X
 18.11.2020 Здравје

Необичен случај во Австралија - деца развиле антитела, а не биле позитивни на Ковид-19

Од почетокот на пандемијата на коронавирусот научниците анализирале и се увериле дека децата имаат помали шанси да ја развијат болеста Ковид-19, иако причините за тоа сè уште не се јасни. Но, сега необичен случај во Австралија може да обезбеди уникатен увид во мистеријата благодарение на искуството на семејство од Мелбурн.

Во ова семејство со 5 члена двајцата родители се разболеле од Ковид-19 откако присуствувале на свадбена церемонија во друг град каде што не ги повеле своите деца. Сепак, симптомите не се појавиле во првите неколку дена откако се вратиле од патувањето. Го донеле вирусот во својот дом и ги изложиле своите деца на него. Откако и двајцата родители развиле симптоми – кашлица, затнат нос, треска и главоболка – целото семејство било тестирано. Резултатите на родителите биле позитивни. Тестовите на децата, пак, дале негативни резултати.

- Тоа беше неверојатно бидејќи тие поминаа една и пол недела со нас додека ние бевме ковид-позитивни - изјавила мајката Лејла Савенко.

Но, изненадувањето е уште поголемо. Здравствените работници побарале од семејството повторно да се тестира, а резултатите на децата повторно биле негативни, иако две од момчињата во семејството (возраст 9 и 7 години) имале полесни симптоми.

Најмалото дете, 5-годишна ќерка, немало симптоми иако повремено спиело во ист кревет со родителите додека биле болни (физичката дистанца не се применувала во нивниот дом за време на карантинот). Интригирани од негативните резултати на децата, истражувачите побарале од семејството да учествува во студија за да се анализираат примероци од нивната крв, плунка, столица и урина, како и да се земаат брисеви од носот и грлото на секои 2 до 3 дена. И покрај константните негативни резултати на децата, истражувачите откриле специфични SARS-CoV-2 антитела во плунката на сите членови на семејството, како и во деталните серолошки тестови.

Со други зборови, децата никогаш не биле позитивни на вирусот, но одредената изложеност на него поттикнала да се создаде имунолошки одговор во нивниот организам, а очигледно никое од децата не ја развило инфекцијата. - Најмалото дете, кое воопшто не покажало симптоми, имало најголем одговор преку антитела - вели имунологот Мелани Ниланд од институтот за истражувања кај деца „Мурдок“.



И покрај активните одговори на имунитетот на сите деца, нивоата на цитокини, молекуларните гласници во крвта кои може да поттикнат воспалителна реакција, останале на ниско ниво. Ова било конзистентно со нивните лесни или никакви симптоми. За среќа, сите членови на семејството оздравеле и не им била потребна болничка нега. Механизмот што стои зад одговорот на имунолошкиот систем кај децата не е целосно разбран, но сфаќањето како и зошто нивниот имунолошки систем реагирал на тој начин може да донесе увид во целата ситуација со децата и Ковид-19.

- Оваа студија е нашиот прв чекор на навлегување во тематиката во однос на имунолошкиот систем кај децата, за да се види кои компоненти одговараат на вирусот. Фактот што овие деца можеле да го исклучат вирусот без воопшто да покажат позитивен резултат за неговото присуство покажува дека имаат некои нивоа во нивниот имунолошки систем кои може да одговорат и ефективно да се справат со вирусот, без воопшто и да се разболат - вели првиот автор на студијата, педијатарот Шидан Тосиф од универзитетот во Мелбурн.

Истражувачите сметаат дека децата всушност биле инфицирани со вирусот, но нивниот имунолошки систем некако е способен да создаде антивирусен одговор кој е многу ефикасен во спречување на размножувањето на вирусот, што не е случај кај нивните родители. Тој одговор бил толку ефективен, што ја спуштил присутноста на вирусот на толку ниско ниво што неговото присуство не се детектирало дури ни со ПЦР-тестирањето.

- Сега се поставува прашање колку е сензитивен самиот ПЦР-тест и за моменталната дијагностика која подразбира серолошко тестирање кај децата - велат истражувачите.

Лејла Савенко и нејзиното семејство едноставно се среќни што целата ситуација е зад нив, па се задоволни и што дале придонес за подобро сфаќање на овој нов вирус кој се рашири низ светот.

- Имаше изненадувачки момент во сето ова и покрај тоа што децата беа негативни, а сепак развија антитела. Да можевте само да ги видите лицата на лекарите. Беа целосно воодушевени и возбудени што дојдоа до вакво откритие - вели Савенко.

Автор: Питер Докрил
Извор
фотоизвор: sciencealert.com

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје