Кој бил најозлогласениот наркобос во историјата? Многумина би рекле дека тоа е Пабло Ескобар или можеби Ел Чапо, но би згрешиле. Повеќе од сто години пред тие луѓе воопшто да се родат, имало една неверојатно моќна жена што управувала со толку големо и лукративно царство на дрога што Ескобар и Ел Чапо во споредба со неа се како улични дилери од низок ранг.
Дополнително, таа не била принудена да живее во некое оддалечено место скриено во џунгла, опколена со вооружени чувари, бидејќи никој не се ни обидувал да тргне во акција против неа. Не морала да ја крие незаконската заработка од даночните власти затоа што приходот од нејзината трговија со дрога ја финансирал целата држава. И не морала да се грижи дали ќе заврши в затвор бидејќи сите што имале моќ да казнат злосторници поврзани со дрога биле на нејзината платна листа, пишува британски „Тајм“, пренесувајќи приказна од книгата „Историја на човештвото под дрога: Целосно скандалозен, но вистинит поглед на историјата под дејство“ од авторот Сем Кели.
Таа жена е, ни помалку ни повеќе, Викторија, кралицата која го водела Британското Кралство.
Како голема љубителка на дрогата, имала само 18 години кога седнала на престолот и редовно уживала во широката палета на тогашните лекови.
Пиела течен канабис за да ги ублажи менструалните болки
Опиумот бил еден од нејзините фаворити, но не го пушела од луле. Во Британија во 19 век современиот начин на негова консумација бил во облик на лауданум. Таа комбинација од опиум и алкохол се користела за ублажување на болката и непријатноста, без оглед на причината. Тоа бил своевиден аспирин пред аспиринот, а угледните лекари дури и го препорачувале за мали деца кога им растеле заби. Кралицата Викторија како тинејџерка секое утро пиела голема голтка лауданум, верувајќи дека тоа е идеален начин за започнување на денот.
Кокаинот бил уште еден од нејзините омилени. Во тоа време не бил илегален, туку новина, а Европејците само што почнувале да го користат. Во 19 век имало многу начини за негова консумација, но кралицата Викторија особено сакала гуми за џвакање и вино. Гумите за џвакање со кокаин биле совршени за ублажување на забоболка и болни непца, што не е изненадување, со оглед на катастрофалната состојба на британската дентална хигиена во тоа време, а покрај тоа, давале и силно чувство на самодоверба. Тоа било многу корисно ако сте млада и неискусна кралица, која се трудела да остави впечаток на одлучна и самоуверена владетелка.
Таа користела и други дроги. По совет на лекар, пиела течен канабис за да ги ублажи менструалните болки. А за да може полесно да ги поднесе породилните болки, со одушевување го прифатила хлороформот. Држела марамче натопено во него на лицето цели 53 минути и подоцна тоа искуство го опишала како прекрасно. Историчарот и автор Тони Мекмахон сето тоа го свел во една реченица во списанието „Смитсониан“: „Кралицата Викторија, по сите стандарди, навистина ги сакала своите дроги“.
Нејзината лична консумација на тогаш легалните супстанции била огромна, но младата кралица не сакала да ја задржи таа љубов само за себе, туку одлучила да ја сподели со светот, без разлика дали другите сакаат или не.
Од моментот кога била крунисана во 1837 година, Викторија наследила проблем со кралски размери: Британците пиеле премногу чај. Тоа не би било проблем да не доаѓал од Кина. Просечно лондонско домаќинство трошело пет отсто од своите приходи на кинески чај, а Британија немала речиси ништо што би можела да понуди за возврат за тргување. Кина се богатела и на Британците очајно им требало нешто што нејзините жители би го сакале.
Опиумот ги исполнувал сите критериуми за тоа. Британија го имала во изобилство бидејќи растел во Индија, која тогаш била британска колонија, благодарение на влијанието на Источноиндиската компанија. Бил исклучително ефикасен аналгетик и Кинезите биле спремни да платат вртоглави цени за него. Но, опиумот создавал исклучително јака зависност. Луѓето речиси веднаш станувале зависни, што на Британците им овозможило уште повеќе да ги зголемат цените. Британија со години извезувала опиум во Кина, но количината експлодирала откако кралицата Виктроија седнала на престолот.
Благодарение на опиумот, трговската нерамнотежа се свртела преку ноќ
Кина била принудена да го врати сето сребро што Британците го потрошиле на чај и многу повеќе, па очајнички се обидувала да ја запре трговијата со опиум. Иако тој тогаш бил илегален во Кина, законите не се спроведувале доследно, па владата почнала да воведува построги мерки.
Царот за таа задача го избрал најдоверливиот човек: Лин Ѕесу, научник, филозоф, гувернер и општ миленик. Неговата мисија била да го запре дотокот на опиум по секоја цена. Се обидел по дипломатски пат, но без успех. Напишал писмо до кралицата Викторија, истакнувајќи ја неморалноста на британското однесување - Кина во Британија праќала корисни и вредни производи како чај, свила и керамика, а Британија за возврат праќала отров кој претворал милиони невини луѓе во зависници.
Но, Британското Кралство немало намера да се откаже од плодниот бизнис бидејќи тогаш продажбата на опиум носела меѓу 15 и 20 проценти од вкупните годишни приходи.
Кралицата не го ни прочитала писмото, па Ѕесу морал да пронајде друг начин за да ѝ го привлече вниманието. Пролетта 1839 година пресретнал флота британски бродови, запленил огромна пратка опиум и им наредил на своите војници да ја фрлат во Јужнокинеското Море.
Овој пат кралицата забележала. Треба да се има дека таа тогаш имала само 20 години и била научена сè да биде по нејзино. Кога Ѕесу и неговите луѓе фрлиле опиум вреден 2,5 милиони фунти во морето, Викторија реагирала онака како што би реагирал секој разгален кралски тинејџер - ѝ објавила војна на Кина. Така започнала Првата опиумска војна.
Векот на кинеското понижување
Британските сили ја прегазиле кинеската војска и масакрирале десетици илјади Кинези. Царот немал избор освен да потпише таканаречен мировен договор со кој на Британија ѝ е предаден Хонгконг, отворени се дополнителни пристаништа за слободна трговија со опиум и доделен им е имунитет на британските државјани во Кина.
Целиот свет го гледал тоа. Кинеското Царство долго време се сметало за застрашувачка и непоколеблива сила, но тогаш тоа се сменило. Младата и гневна кралица му докажала на светот дека Кина може да биде поразена и така започнал периодот кој научниците го нарекуваат векот на кинеското понижување.
Така зајадливата британска тинејџерка ја фрлила на колена прастарата цивилизација. Не ѝ било гајле за тоа што ќе умираат голем број луѓе низ светот сè додека има сребро. Токму тој немилосрден и бесрамен личен интерес ја направил кралицата Викторија најуспешниот наркобос на сите времиња.
Интересно е што иако искрено верувала дека кокаинот е безбеден и здрав стимуланс од кој нема штетни последици, Викторија одбивала да им го продава на Кинезите. Со задоволство би им го продала сиот опиум на светот, сакале тие или не, но кокаинот не го давала.
Извор:
Tportal
Фото: Pixabay