Секој трет Германец смета дека странците одат во Германија само за да ја искористат социјалната држава. На истокот од земјата во тоа е убеден секој втор граѓанин. Исто така, многумина се убедени дека Германија во опасна мера е преплавена од странци (вкупно 35,6 отсто, а на истокот 44,6 отсто).
- Повеќе од 30 отсто од испитаниците на истокот од Германија изразиле нетрпелив став кон странците - истакна водачот на студијата, Оливер Декер од Стручниот центар за истражување на десничарски екстремизам и демократија од Лајпциг.
Тој додава дека тоа е многу голем процент. На западот од земјата 22 отсто од луѓето се со истиот став.
Научниците утврдиле дека предрасудите кон мигрантите не се зголемени само општо, туку има и особено зголемување на истите кон муслиманите, Синтите и Ромите. Речиси 60 отсто од испитаниците се согласиле со тезата дека Синтите и Ромите се склони кон криминал, што е за 5 отсто повеќе отколку во 2014 година.
Студијата покажала дека предрасудите во однос на муслиманите се во пораст. Според студијата, 44 отсто сметаат дека на муслиманите треба да им се забрани вселување во Германија. Во 2014 година тој процент беше 36,5 отсто. Повеќе од 55,8 отсто изјавиле дека поради бројот на муслимани во Германија, понекогаш се чувствуваат како странци во родената земја. Во 2014 година тој процент изнесувал 43. Во речиси сите случаи бројките се повисоки на истокот отколку на западот.
По неколку антисемитски испади, на пример, во Берлин, во Германија сè повеќе се зборува за омраза кон Евреите. Секој десетти Германец смета дека влијанието на Евреите и денес е преголемо, речиси исто толку испитаници сметаат дека Евреите се посебни и дека имаат нешто што е својствено само за нив и дека поради тоа „не им одговараат“. Авторите на студијата претпоставуваат дека многу повеќе Германци имаат антисемитски ставови, но не ги изразуваат јавно поради страв од осуда од општеството.
Според процените на Оливер Декер, омразата кон странците, муслиманите, Синтите и Ромите не е директно поврзана со тие групи. Силниот економски развој во Германија во изминатите години и децении бараше многу одрекувања и жртви. Тоа насобрало бес и агресија. За тоа бил неопходен вентил, но луѓето го канализирале во форма на омраза кон странците.
Фото: Buka
Ова е развој кој би можел да биде опасен за демократијата во Германија, смета Декер. Дури и ако 90 отсто од луѓето сметаат дека демократијата е добра, тие под тој термин подразбираат нешто друго, а не општество кое им дава еднакви права и слобода на сите луѓе. „Кај голем дел од населението преовладува мислењето дека демократијата може да биде и нешто како диктатура на мнозинството“. Тие веруваат дека правата за заштита на поединци или групи може да се укинат, доколку тоа е во интерес на мнозинството. Резултатите од студијата исто така покажале дека 8 отсто од испитаниците сметаат дека диктатурата, под одредени услови, е подобра форма на државно уредување. А 11 отсто сакаат водач кој „со цврста рака би ја повел земјата кон благосостојба“.
Особено висок процент од оние што ги мразат странците (55) и се против демократското уредување на државата (13,2) се меѓу гласачите на Алтернативата за Германија (АфД). Тоа значи дека избирачите со очигледно целосно десничарски поглед на светот во АфД си го нашле својот политички израз. Но, омразата кон странците е присутна и меѓу гласачите на ЦДУ/ЦСУ, СПД и ФДП и со 20 отсто се чини дека е релативно проширена.
Декер, пак, укажува и на позитивните резултати од студијата.
- Би можеле да кажеме дека 30 отсто од граѓаните се децидно слободарско-демократски настроени - вели тој.
Декер додава дека тоа на прв поглед не изгледа како многу, но дека тоа се луѓе што се подготвени да се заложат за демократските вредности и да прифатат и други ставови. Освен тоа, голем е и делот на Германците што се амбивалентни кон демократијата, но тоа не значи и дека се автоматски авторитарни.
- За жал, од друга страна, имаме 40 отсто од луѓето што би прифатиле поавторитарно општествено уредување и затоа во моментов имаме толку јасна поларизација во општеството -
заклучува Декер.