X
 27.09.2020 Живот

Онлајн-платформата не е тешка за користење, ќе набави ли државата ИТ-уреди за учениците, успесите на наши научници, македонските богатства... Што истражувавме неделава?

Како ќе работи националната дигитална платформа, ќе помогнат ли општините да се обезбеди компјутер и интернет за секое дете, кои училишта добија согласност од Владата да реализираат настава со физичко присуство, за науката и успесите на наши научници, состојбата на македонските културни и природни богатства... Ова се дел од темите на кои бевме фокусирани изминатава недела.

Во колумната „Ни тежи ли наставничкиот габарит и зошто не?“ Елизабета Секирарска вели дека над реакциите на фелата во ковид-периодов, кои покажаа дека во основа, и покрај заложбите за трансформација на класичното во современото, и покрај неоспорната насушна потреба да се менуваме во чекор со децата, во чија зона на интернет-живеење се наоѓаме сега, сепак имаме реален проблем да прифатиме дека сè се менува и дека тој пат мораме да го следиме. Еднакво како што заборавивме да ги гледаме децата за да ги видиме – да го сфатиме она што ги мачи и она што од нас го очекуваат – и во и надвор од училницата.


Елизабета Секирарска

Време е „Македонска енциклопедија“ во издание на МАНУ да се најде на рафтовите на книжарниците низ Македонија, смета академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ. Книгите не се палат, забрануваат и повлекуваат, вели тој. Колумната на проф. Коцарев прочитајте ја тука.


Академик Љупчо Коцарев / Фото: Борче Поповски

Ќе најдат ли чаре Македонија, Албанија и Грција за Преспанското Езеро? Повеќе од една година состојбата само се влошува, а државата сѐ уште само договара комисии, одбори избира членови за состаноци и работни групи, без некој видлив резултат за да се намалат последиците од големото намалување на водостојот на езерото. Пандемијата на Ковид-19 ги застана и најмалите чекори што беа планирани на почетокот од 2020 година.


Крани (фото: Macedoniafromabove.mk, 360 степени визуелен водич низ Македонија)

Државата нема да набавува ИТ-уреди за основците и за средношколците со кои треба да следат онлајн-настава од 1 октомври. Министерката за образование и наука Мила Царовска неодамна кажа дека е невозможно за кратко време да се набават 40.000 уреди, колку што се потребни за сите. Таа рече дека ќе мора сами да се снајдат во однос на набавката на овие уреди, а првенство имаат децата од социјално загрозени семејства.

Факултети.мк исконтактира со неколкумина градоначалници од помали и поголеми општини и праша дали ќе се погрижат децата да го добијат она што им е неопходно за да следат настава.


Фото: Борче Поповски

Руралните средини имаат поголеми проблеми да стигнат до стабилен интернет, урбаните се поподготвени за почетокот на новата учебна година, која за една недела ќе почне со комбинирана настава. Во сите училишта во земјава наставниците ги проследуваат обуките за онлајн-настава на националната платформа. Национални обучувачи велат дека платформата нема проблем да поддржи и до 300.000 корисници, но предупредуваат дека поради слаб интернет, училиштата може да имаат проблем.


Игор Богданоски

Не плашете се, онлајн-платформата не е тешка за користење. Но, мора да експериментирате, да пробувате и да вежбате. Да згрешите и да почнете одново. Само така ќе научите да ја користите... Ова се дел од советите на Игор Богданоски, национален обучувач за онлајн-платформата и наставник по математика во Основното училиште „Блаже Конески“ во Прилеп.


Зелена пупавка фото: Томе Јовановски

Печурки најмногу растат онаму каде што има дабова и букова листопадна шума, но и на големи шумски ливади. Во околината на Скопје печурки се собираат на Скопска Црна Гора и на Водно. Изминатиот период беше еден од најплодните за собирање печурки, токму поради поволното време, врнежите, но и сончевите денови. Но и сега времето им оди во прилог на собирачите на печурки. Социјалните мрежи се преплавени со фотографии на кои граѓаните се фалат со бројот на собрани печурки, но многумина од нив, според нивните прашања, не се познавачи на оваа област. И оваа година не помина без смртен случај како резултат на труење со печурки. Регистрирани биле и повеќе потешки случаи.



Искачување на Магаро 200 денари. Посета на островот Голем Град 200 денари. Кампување со шатор 150 денари. Со камп-приколка 200 денари. Летање со параглајдер 300 денари. Влезница за снимање за комерцијални потреби 10.000 денари. Влезница за фотографирање за комерцијални потреби дневно 3.000 денари, годишно 15.000 денари. Снимање за комерцијални потреби од воздух 20.000 денари... Ова е само дел од ценовникот на Националниот парк Галичица кој разви страшна дискусија на социјалните мрежи, ги револтира планинарите и ги налути и разбрка туристите.
Едни опасно го осудуваат овој потег на Националниот парк Галичица, други сметаат дека е сосема во ред да се наплаќа за природната убавина, реткост и единственост на Галичица.


Владата ги одобри согласностите за организирање настава со физичко присуство што ги определи Комисијата за барања поднесени од 2 до 14 септември во основните и средните училишта. Прифатен е предлогот на Комисијата согласност за настава со физичко присуство да добијат 169 училишта, од кои шест државни училишта за деца со посебни образовни потреби, едно приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта.

проф. д-р Мирко Трајковски

Научниците од Универзитетот во Женева открија дека топлината ги зајакнува коските, при што клучна улога има цревната микробиота. Ова придонесува кон иновативни перспективи во третманот на остеопорозата – ова е еден од заклучоците до кој стигна тимот во кој учествуваше и д-р Мирко Трајковски, истакнат научник и професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Женева, Швајцарија.
Остеопорозата е коскено заболување поврзано со стареењето, кое се карактеризира со губење на густината на коските, микро-архитектонско влошување на коските и зголемен ризик од скршеници (фрактури). Приближно една третина од женската популација во постменопауза е погодена од ова заболување, што го намалува квалитетот на живот и е голем проблем во јавното здравство. Преку епидемиолошки анализи, лабораториски експерименти и најсовремени метагеномски и метаболомички анализи, истражувачкиот тим под раководство на д-р Трајковски, откри дека изложеноста на топла температура (34°C) ја зголемува коскената сила, истовремено спречувајќи губење на коскената густина типична за остеопорозата. 
Научниците од Универзитетот во Женева открија дека топлината ги зајакнува коските, при што клучна улога има цревната микробиота. Ова придонесува за иновативни перспективи во третманот на остеопорозата – ова е еден од заклучоците до кој стигна тимот во кој учествуваше и д-р Мирко Трајковски, научник и професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Женева, Швајцарија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот