13.04.2021
Колумни
Лагите, заблудите, предрасудите, стереотипите и дискриминацијата – моделите на современото суштествување
Како е можно аспекти кои би требало да важат за време кое поминало и се должеле на неукост, затвореност на умот и ниското дефинирање на личните плафони, сè уште да бидат толку силни и способни да ги изнедрат и да ги одржат во живот дефокусот, спинот, дезинформацијата и еклатантните невистини?
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
Модерните времиња, со самото тоа што така се нарекуваат, би требало да почиваат на фактот дека подразбираат современ, свеж здив на испрано, стокмено „за денес“ ново руво по сите основи – во начинот на работа, во моделите на комуникација, во професионалните ангажирања согласно новите текови – можеби најважното, во прифаќањето на стварноста онаква каква што е и, секако, во однесувањето согласно реалноста во која живееме. Би требало, точно е. Но, сепак, се судираме со фактот дека модерното време и одењето напред не држат чекор со разбирањето на стварноста, на реалните околности и настани од кои зависи како ќе се поставиме и како луѓе, и како родители, и како професионалци. Се соочуваме со чуден парадокс кој почива на, би рекла, едно невидено инсистирање на лагата како единствениот можен формат на вистината, еднакво како што заблудата е употребена како добра подлога за раснење на лагата, предрасудите и стереотипите како добри алатки за етаблирање на омразата кон сето она што не се разбира доволно и кон кое се градат исклучително емоционално негативни оцени. Сите овие феномени на однесување креираат игнорирање, исмејување, повредување и деградација, што секогаш во основа подразбира дискриминација и поведение кое по логика на нештата се врзува за минатото и не им прилега на модерните текови. Оние поради кои и менталните матрици на луѓето во 21 век треба да се менуваат. Оттука се наметнува прашањето: Како е можно аспекти кои би требало да важат за време кое поминало и се должеле на неукост, затвореност на умот и ниското дефинирање на личните плафони, сè уште да бидат толку силни и способни да ги изнедрат и да ги одржат во живот дефокусот, спинот, дезинформацијата и еклатантните невистини?
Како е можно чекорите напред да се обоени со лет во место, а сè почесто и со формати на паѓање, просто непоимливи по својата упорност? Како е можна толкавата бројност на луѓето, кои во современиево сè уште имаат дискутабилен хоризонт и слепо го следат и прифаќаат сето она што им се сервира како обилна порција стварност, без да погледнат што имаат „во чинијата“?
Што се случува, всушност?
Стварноста која сите ја носиме на плеќите, мачна во сета своја тежина и необјаснивост, ни покажува дека она што ни недостига, пред сè, е здравата перцепција, подготвеноста нештата да ги гледаме со отворени очи и да ги доживуваме такви какви што се, и тоа неоптоварени со каков било друг критериум и мерен инструмент, освен реалниот поглед на тоа што се случува. Меѓутоа, маестралната умешност во пласирањето на лагата овозможува многу високо ниво на нејзино прифаќање како неприкосновена вистина, иако треба само малку труд за да се согледа колку едноставно не е возможно тоа нешто да е вистинито. Ако на лагата се гледа како на етичка категорија, мора да истакне дека таа е длабоко етаблирана како комуникациски модел и го потврдува правилото: Лагата постои единствено во општество во кое вистината е и норма и обврска.
Изненадувачки изгледа фактот дека во време кога секоја информација е лесно достапна и проверлива, многумина од нас се повеќе подготвени да ја прифатат лагата, да ја џвакаат како залак на дневна основа и да ја голтнат како храна која ќе ги задоволи нивните критериуми за оцена на реалноста. Реакциите по „завршениот оброк“ се секако очекувани, со самото тоа што се јадела лага: отпор, пизма, осуди, клетви и друг сличен арсенал за манифестација на сфаќањата, кои се далеку од здрав разум и логика.
Нема во оваа пригода да се задржувам на „жариштата“ на војната помеѓу лагата и вистината, ниту на рафалната стрелба со сите оружја, на која сведочиме секој според својот фокус, интерес и можност: најавената реформа во образованието, состојбите во поглед на ковид-пандемијата и лоцирањето на вината, реалните состојби во поглед на вакцинацијата, заморните бескрајни препукувања во трката по фотелја, билдањето на патриотизмот со дискутабилни „фитнес-справи“, реакциите кон малтретираните, силуваните, обесправените, различните во форматот „си го барале и ако им е“. Нема повторно да го апострофирам животот на сите нас, конечно, во ова мачно, мачно премреже во рамките на кое многу нешта се ставени на тест.
Човечноста, емпатијата, широчината на светогледите, искрената желба да се учи, да се научи, да се разбере и со тоа да биде подобро, пред сè. Лагата стана толку силна муниција, толку убоита и толку прецизна, што креира маса луѓе заглавени во заблуди, оневозможени да ја видат објективната стварност. Во суштина, заблудата е резултат на интензивната лага, кога човекот е „толку ранет и крвави“ што веќе не е во состојба да ги поврзе информациите и со тоа „да ги види“ онакви какви што се. Tаа обневиденост го прави многу лесна мета, нo истовремено и многу силен стрелец кој посветено и со многу мерак пука во другиот, оној за кого лагата е токму тоа – лага.
Каде е местото на стереотипите и предрасудите во контекстот на лагите?
Одат заедно со неа, секако. Зад стереотипот лежи неоправдана, широка генерализација, уверување кое се базира на непознавање и претпоставки и, секако, негирање на индивидуалноста. Предрасудите се, пак, научени рамки на размислување, кои се логички неосновани, но лесно се шират и влијаат врз формирањето негативно мислење. Тогаш кога лагата е во темелот на овие феномени и кога луѓето реагираат на нив така што осудуваат, исмеваат и повредуваат, се раѓа дискриминацијата – силната општествена деформација која креира луѓе со погрешен дискурс и го канализира нивното однесување. Мора да се нагласи дека овие феномени не се вродени, туку се учат во текот на животот од родителите, поширокото семејство, пријателите, учителите, медиумите, социјалните мрежи. Сосема е друго прашањето поради кое и го пишувам ова – како е можно современиево да не е во можност да ги надмине стапиците на омразата, делбите и недоразбирањата, а да е во состојба дури и да го негува феноменот на „спалувања на клада“ во атмосфера во која токму лагата го користи чкорчето? Како е можно она „напред“ да не го дава тој правец, толку потребен како излез од тунелот во кој предолго се чека подигнувањето на рампата?
Конечно, како и денес, во време кое се стреми да се вика ново, модерно, современо и поинакво, се случува „во живо“ приказната за лагата и вистината, во која лагата која ѝ ги украла алиштата на вистината оди по светот и раскажува приказни облечена во туѓо, а вистината, само затоа што е гола, немоќно талка и не е во состојба да го посочи крадецот и да ги убеди оние што ѝ ги голтаат приказните на лагата во тоа дека раскажувачот е крадец?