Потребна е поголема достапност на лекови за третирање зависност и предозирање со дроги во земјава
Во земјава постојат програми за третман на опијатна зависност во повеќе градови каде што се лекуваат лица со примарна зависност од опијати. Меѓу нив има лица што употребуваат и други дроги, а лекувањето главно се прави со двата лека „бупренорфин“ и „метадон“, открива проф. д-р Лилјана Игњатова од Катедрата по психијатрија при Медицинскиот факултет - Скопје.
- Овие програми се за полнолетни лица иако во некои градови, на пример, во Битола, а во минатото и во Скопје, се лекуваат и малолетни лица. Вакви програми има и во најголем број од затворите иако таму поголема е пристапноста до „метадон“ отколку до „бупренорфин“ – вели Игњатова.
„Бупренорфинот“ сè уште не е регистриран во Македонија во инјекциона форма и имплант, но го има во форма на сублингвална таблета, покажува регистарот на лекови на Министерството за здравство.
Во Македонија недостига специфична програма за малолетни лица кои употребуваат дрога, како и програми за употреба на други дроги како марихуана, кокаин, амфетамин, а не постои ниту програма за третман на двојна дијагноза, односно зависност и други ментални растројства, вели Игњатова. Во Скопје единствена болница што ги прима овие пациенти е Психијатриската болница -Скопје, но нема специфично одделение за овие коморбидни состојби.
Проф. д-р Лилјана Игњатова
Прва помош при предозирање
Постои и лек кој се користи за спречување смрт од предозираност, а тоа е „налоксон“. Овој лек кај нас го има само во ампуларна форма, а во светот го има и во форма на назален спреј кој е полесен за аплицирање, објаснува Игњатова. Тој не создава зависност и не постои ризик од злоупотреба, додава таа.
Овој лек спасува живот кога ќе се даде во случај на предозираност, па затоа е пожелно секој корисник на дроги што употребува опијати лично да го поседува. Меѓутоа, кај нас „налоксон“ поседуваат само брза помош и центрите за лекување зависности, открива Влатко Деков, менаџер за застапување во невладината организација „ХОПС - Опции за здрав живот Скопје“. ХОПС работи на активности за спречување предозирање преку едукација на лицата што употребуваат дроги.
Податоци од Европскиот мониторинг-центар за дроги и зависности од дроги покажуваат дека во 12 европски земји, вклучувајќи ги и Австрија, Франција, Германија, Италија и Шведска, постојат програми за дистрибуција на „налоксон“ помеѓу корисниците на дроги. Во одредени земји, како Франција, лекот може да се купи во аптека без лекарски упат.
Во последната национална стратегија за дрога на Македонија, која е за периодот од 2014 до 2020, се предвидува подобрување на достапноста на „налоксон“, особено преку итните медицински служби, без дополнителни детали.
Што доведува до предозирање?
Според Деков, една причина за предозирање со дроги е индивидуална и се однесува на искуството и практиката на личноста што користи дроги. Ако лицето нема доволно искуство и како резултат на тоа постојано зема поголема количина дрога, може да дојде до предозирање. Другата причина произлегува од тоа колку дилерите ја мешаат дрогата со други супстанции, вели тој.
- Во вакви ситуации предозирањето најчесто настанува кога се менува чистината на дрогата што се употребува, односно кога лицето ќе земе дрога чија чистота е поголема од вообичаената. Тоа значи дека лицето зело повеќе активна супстанција и доаѓа до труење на организмот – вели Деков.
На веб-страниците на релевантните владини институции не може да се најдат податоци за смртните случаи поврзани со користење дроги, а нема ниту содржина со која корисниците и нивните блиски може да се информираат за да спречат предозирање.
Влатко Деков
Здруженијата на граѓани што работат со луѓе кои употребуваат дроги постојано вршат едукација за спречување предозирање и што треба да се направи кога некој ќе се предозира, додава Деков.
Според последните податоци на веб-страницата „Аур ворлд ин дејта“, во 2019 година во светот имало 128.083 смртни случаи поради нарушувања предизвикани од употреба на дроги. Се претпоставува дека овој број е поголем доколку се земат предвид нерегистрираните случаи, но и смртните случаи поврзани со употреба на дрога како самоубиство.
Податоците на оваа веб-страница покажуваат дека во нашата земја во 2019 имало 13 смртни случаи поради злоупотреба на дроги. Последните 20-ина години бројот на годишни смртни случаи поради злоупотреба на дроги кај нас се движи околу 10.