По вчерашниот пожар на Архитектонскиот факултет во Скопје, најважно од сè е објектот да добие струја и да се санира оштетениот покрив, бидејќи метеоролозите најавуваат дождови, вели за Факултети.мк професорот Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет. Не е оштетен кабинетот на неодамна починатиот професор и сликар Владимир Георгиевески, каде тој чуваше голем дел од своето творештво.
- Веднаш направивме увид во состојбата на кабинетот, заедно со членови од неговото семејство. Ниту едно дело не е оштетено – вели Марина.
Во вчерашниот пожар изгоре кабинетот на еден професор во пензија. Според проф. Марина, во пожарот се изгорени книги и канцелариски материјали. Не се констатирани поголеми штети.
- Од противпожарната интервенција има извесна штета на други два кабинети, еден на Архитектонскиот, друг на Градежниот факултет. Најголема штета има на покривот и тоа мора итно да се санира, бидејќи временската прогноза не ни е наклонета. Веќе се формирани работни тела, одржавме состаноци со ректоратот при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како да се спроведе сето тоа. Сè уште нема конкретна информација што го предизвика пожарот – вели Марина.
Пожарот се случи вчера наутро, додека се одржуваше колоквиум на Архитектонскиот факултет.
- Ги информираме сите студенти кои во процесот на евакуација на објектот го оставија својот работен прибор во училниците 227 и 228 (во јужното крило) и во Големата сала, дека просториите ќе останат заклучени сè до првиот работен ден, во 9 часот. Сите колоквиуми кои беа прекинати заради пожарот, односно беа планирани, ќе бидат одржани во друг термин кој ќе биде дополнително утврден во координација помеѓу студентите, предметните наставници и продеканот за наставно-научни и студентски прашања – соопшти Архитектонскиот факултет.
Предавањето на гостите-професори од Норвешка, Маријане Шулхауг и Луис Калјехас ќе се одржи вечерва, во 18.30 часот во Музејот на современата уметност во Скопје.