„Крвавата Месечина“ со векови будела страв и восхит. Во древните цивилизации, од Вавилон до Кина и Централна Америка, таа се толкувала како мрачен предвесник на војни, природни катастрофи или смрт на владетели.
На 7 септември на европското небо можеше да се види еден од најимпресивните природни феномени - целосно затемнување на Месечината, позната и како „крвава Месечина“. Затемнувањето траеше околу 82 минути и беше најдолгото од 2022 година наваму. Овој феномен им го привлече вниманието на астрономите, астролозите и сите љубители на ноќното небо. Освен како научно чудо, „крвавата Месечина“ има и богата историја на различни културни толкувања.
Целосно затемнување на Месечината се случува кога Земјата се наоѓа точно помеѓу Сонцето и Месечината во права линија. Додека Земјата се движи пред Месечината, таа го блокира поголемиот дел од сончевата светлина што ја осветлува површината на Месечината. Наместо целосно да исчезне, вообичаено сребрената Месечина добива црвеникав сјај. Ова се случува затоа што само дел од сончевите зраци, оние со најдолги бранови должини, успеваат да поминат низ атмосферата на Земјата и да стигнат до Месечината. Така, Месечината добива драматичен, речиси мистичен изглед.
Астрономот и писател д-р Флоријан Фрајштетер вели дека научно гледано, затемнувањата се веќе исцрпени за истражување, но естетски навистина восхитуваат.
- Имаме среќа што живееме на планета каде што Сонцето и Месечината изгледаат со иста големина на небото, овозможувајќи ни вакви спектакли - нагласува тој.
Древни верувања и современи толкувања
„Крвавата Месечина“ некаде носела страв, а некаде инспирација. Народот Батамалиба од Того и Бенин, на пример, ја гледа како симболична битка меѓу Сонцето и Месечината, што ги поттикнува на помирување во заедницата за и небото да се смири.
Астрологијата, која некогаш била неразделна од астрономијата, на затемнувањата им давала посебно значење. Германскиот астролог Силке Шефер вели дека ваквите моменти се силни периоди за преиспитување и промени.
- Тие се пресвртници, кога старите работи стануваат јасни за да може да ги оставиме зад себе - објаснува таа. За неа, астрологијата е систем на симболи што ги одразува ритмите на природата и човековиот живот.
Астрономијата против астрологијата
Додека астролозите како Шефер гледаат подлабоко значење во движењата на небесните тела, астрономите како Фрајштетер ја отфрлаат астрологијата како „езотерична глупост“. Според него, нема докази дека планетарните положби влијаат врз човечкиот живот, а астролошките правила се недоследни.
Од друга страна, психологот и истражувач д-р Герхард Мајер смета дека вештачката интелигенција би можела да помогне во проучувањето на сложените планетарни односи и можеби да фрли ново светло врз астрологијата.
- Движењата на планетите се предвидливи, но нивното толкување бара разбирање на сложени меѓусебни врски - тврди тој.
Периодот на просветителството означил разделба меѓу астрологијата и астрономијата. Филозофи како Рене Декарт го поставиле разумот како основа на знаењето, отфрлајќи сè што не можело физички да се објасни. Астрологијата, која се занимавала со симболичното значење на небесните тела, го изгубила научниот легитимитет.
Сепак, романтизмот повторно го разбудил интересот за духовното и несвесното, оставајќи простор за опстанок на астролошките практики.
И денес затемнувањата предизвикуваат дебати меѓу науката и духовноста. За едни, „крвавата Месечина“ е чисто природен феномен. За други, пак, можност за лична трансформација. Историјата покажува дека дури и политичарите, како францускиот претседател Франсоа Митеран, не биле имуни на астролошки совети при донесување државни одлуки.
Научните статистики, сепак, потврдуваат: „крвавата Месечина“ не е поврзана со катастрофи.
Извор:
Vecernji.hr
Фото:
Facebook