Македонија има исклучителен неискористен потенцијал, но, за жал, не можам да препознам никакво вреднување или манифестирање на можниот мултидисциплинарен пристап на архитектурата во нашата реалност при решавањето на мноштвото современи просторни проблеми. Со тоа, надградувањето на академско ниво го гледам исклучиво во интернационален контекст, ни сподели Марта
Марта Митева е дел од студентите што ја добија наградата за најдобар студент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Наградите за најдобро дипломираните студенти се доделуваат еднаш годишно, на по еден најдобро дипломиран студенти на прв циклус студии на секој факултет на Универзитетот во секоја учебна година. Марта дипломира на Архитектонски факултет, а наградата најдобар студент на УКИМ за неа е лично потсетување за вредноста на индивидуалниот труд, како и неуништлив показател дека негувањето на интегритетот и оддавањето на себеси при творењето е единствен начин за усовршување на сопствената личност.
- Она што можеби ме мотивираше е тестирањето на мојот академски лимит, при што магистрирав со просек 9,77 - вели Марта.
Низ процесот на образование таа секогаш била посветен и конзистентен ученик со вродена љубопитност.
- Во текот на учењето имав особена амбиција за изучување хемија, но на крај ја сослушав својата природа и се запишав на Архитектура. Оваа одлука беше резултат на созревањето и разбирањето на мојот перзистентен наклон кон креативноста и уметноста. Архитектурата беше мојот избор поради мистичноста на архитектонскиот простор која остава маргина за негово лично интерпретирање. Меѓутоа, освен оваа нејзина субјективна димензија која овозможува креативно исполнување, особено бев љубопитна за несомненото социјално влијание кое го има архитектурата врз заедниците - споделува Марта.
Изучувањето архитектура е исклучително исцрпувачки процес
Изучувањето архитектура е исклучително исцрпувачки процес кој навистина бара голема лична заложба при градењето на знаењето.
- Најголем предизвик ми беше задржувањето на одредено ниво на дисциплина во текот на целокупните студии. Оценката во индекс никогаш не беше стимулаторот, туку едноставно мојот процес на студиозно и прецизно изработување на одредени академски задачи доведе до крајниот резултат. Макотрпен е процесот при остварување успех во која било област. Архитектурата е специфична поради својата субјективност и покрај тоа што во себе ја има димензијата на фактот, при што работата на одреден проект или задача може да трае до заборав. Така што, овде жртвата беше секогаш моето лично време, физичко здравје и социјализација. Посебен предмет на кој се вложив преку многу поразвиен мултидисциплинарен пристап беше Интегративното студио во деветтиот семестар, каде што имаше особен фокус врз размислувањето за градот на повеќе нивоа на деталност и вклучување современи архитектонски и урбанистички алатки за справување со актуелниот проблем на бесмисленото ширење на градот. Тој предмет ме поттикна повеќе да се фокусирам врз проблемите на современиот свет, особено при изнаоѓањето современи одржливи решенија - вели Марта.
Македонија има исклучителен неискористен потенцијал
Нејзиниот следен чекор на професионален план е соочување со практиката на архитектурата и изучување на реалниот процес на градоградење. Нејзината амбиција вклучува усовршување на техничкото знаење и внесување на нејзиниот сензибилитет во архитектонските и урбанистички концепти и покрај сите деструктивни потези на профитерскиот урбанизам.
Ја прашавме и какви промени би сакала да внесе во архитектурата...
- Исклучително е сензитивна темата за архитектура и урбан простор во последните децении, особено во нашата земја. Цутот на една земја, ако зборуваме од призмата на архитектонската професија, меѓутоа, и според моето индивидуално размислување, може да се проследи низ продукцијата на јавна архитектура и јавен простор, чие отсуство во нашата реалност никогаш не било погласно отколку сега. Со тоа, сметам дека е исклучително важно да се потенцира и иницира грижа за есенцијалноста на јавната архитектура и јавниот простор во градењето подобро суштествување на секоја индивидуа - објаснува Марта.
Таа планира своето академско образование да го продолжи надвор од Македонија.
- Македонија има исклучителен неискористен потенцијал, но, за жал, не можам да препознам никакво вреднување или манифестирање на можниот мултидисциплинарен пристап на архитектурата во нашата реалност при решавањето на мноштвото современи просторни проблеми. Со тоа, надградувањето на академско ниво го гледам исклучиво во интернационален контекст - ни сподели Марта.