X
 12.09.2019 Технологија

„Гугл“ конечно ќе ги забрани опасните реклами за чудесни лекови

„Гугл“ најави дека ќе воведе нова политика за реклами за лекови со која ќе им се забрани на продавачите да продаваат недокажани или експериментални терапии, вклучително и многу терапии со матични клетки и гени.

- Забележавме зголемување на бројот на лица што се обидуваат да искористат други лица нудејќи нетестирани и лажни терапии. Честопати овие терапии може да доведат до опасни последици врз здравјето и ние чувствуваме дека нивното место не е на нашите платформи - истакнаа од „Гугл“.

Сепак, „Гугл“ не ги забранува сите реклами за најновите терапии. Од компанијата ги уверуваат корисниците дека и во тој дел има добри луѓе што прават важни истражувања кои може да доведат до голем напредок во медицината.

Компанијата ќе им дозволува на медицинските истражувачи да ги промовираат нивните пронајдоци на експериментални терапии преку реклами, а и ќе прифаќа реклами од истражувачи кои бараат учесници во поврзани клинички испитувања.

Експертите, исто така, ја поддржуваат одлуката на „Гугл“, па и претседателот на Меѓународното друштво за истражување на матични клетки, Дипак Сривастава, даде свој придонес во објавата на „Гугл“.

- Новата политика на „Гугл“ со која се забрануваат рекламите за шпекулативни лекови е потребен и добредојден чекор за ставање под контрола на рекламите за бескрупулозни медицински производи, како што се недокажаните терапии со матични клетки. Иако матичните клетки имаат голем потенцијал да ни помогнат да разбереме и да лекуваме многу различни болести, повеќето интервенции со матични клетки остануваат експериментални и треба да им се нудат на пациентите само преку добро регулирани клинички испитувања - истакна Сривастава.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија