X
 10.06.2019 Наша тема

Ирена Стојчески го шминка и му е бизнис-партнер на Стив од „Беверли Хилс 90210“!

Ијан сѐ уште ја има таа насмевка од милион долари. А кога дознав дека ќе се сретнам со неговите пријатели од серијата, бев воодушевена, вели Ирена Стојчески, професионална шминкерка од Њу Џерси која неколку години соработува со Иjан Зиринг


Брендон и Стив ѝ биле омилените ликови од мегапопуларната серија „Беверли Хилс“. Ни на сон не ѝ дошло дека еден ден и професионално ќе соработува со еден од нив, со славниот Иjан Зеринг. Родена е во Њу Џерси од родители Македонци. Мајка ѝ е од Штрбово, Преспанско, а татко ѝ од Могила, Битолско.
Ирена Стојчески денес го живее својот сон. Одлучила да излезе од здодевното работно место како сметководител и да се занимава со нешто што ѝ донело големо задоволство и нова возбуда во работата. Шминкањето на нејзините пријателки веќе била солидна основа за да продолжи со професионална шминка.


Ирена со Ијан

Во 2012 година дала отказ и почнала да се прашува што да работи следно, а да се чувствува подобро.
- Работев во канцеларија без да си ја исполнувам мојата страст. Откако ја напуштив работата, останав да се прашувам што би го исполнило мојот сон. Јас веќе се занимавав со шминкање на пријатели и членови на семејството и толку многу уживав во тоа, што решив да се стекнам со сертификат и да почнам професионално да шминкам. Работев во Њујорк со независни филмски актери и лични клиенти, но во 2016 година почнав да работам со повисоко профилирани актери, меѓу кои Џон Бредли од „Игра на троновите“ и Вирџинија Мадсен од филмот „Радост“. Во 2016 година ме ангажираа да работам на „Сан Диего комик кон“ (мултижанровски забавен саем посветен на стрипови и на ТВ-серии) и тогаш првпат почнав да работам со Ијан Зиринг, Тара Рид и други актери. Оттогаш работам со Иjан на различни настани што ги работи во Њујорк и „Комик кон“ секоја година. Исто така сум работела со актерите Ен Хеџ, Ралф Макио, Миранда Ричардсон, Полијана Мекинтош – раскажува Стојчески.



Работејќи со Зиринг, таа можеше и да се дружи со екипата на фотосесијата што беше организирана во Њујорк, а по повод снимањето нови продолженија на хит-серијата.
- Не работев директно со тимот на „Беверли Хилс 90210“, но работејќи со Иjан, можев да поминам време со тимот и беше прекрасно. Отсекогаш сум била обожавател на серијата и фактот што имав можност да поминам некое време со овој тим беше како да ми се остварил детскиот сон. Апсолутно бев возбудена. Ијан сѐ уште ја има таа насмевка од милион долари. И кога дознав дека ќе се сретнам со неговите пријатели од серијата, бев воодушевена – вели Ирена и додава дека и актерката Тори Спелинг е дел од бизнисот со професионална шминка, заедно со Зиринг.


Ирена, со и без шминка

Признава дека професионализмот во тој свет е приоритетен.
- Секој актер и актерка со кои сум работела биле максимално професионален. Сите тие ми ја направиле мојата работа уште позабавна и поинтересна. Ијан е забавен, никогаш не е лошо расположен и секогаш се труди да уживаме додека работиме. Уживам да ги слушам неговите приказни и неговите мудри совети за градење успешен бизнис. Друга интересна личност е Тара Рид. Таблоидите не ја третираат баш добро, не добива фер публицитет, но таа е многу забавна за соработка. Со неа никогаш не сум имала лошо искуство. И третиот е Џон Бредли, тој е Семвел Тарли од „Игра на троновите“! Популарноста што ја има серијата  не му влијаела лошо. Ми беше големо задоволство да работам со него - се потсетува таа.



Откако работела три години со Иjан, тој ја побарал да биде дел од неговиот тим за продажба во неговата мултимилионерска компанија.
- Неговата компанија работи во повеќе од 50 земји во светот. Додека нивните производи за здравје и убавина се уникатни и револуционерни, можноста за бизнис ме возбуди. Работејќи со Ијан како ментор, создадов фантастична мрежа на потрошувачи, но им помогнав и на други во нивните лидерски позиции. Затоа што вашиот успех доаѓа кога им помагате и на другите да бидат успешни. Кога работата не ја чувствувате како работа, тогаш го живеете вашиот сон - категорична е Ирена.


Ирена го шминкала и британскиот актер Џон Бредли од „Игра на троновите“

Тој е одговорен за директна продажба на бренд-шминки и производи за нега на кожата. Почнал да работи во оваа компанија, па потоа се шири мрежата на продавачи.

Љубезни, пријателски настроени, забавни, кул и многу приземни – тоа ѝ е впечатокот за ѕвездите од „Беверли Хилс“.


Ирена со своето семејство


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема