Остатоците од стари вируси што се криеле во човечката ДНК милиони години му помагаат на телото во борбата против ракот, тврдат научници. Успиените остатоци од овие древни вируси се будат кога клетките на ракот ќе излезат од контрола, покажува истражување на институтот „Френсис Крик“. Ова му помага на имунолошкиот систем да го нападне туморот. Научниците сакаат да го искористат ова откритие за да создадат вакцина која може да поттикне лекување или спречување на појавата на ракот со помош на остатоците од вирусите.
Во истражувањето била забележана врска помеѓу зголемените шанси за преживување од рак на белите дробови и делот од имунолошкиот систем кој се групира околу туморот. Овој дел, познат како Б-клетки, произведува антитела и има улога во борбата против инфекциите, а улогата во борбата против ракот досега била непозната.
- Се покажа дека антителата ги препознаваат остатоците од она што се нарекува ендоген ретровирус - изјавил Џулијан Донворд, професор на институтот.
Фото: Pixabay
Според научниците, овие ретровируси може да создадат фрагменти од вируси кои се доволни за да му помогнат на имунолошкиот систем да ја препознае заканата. Потоа антителата ги повикуваат другите делови од имунолошкиот систем кои ги убиваат заразените клетки и помагаат во борбата против ширењето на ракот.
Истражувачите сакаат да го зајакнат овој процес кој природно се случува во телото со развивање вакцина која ќе го научи телото да ги лови ендогените ретровируси.
- Ако може да го направиме тоа, тогаш можеме да размислуваме не само за тераписки вакцини, туку и за превентивни - изјавил Џорџ Касиотис, професор на институтот.
Извор:
BBC
Насловна фотографија: Pixabay