X
 20.05.2022 Живот

Како изгледа затемнувањето на Месечината фотографирано од Меѓународната вселенска станица?

На 17 мај жителите на многу места во светот можеа да уживаат во уникатен небесен феномен: целосно затемнување на Месечината.

И додека имаше многу одлични можности за фотографирање од Земјата, еден астронаут ги сподели своите фотографии направени од вселената.

Целосното затемнување на Месечината, уште наречено „крвава Месечина“ поради црвеникавата нијанса што ја добива кога е целосно заматена, беше видливо на четири континенти и беше особено долготрајно и траеше речиси 85 минути.

Доколку некој го пропушти овој небесен настан, тогаш ќе има уште една шанса да го набљудува на 8 ноември 2022 година, кога ќе биде видливо уште едно затемнување на Месечината во делови од САД и Азија.

1

Саманта Кристофорети, италијански астронаут од Европската вселенска агенција, направи серија фотографии од затемнувањето на Месечината од Меѓународната вселенска станица.

Од нејзината единствена гледна точка над Земјата, Кристофорети успеа да го фотографира затемнувањето со Земјата долу.

Таа направи неколку воодушевувачки фотографии од затемнетата Месечина со Земјата во заднина и соларните панели на Меѓународната вселенска станица во преден план.

2

- Делумно затемнета Месечина која игра криенка со нашиот соларен панел - пишува таа под фотографиите на „Твитер“.

Кристофорети моментално е на својата втора мисија на Меѓународната вселенска станица по успешните 200 дена во вселената, од 23 ноември 2014 до 11 јуни 2015 година. Таа пристигна во вселенската станица на 27 април со капсулата на „Кру драгон“ наречена „Фридом“. Кристофорети и нејзиниот тим, составен од астронаутите на НАСА, Боб Фармер Хајнс, Кјел Линдгрен и Џесика Воткинс, се на вселенската станица за мисијата „Минерва“ на ЕСА.

3

Извор: Petapixel.com
Фото: Samantha Cristoforetti, ESA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот