X
 31.08.2022 Наука

Неверојатно видео од НАСА открива како изгледа затемнувањето на Сонцето на Марс

Одвреме-навреме се среќаваме со потсетник дека нашата планета е навистина необична на многу начини. Овие потсетници дури и не мора да доаѓаат оддалеку.

Слично на Земјата, Марс доживува моменти кога неговите месечини фрлаат сенки на неговата површина. Но, „затемнувањата“ на Марс, снимени од роверите на НАСА, „Опортјунити“ и „Кјуриосити“ и сега „Персервиренс“, се многу различни од оние на Земјата.



Месечините на Марс, Фобос и Деимос кружат околу Марс на секои 7,65  и 30,35 часа соодветно, што е релативно брзо во споредба со 27-дневната орбита на Месечината на Земјата. Исто така, тие се многу помали од нашата Месечина.



Технички, овие настани не се затемнувања како што би ги доживеале, туку транзити што никогаш целосно не ја блокираат Сончевата светлина. Кога месечините на Марс минуваат помеѓу Сонцето и набљудувачите на површината на Марс, тие не ја покриваат ѕвездата толку целосно како што нашата Месечина ја покрива Земјата.

Научниците забележале чуден ефект врз планетата со минувањето на сенката на Фобос. „Марс инсајт“, опсерваторија дизајнирана да ја мери сеизмичката активност, малку се навалува за време на овие настани. Ова мало навалување научниците го препишуваат како деформација на површината на Марс, како резултат на благиот ефект на ладење од намаленото Сончево зрачење.

Од двете месечини, Фобос има поголема силуета, блокирајќи 40 отсто од светлината на Сонцето. Деимос е помал и блокира помалку светлина.

За време на целосното затемнување на Сонцето на Земјата, дискот на Месечината совршено го покрива дискот на Сонцето, иако Месечината е многу помала. Тоа е така поради една многу фасцинантна случајност. Месечината е околу 400 пати помала од Сонцето. Исто така, таа е околу 400 пати поблиску до Земјата отколку Сонцето. Ова значи дека Сонцето и Месечината се чини дека горе-долу се со иста големина на нашето небо. Нивните големини може да изгледаат поголеми/помали во зависност од орбиталните позиции.

Така добиваме прстенести затемнувања, кога Месечината не го покрива целосно Сонцето, оставајќи светлосен прстен околу дискот на Месечината.
Месечината го започнала својот живот многу поблиску до Земјата и моментално се оддалечува со брзина од околу 3,82 сантиметри годишно. Додајте уште околу 500 милиони години и целосното затемнување на Сонцето повеќе нема да биде возможно.

Видеото подолу ги прикажува податоците на „Кјуриосити“ за „затемнувањето“ на Деимос.



Набљудувањето на затемнувањата на Сонцето од Земјата може да нè научи на интересни работи за Сонцето.

И на Марс научниците можат да ги користат затемнувањата за да научат нови работи. Тие можат да го поврзат движењето на Фобос со неговиот гравитациски ефект на Марс и да ги искористат тие информации за да ја разберат мистериозната внатрешност на Марс.

Да не зборуваме за предвидување на евентуалната судбина на Фобос. Месечината е сè поблиску до Марс и еден ден ќе биде толку блиску што гравитацијата на Марс ќе ја раздвои.

Следењето на Фобос и Деимос низ небото на Марс може да даде повеќе податоци кои ќе помогнат да се мапира и да се предвиди оваа судбина.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: NASA Jet Propulsion Laboratory
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука