X
 10.10.2018 Живот

Дали е добра идеја децата-гении да одат на факултет?

Малите гении се можеби реткост, но ги има. Некои деца едноставно се многу напредни за своите години кога станува збор за интелектуални и други способности, но се поставува прашањето дали дете би требало да оди на факултет?

Дали некогаш сте се запрашале како е да имате 11 години и да ги завршите факултетските студии, како Вилијам Малис од Флорида? Тој матурирал на 9 години, па набрзо потоа се запишал на колеџот „Св. Петерсбург“. Но, тој не е единствен. Осумгодишниот Лорент Симонс од Белгија заврши средно образование и планира да се запише на факултет. Вели дека сака да биде астронаут или доктор.

Гениите меѓу децата не се реткост, но многу експерти го поставуваат прашањето дали децата треба да одат на факултет на тие години и како тоа ќе им влијае.

mladi
Фото: Unsplash


Студирање хемија на 15 години


Бастијан Еихенбергер првпат се почувствувал прифатено во лабораторијата за молекуларна генетика. Професорот го претставил пред студентите како колега, накратко споменувајќи дека овој студент по биологија е помлад од секој во просторијата. Додека другите деца на негови години главно се грижат за средношколската диплома, тој работи како научен советник, вшприцувајќи протеин во глистите. Бастијан е особено надарено дете. На 14 години ги положил сите предмети во средното училиште во Швајцарија и почнал да студира хемија во Фреибург, Германија.

2
Бастијан/Фото: Vice


Децении претходно истото му се случило на сега 58-годишниот филозоф Виторио Хосле, кој се запишал на факултет на 17 години. Докторирал во 1982 година, на 22 години, а 4 години подоцна станал најмладиот професор во Германија. Денес Хосле предава филозофија, политика и книжевност на Универзитетот „Нотрдам“ во САД и има објавено 16 книги.

На факултет повеќе се дружеле со книгите отколку со колегите

И Бастијан и Хосле го исполнуваат потенцијалот за чудо од дете, но дали и двајцата сметаат дека донеле правилна одлуката за одење на факултет на толку млада возраст?

3
Виторио Хосле/Фото: Youtube


Како 14-годишен матурант, Бастијан во животот најмногу од сѐ сакал да изведува експерименти во вистинска лабораторија. Тој вели дека сакал да развива лекови за болести за кои сѐ уште не постои лек. За време на вториот семестар на факултет неговиот план и програма конечно подразбирале одреден број часови поминати во лабораторија, но пред да може да стапне во лабораторијата, универзитетот не му дозволувал пристап. Од правни причини не му било дозволено да експериментира со хемикалии. Му рекле дека им е жал, но дека е премногу опасно. Вели дека не бил лут на неговиот факултет, но бил разочаран и тоа влијаело врз неговата мотивација.

Виторио Хосле вели дека сфаќа како се чувствувал Бастијан.

- Кога ќе се случи такво нешто, потребен ви е менторот за да ве охрабри и да ви помогне да се средите - вели тој. Хосле имал период во текот на прва година кога сакал да го напушти студирањето. Се прашувал дали треба да студира нешто покорисно, на пример, медицина.

Неговото мислење се променило кога го запознал Диетер Вандшнејадер, експерт кој го охрабрил да не ја напушта филозофијата. Хосле стана еден од најпознатите филозофи во Германија и најмладиот професор во таа област. Кога сте извонредно надарени, тоа може да стане досадно и осамено - започнувајќи на училиште.

- Другите деца во моето одделение не можеа да ги следат прашањата што им ги поставував на нашите наставници, а јас не сфаќав колку тоа ги иритираше - раскажува Хосле.

Како 17-годишен студент, Хосле имал малку контакти со постарите студенти и социјално се изолирал, повлекувајќи се во книгите. Во средината на неговите 20-ти, Хосле стоел пред луѓе 20 години постари од себе за да ја одбрани постдокторската дисертација, највисоката академска титула, и на нивните лица видел колку тоа ги нервира.

- Важно е да не ве обесхрабри таквото одбивање - советува тој.

Ако сте исклучително надарени, тоа не значи дека мора да живеете во постојана изолација, вели Хосле. Откако го завршил докторатот, надоместил за целото изгубено време, почнал да излегува. Низ годините аверзијата на неговите колеги се намалила исто како и разликата во годините помеѓу нив. Хосле верува дека за надарените луѓе е особено важно своите вештини да ги користат за позитивни и корисни работи.

Откако му го скратиле пристапот до лабораторијата, Бастијан се префрлил на биологија и внимателно работел во оваа област. Сега, кога има 18 години, конечно му е дозволен пристапот во местото каде што сите години сакал да работи. Но, тој вели дека внимателната работа и несекојдневната интелигенција не гарантираат успешна академска кариера. Кога размислува за својот живот, чувствува дека поголем дел од неговиот пат е предодреден - и само неговиот.

- Од исклучително надарените луѓе се очекува да бидат брзи и да постигнат големи работи - вели тој.

Факултетската диплома ја добил во редовен рок, заедно со другите студенти. Тој се надева дека еден ден ќе може да се ослободи од етикетата „чудо од дете“, дека луѓето ќе го ценат по она што го работи, а не само затоа што коефициентот на интелигенција му е повисок отколку на останатите.

- За луѓето полесно да го прифатат овој факт, потребно е да се посветите на себе и на она што го сакате - вели тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот