Дата-центрите се инфраструктура на дигиталната економија. Тие стојат зад услугите во облак, вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста, дигитализацијата на јавните услуги, паметните енергетски системи и конкурентната индустрија. За Македонија, тие можат да бидат развојна можност ако уште на почетокот се постават јасни правила за енергијата, водата, животната средина и конкретната корист за домашната економија, истакнува Наташа Марковска, научен советник во Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ
Наташа Марковска е научен советник во Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ и професор по енергија и климатски промени на Факултетот за електротехника и информациски технологии при УКИМ. Уредник и гостин-уредник во водечки научни списанија на Elsevier од областа на одржливиот енергетски развој. Подетално со Марковска разговараме околу тоа која е реалната општествена корист за Македонија од ваквите дата-центри? Колку електрична енергија би трошеле овие центри и дали македонскиот енергетски систем може да ги поддржи без дополнителен притисок? Какви последици би имале врз животната средина и слично.
- Дата-центрите се инфраструктура на дигиталната економија. Тие стојат зад услугите во облак, вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста, дигитализацијата на јавните услуги, паметните енергетски системи и конкурентната индустрија. За Македонија, тие можат да бидат развојна можност ако уште на почетокот се постават јасни правила за енергијата, водата, животната средина и конкретната корист за домашната економија. Според Меѓународната агенција за енергија, потрошувачката на електрична енергија од дата-центри глобално се зголемила за повеќе од 15 % меѓу 2024 и 2025 година и достигнала речиси 500 TWh, односно нешто над 1,5 % од светската потрошувачка на електрична енергија. Во основното сценарио, до 2030 година таа би достигнала околу 950 TWh, или околу 3 % од глобалната потрошувачка. Растот е значаен, но тој се случува во поширок процес на забрзана електрификација на греењето, транспортот, индустријата и дигиталните услуги - објаснува Наташа Марковска.
Потрошувачката на енергија бара планирање однапред
- За илустрација, дата-центар со моќност од 100 MW, ако работи непрекинато 24/7 со полна моќност, би трошел околу 0,9 TWh електрична енергија годишно. Тоа е сериозна количина за македонскиот систем: во 2024 година Македонија произвела околу 6,3 TWh електрична енергија и била нето-увозник, со разлика од околу 0,7 TWh меѓу увозот и извозот. Практично, еден ваков дата-центар би имал годишна потрошувачка за околу една четвртина поголема од целиот нето-увоз на електрична енергија во 2024 година. Токму затоа ваквите инвестиции треба да се планираат однапред - со енергетска студија, анализа на мрежата и јасни правила за приклучување - објаснува Марковска.
Со енергетската транзиција Македонија и без дата-центри ќе има сè поголема потреба од електрична енергија.
- Во последните години има забележлив продор на фотонапонски капацитети, што е добра основа, но не е доволно. Следниот чекор треба да биде регулаторна рамка што ќе овозможи уште побрза и поорганизирана изградба на обновливи извори, особено сонце и ветер, заедно со инвестиции во мрежата, складирање, балансирање и паметно управување со потрошувачката. Особено важно е дата-центрите да не ги зголемат трошоците за електрична енергија на домаќинствата и индустријата. Затоа правилата треба да бидат јасни: инвеститорот да ги покрие трошоците за приклучување, а соодветната даночна политика кон дата-центрите да создаде јавни приходи што можат да се насочат кон зајакнување и модернизација на мрежата. Само така новите големи потрошувачи можат да се вклопат во системот без дополнителен притисок - истакнува нашата соговорничка.
Дата-центрите можат да ја поддржат енергетската транзиција
Според неа, во таква рамка дата-центрите можат да ги поддржат декарбонизацијата и дигитализацијата на енергетскиот сектор, ако се постават како дел од поширока развојна стратегија.
- Тие се големи и предвидливи потрошувачи, што може да даде економска логика за нови инвестиции во чиста енергија, батерии и подобро управување со мрежата. Иако флексибилноста им е ограничена, со дел од нивното оптоварување може да се управува и така да се придонесе за подобро балансирање на електроенергетскиот систем. Истовремено, дата-центрите ја обезбедуваат дигиталната инфраструктура потребна за паметни мрежи, анализа на големи податоци, прогноза на производство и потрошувачка и примена на вештачка интелигенција во енергетиката - изјавува Марковска.
Водата, животната средина и локацијата се клучни предизвици
Водата е вториот голем предизвик. Големите дата-центри можат да користат значителни количини вода за ладење, особено ако се применуваат испарувачки системи, подвлекува Наташа.
Таа нагласува дека ваков објект не треба да се постави таму каде што водата е веќе ограничен ресурс или каде што локалното население и земјоделството би биле ставени во конкуренција со нов голем потрошувач на вода. Пред да се донесе одлука, треба да има јавна анализа на достапноста и влијанието врз водните ресурси: извор на вода, сезонски ризици, влијание врз локалните ресурси, можност за користење техничка или прочистена вода и јасни лимити за потрошувачка.
- Еколошкото влијание на дата-центрите ќе зависи од технологијата, изворот на електрична енергија и начинот на реализација. Современите системи за ладење, особено течното ладење кај новите дата-центри наменети за вештачка интелигенција, можат да ја подобрат енергетската ефикасност и да ја намалат потребата од вода за ладење. Стандардите мора да бидат поставени однапред. Тоа значи користење најдобри достапни технологии, задолжителна процена на влијанието врз животната средина, транспарентно известување за потрошената енергија и вода, план за управување со отпадната топлина, со можност за нејзино искористување каде што тоа е оправдано, како и контрола на бучавата, електронскиот отпад и резервните системи за напојување. Изборот на локација треба да биде стратешко прашање. Предност треба да имаат локации со постојна енергетска и мрежна инфраструктура, можност за искористување на отпадната топлина и минимален притисок врз водните ресурси, локалното население и животната средина - објаснува Марковска.
Добро планиран дата-центар може да донесе поширока општествена корист
Кога станува збор за работните места, таа потенцира дека тие треба да се гледаат реално. Дата-центрите се капитално интензивни објекти со ограничен број директни работни места во оперативната фаза. Но работните места што ги создаваат се висококвалификувани: електроинженери, машински инженери, ИТ-администратори, експерти за сајбер-безбедност, енергетски менаџери, техничари за ладење, мрежни инженери и специјалисти за одржување. Затоа една од најголемите домашни придобивки може да биде развојот на кадар преку соработка со универзитетите, стручните училишта, обуки, практикантски програми и сертификација.
- Добро планиран дата-центар може да донесе подобра дигитална инфраструктура, поголема поврзаност, даночни приходи, развој на локални услуги, поддршка за стартапи и примена на вештачка интелигенција во енергетиката, здравството, образованието и индустријата. Користа треба да биде договорена и видлива за домашните компании, универзитетите, истражувачките центри, стартапите и локалните заедници. Транспарентноста е предуслов за јавна поддршка. Ако граѓаните слушнат само дека доаѓа голем потрошувач на електрична енергија и вода, природно ќе се појави отпор. Довербата се гради со податоци: колку енергија и вода ќе се користат, од каде ќе доаѓа енергијата, кои стандарди ќе важат, кој ги покрива трошоците за приклучување, дали и како јавните приходи од дата-центрите ќе се насочат кон мрежата и каква корист ќе имаат граѓаните и домашната економија - дополнува нашата соговорничка.
Според неа, Македонија има можност да постави добар пример за регионот.
- Ова не е изолиран тренд: во регионот веќе се најавуваат и многу поголеми проекти, како проект од редот на 1 GW во Хрватска, најавен заедно со соларна централа, батерии и инфраструктура за интеграција на обновлива енергија. Шансата постои и треба да се искористи со паметно планирање, силни институции и одговорни инвеститори - подвлекува Наташа Марковска.
Фото: приватна архива; magnific