X
 11.04.2020 Живот

Естрадата банкротира поради коронавирусот: Откажавме настапи дома и во странство, изгубивме илјадници евра

Состојбата со Ковид-19 ја погоди естрадната дејност, исто како и другите бизниси што не трпат изолација и полициски час. Изведувачите потенцираат дека нивната работа е целосно запрена, а загубите се големи во секоја смисла.

Особено се погодени естрадните уметници што живеат од музиката и настапите и немаат друга опција за егзистенција. Доколку оваа ситуација потрае, може да дојдат во незавидна материјална положба.

Според процената на Петар Младеновски, фронтмен на ,,Суперхикс“, бендот ќе ја замрзне својата активност со настапи и со подготовка на нов материјал неколку месеци.

- Ќе изгубиме неколку настапи во Бугарија, Хрватска, Словенија, а многу повеќе во Македонија. Штетата е илјадници евра. Спонзори одамна нема, со исклучок на повремени „добродетели“ кои се уфрлуваат на проекти. Е сега, има тука една добра работа! Во оваа изолација креативците и авторите можат да извлечат максимум од својот потенцијал и да творат на мир. Јас го користам ова време токму за тоа. Верувам дека наскоро ќе помине ова лудило. Парите и така ќе отидат. Песните ќе останат и сеќавањето на едно време за преиспитување - вели Младеновски.

Први ја почувствувавме рестрикцијата

Настапите, плановите и концертите на Дани Димитровска пропаднаа пред да се прогласи вонредна состојба и полицискиот час.

- Ние први ја почувствувавме рестрикцијата. Моите концерти закажани на 14, и 21 март и на 4 април во домовите на култура низ Македонија беа откажани на почетокот од март. Видеото планирано за нова песна е стопирано. Во моментов актуелни се минималните плати и економските распределби, почитувам и се надевам на сечие добро. Трпеливо го чекам нашиот ред, иако можеби на крај. Не се разбирам од државнички, економски работи, има надлежни за тоа, постапувам по препораки, почитувам закони и верувам во рамноправност. Тоа во што единствено сум сигурна е дека во целиов овој хаос сите сме заедно.

Дани Димитровска


На исто. „Пола за тебе, пола за мене“ ни е последната лекција. И сè додека не ја научиме, ќе постои незадоволство. Седам дома како и сите. Ми удираат шлаканици човечките дејствувања, во тоа зошто и уште колку ќе грешиме како род. Користам лист и молив за промена, го сакам мојот дом и знам дека сето ова ќе помине. Ќе преживееме, но дали ќе научиме едно четиво што се вика единство и солидарност, е прашањето што повеќе ме мачи - вели Димитровска.


Тамара Тодевска, поради коронавирусот, откажа неколку концерти низ Македонија и настапи во Амстердам и во Лондон.

- Но, од друга страна, тоа значи и повеќе време поминато со моето семејство. Деновиве се подготвувам за концерт од дома за Евровизискиот канал на „Јутјуб“. Окупирана сум и со финална селекција на песните за мојот трет студиски албум. Дарко Димитров, Лазар Цветковски и Роберт Билбилов подготвија одлични песни и едвај чекам да ги споделам со моите фанови - открива Тодевска.

Немаме здружение за да нè заштити

Според Андреј Ѓорѓиевски од дуото ДНК, музиката е една од најзасегнатите гранки во оваа ситуација поврзана со коронавирусот.


Ни пропаднаа повеќе настапи во Македонија и еден во Швајцарија

- Нашата работа е поврзана со многу луѓе што доаѓаат на концертите и настапите. Ни пропаднаа повеќе настапи во Македонија и еден во Швајцарија. Се надеваме дека ќе имаме можност да се дружиме со публиката барем во летниот период. За среќа, ја снимивме новата песна „Јави ми“ пред да се влоши ситуацијата. Имаме сочувано средства од спонзорите со кои соработуваме, па се надевам дека ќе снимиме и спот за неа. Се трудиме со сопругата времето поминато во излолација да го направиме понормално за нашата ќерка Јана, за да не ја почувствува разликата од нејзиното секојдневие пред полицискиот час. За среќа, живееме во куќа со двор, па може да излеземе на чист воздух. Свирам на гитара, пееме, гледаме филмови.


Слична е состојбата и кај диџеите. Зоран Ристевски појаснува дека неговата фела е во исклучително лоша ситуација во овој период бидејќи не успеале да создадат агенција или свое здружение.

- За среќа, неколку сопственици на барови и клубови ми се јавија и ми рекоа ако ми се потребни пари, во кое било време да се обратам кај нив. Ме израдуваа бидејќи тој гест го направија сопствениците на местата каде што сум резидент. Оваа моја диџеј-позиција има и една поинаква смисла. Но, за доброто на сите мои колеги, сметам дека мора да имаме своја асоцијација со која ќе ги заштитиме нашите интереси - посочува Ристевски.

Зоран Ристевски

Настапите по кафеани и свадби, како и концертни активности во македонската дијаспора, за дел од фолк-изведувачите се единствена егзистенција. Според пејачот Благоја Грујовски, загубите се големи од секој аспект.

- Оваа состојба ја погоди естрадната дејност исто како и сите други. Некои служби и бизниси донекаде можеби функционираат отежнато, ама нашата работа е сосема запрена.

Според пејачот Благоја Грујовски, загубите се големи

Особено се погодени естрадните уметници што немаат друга опција и доколку ова потрае, може да дојдат во незавидна положба. Во овие услови на намалено движење нема многу можности ни за продукција. Едноставно треба да имаме трпение да помине оваа планетарна катастрофа и да продолжиме со нормален живот и работа - завршува Грујовски.

Подготвил: Соња Алексоска Неделковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот