X
 10.10.2018 Култура

Третата сезона на „Преспав“ ќе биде најзабавна. Од декември - на МРТ, најавуваат продуцентите

Снимањето на третата сезона на мегапопуларниот ситком „Преспав“ започна вчера во студио на Македонската радио-телевизија. Емитувањето на една од најпопуларните ТВ-серии во Македонија ќе почне во декември, на првиот канал на МРТ.
Препознатливите ликови што ги толкуваат актерите Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Игор Џамбазов, Васил Зафирчев, Горан Стојаноски, Адриан Азири и Дритон Вејсели и во новата сезона ќе ги гледа публиката. Ним им се придружи актерката Јана Маринова од Бугарија. Таа е позната кај македонската публика по главната улога во бугарската серија „Врски“.

Марјан Цветковски, Самуел Жбогар и Пеце Талески

На првата клапа во МРТ вчера екипата ја поздрави Самуел Жбогар, ЕУ-амбасадорот кај нас. Идејата и концептот на „Преспав“ се на продуцентот Пеце Талески, а режијата е на Игор Иванов-Изи, Вардан Тозија и Дина Дума. Сценаријата ги пишуваат: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Алек Попов и Делјана Манева од Бугарија и Александра Миланова.

Продуцентите најавуваат дека ова ќе биде најквалитетната и најзабавната досега.
- Верував во овој медиумски културен производ уште од самиот почеток, а денес можам да кажам дека сум и горд на она што го постигнавме. „Преспав“ е комуникациски модел за симултано прикажување на европските вредности пред македонската публика.
Како во претходните сезони, така и во третата секоја епизода е активистички стремеж за излегување од вечната македонска транзиција и конечен соживот во пристоен општествен амбиент. Автентичен, но со европски вредности. Како продуцент го истакнувам интернационалното проширување на екипата и најавувам многу новости во насока на прикажување на „Преспав“ надвор од границите на Македонија, во земјите што се во исто транзициско „тавче“, како и ние – изјави Талески, продуцент на „Преспав“.


- Самата жанровска реализација на претходните две сезони, нејзината промоција во медиумскиот простор и афирмација од страна на публиката, како и високите креативни и продукциски стандарди кои ОХО ги постави со „Преспав“ беа мотив за поддршка на овој проект од страна на МРТ - вели Марјан Цветковски, директор на МРТ.
- „Преспав“ со сигурност ќе ја збогати програмата на националниот сервис и ќе поттикне креирање на вакви слични проекти зашто јасно се покажа дека Македонија има капацитет за создавање квалитетни аудио-визуелни продукти - изјави Цветковски.

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура