снимки од пцовисани птици и теории дека антените и базните станици ќе имаат стравотни последици врз луѓето, им отстапуваме простор на научниците да објаснат што велат фактите и науката.



Онлајн-предавање на Градежниот факултет - Скопје


Онлајн-наставата е предизвик за високообразовните институции во изминатите речиси два месеца. Некаде наставните програми дозволуваат поголемиот дел од наставата да се одвива онлајн, а некаде поради природата на некои предмети, тоа не е изводливо. Прашавме одговорни на неколку наши факултети со какви предизвици се соочуваат периодов.

За наставниците и студентите на Архитектонскиот факултет од Скопје предизвикот на прекинот на наставата бил препознаен како можност за брза трансформација и дигитализација на дел од наставните процеси и административни сервиси на факултетот, вели деканот Огнен Марина. Како резултат на одличната соработка помеѓу наставниците и студентите преку Факултетското студентско собрание, успеале најголемиот дел од предметите и наставните содржини да ги преселат во дигиталниот свет.


Повеќето факултети во земјава организираат програма за учење на далечина, секој со своите можности и капацитет и на различни програми и платформи. Проблем се факултетите што имаат практична настава, како медицинските, природните науки, која не може да се реализира онлајн. Околу 25% од студентите се незадоволни од онлајн-наставата. Ова може да се заклучи од одговорите на студeнтите на нашата онлајн-анкета: Имате ли онлајн-настава? Одговори добивме од 319 студенти од повеќе државни и приватни универзитети.

На прашањето дали имате онлајн-настава на факултетот, 75,5 проценти, или 241 студент одговориле „да“, 18,2 проценти одговориле делумно, а 6,3 проценти или само 20 студенти дека воопшто немаат настава на факултетот.



Национален парк Пелистер (фото: Википедија)


Македонија неделава доби уште еден национален парк. На седница на Владата беше усвоено да почне процедурата за прогласување на Шар Планина за национален парк, а Осоговските Планини за заштитен предел. 

Дали знаете колку национални паркови има во Македонија и кој е најстариот?  Првиот прогласен национален парк во нашата земја е Пелистер, прогласен со Закон донесен од Президиумот на Народна Република Македонија на 30 ноември 1948 година. Планината Баба со врвот Пелистер повторно е прогласена за национален парк со посебен Закон во декември 2007 година. На веб-страницата на националниот парк има опширни податоци за биодиверзитетот на заштитеното подрачје.






Сопствениците и менаџерите на рестораните и кафулињата во земјава очекуваат да почнат со работа од следната недела. Иако сѐ уште нема официјални ставови од Владата во врска со начинот на кој ќе треба да работат за да се заштитат работниците и гостите, сепак, дел од нив велат дека знаат како ќе биде организирана работата.

Информациите ги добиле од внатрешни извори во институциите, некои биле консултирани од работните групи во министерствата, а дел претпоставуваат како ќе се работи од начинот на кој веќе почнаа со работа угостителските објекти во другите земји.



Елизабета Секирарска


За нас родените, раснатите и созреаните во времето на некогашната заедничка држава, првомајските спомени подразбираат еден топол, среден, сигурен и секако, поради нашата младост, прекрасен албум на фотографии. Албум кој денес го отвораме со насмевка и кој од низата сериозни години временска дистанца умееме да го раскажуваме со дупла доза воодушевување. Она што се мери во едноставната реченица: „Колку убаво беше тогаш“ и подразбира сеќавања – оние што се веродостојни чувари на едно поубаво, помирно, посигурно и подостоинствено, минато време - напиша во својата колумна професорката Елизабета Секирарска.






Празни молови, затворени продавници. Нашето секојдневие одеднаш стана поинакво. Коронавирусот внесе нови правила на однесување, дури и рутинските задачи се претворија во потенцијална опасност од зараза. Затоа, како никогаш досега, најважно е да се придржуваме до мерките за заштита од Ковид-19. 

Со постепено попуштање на мерките се очекува отворање на продавниците во моловите, што ќе резултира и со голем број посетители и купувачи. Ситуацијата е најспецифична кога станува збор за продавниците со гардероба. Луѓето ќе избегнуваат метеж или да ја пробаат облеката што претходно некој ја ставил на себе.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот