X
 10.12.2016 Технологија

Технолошки чуда на повидок - до 2030 година ќе ни се случат драстични промени

Од автомобили кои нема да ги управуваат возачи до роботи како работници – иднината е сè поблиску до нас, пишува Бизнис Инсајдер. Многу технологии кои секојдневно се појавуват ќе го достигнат својот зенит околу 2025 година. Тое се наведува во заедничкиот извештај на Советот за глобална агенда за иднината на софтверот и Светскиот економски форум.

Советот спроведе анкета меѓу повеќе од 800 директори и експерти од технолошкиот развој кои го споделија своето мислење за тоа како ќе станат јавно достапни. Овие се некои од технолошките промени кои можеме да ги очекуваме во наредните 14 години.

1.    90% од популацијата ќе имаат неогарничен и бесплатен простор за складирање на податоци најдоцна до 2018 година.

Бришењето податоци за да се направи место за нови веќе е дел од минатото. За помалку од три години, околу 90 проценти од луѓето ќе имаат бесплатен и неограничен простор за складирање на податоци. На пример, Google photo нудеше неограничен простор за складирање податоци за само 60 долари годишно. Заради ова, доаѓа до креирање на податоци повеќе од кога било. Судејќи според извештајот, се проценува дека 90% од сите податоци се создадени во последните две години. Microsoft неодамна одлучи да ја укине својата неограничена можност за складирање податоци на својот cloud сервис, One Drive.

2.    Милијарда сензори ќе бидат споени на интернет до 2022 година.

Со оглед што цената на сензорите паѓа, а се зголемува капацитетот на компјутерите, сите видови уреди и практично ќе бидат поврзани на интернет. Според извештајот, „ секој производ би можел да биде приклучен на глобалната комуникациска структура“.

3.    Првиот 3D испринтан авотомобил ќе биде произведен во 2022 година.

3D принтерите стануваат сè помоќни и способни се да принтаат комплексни предмети од каков било материјал. Многу производители на автомобили го користат 3D принтањето за да направат прототипови и поуспешно да создадат специфични делови за возилата. Неодамна Audi покажа минијатурно возило создадено со помош на принтер за метал.

4.    Владите ќе го заменат системот за попис на населението со моќни технологии на податоци до 2023 година.

Собирањето, обработката и анализата на податоци станува сè поедноставно, па владите ќе можат да ги напуштат старите методи за собирање податоци и ќе почнат да ги користат технологиите за обработка на податоци со автоматизирани програми.

5.    Десет проценти од очилата за читање ќе бидат приклучени на интернет до 2023 година.

Интеракцијата со нашата околина комплетно ќе се измени кога VR очилата ќе бидат во широка употреба. 86 проценти од анкетираните предвидуваат дека очилата поврзани на интернет ќе станат секојдневие до 2023 година.

6.    80 % од луѓето на Земјата ќе бидат дигитално присутни на интернет до 2023 година.

Сè повеќе луѓе ќе добијат дигитален идентитет. Се проценува дека 80 проценти од светското население ќе имаат активно присуство на глобалните мрежи.

7.    Во 2023 година некоја од светските влади првпат ќе собере данок по пат на синџир од блокови.

Дигиталните валути, како Bitcoin, користат механизам што се нарекува синџир од блокови, за да ги обработат финансиските трансакции. Синџирот на блокови е есенцијално јавно достапен регистар кој секој може да го истражува, но ниту едно лице не може да го контролира. Корисниците ќе можат да ги следат трансакциите константно.

8.    До 2023 година, 90 % од светската популација ќе имаат суперкомпјутери во своите џебови.

Луѓето низ светот сè повеќе ги користат своите паметни телефони во споредба со компјутерите. Повеќе од 50 проценти од луѓето во светот ќе користат паметни уреди до 2017, а до 2023 околу 90 проценти од светската популација ќе бидат поврзани преку паметни уреди.

9.    Пристапот до интернет ќе стане основно право до 2024 година.

Според анкетата, 79% од испитаниците предвидуваат дека до 2024 најголемиот дел од светот ќе има пристап до интернет. Технолошките гиганти како Google и Facebook моментално доаѓаат до креативно решение за спојување на четири милијарди луѓе кои немаат пристап до интернет. Facebook користи дронови и сателити во земјината орбита за да им овозможи интернетско поврзување на луѓето, додека Project Loon на Google користи гигантски балони кои лебдат во атмосферата и ги поврзуваат оддалечените краишта на светот.

10.    Прва трансплантација на 3D испринтан црн дроб ќе се случи во 2024 година.

3D принтерите веќе значително се користат во  здравствената индустрија особено за создавање на човечки делови. Биопринтањето, кое е комбинација од биоинженеринг и 3D принтање, ќе им овозможи на научниците и другите во здравствената индустрија да се одгледуваат применливи вештачки органи.

11.    До 2024 година повеќе од 50% од интернетскиот сообраќај во домаќинствата ќе се должи на домашните уреди.

Кога сензорите ќе се унапредат, сè повеќе уреди ќе бидат поврзани на интернет, па се очекува голема промена во интернетскиот сообраќај. До 2024 година, половина од интернетскиот сообраќај во домовите ќе се должи на автоматизацијата во домаќинствата.

12.    Пет проценти од производите за конзументите ќе бидат 3D принтани.

3D принтерите поевтинуваат, помоќни се, поедноставни за користење, заради што корисниците многу брзо ќе ја прифатат оваа технологија.Тоа ќе им овозможи принтање на предмети од дома. Потребата за технологија е во пораст повеќе од очекуваното. Во 2014, низ светот се продадени 133.000 принтери, 68 проценти повеќе во споредба со 2013.

13.    До 2025 година, 30 % од корпоративните ревизии ќе ги спроведува вештачка интелигенција.

Вештачката интелигенција ќе замени еден спектар на работи кои денес ги изведуваат луѓето, вклучително и службениците. Со оглед што вештачката интелигенција е ефективна по прашањето на автоматизација на процесите, таа е добро опремена да изведува многу задачи во големите компании. Според последните истражувања на McKinsley Global институтот, околу 45% од активностите можат да се автоматизираат со користење на моменталната технологија. Тоа претставува околу две милијарди долари годишни плати во Америка.

14.    До 2026 година автомобилите без возачи ќе чинат 10% од сите возила во САД.

Автономните автомобили имаат потенцијал драматично да ја зголемат сигурноста, да ја намалат емисијата на гасови и да го променат начинот на транспорт.

15.    Првата машина со вештачка интелигенција ќе им се придружи на корпоративниот одбор на директори во 2026 година.

Вештачката интелигенција ќе има сè поголема и сè поважна улога во деловниот свет како средство за носење на одлуки. Заради тоа што вештачката интелигенција може да учи од претходни ситуации, може да обезбедува увид и да ги автоматизира комплексните процеси на донесување одлуки базирани на податоци и претходни искуства.

16.    Првиот град со 50.000 жители и без семафори ќе заживее до 2026 година.

Инфраструктурата во иднина ќе стане поповрзана, што ќе овозможи создавање на паметни градови. Тротоари, улици, семафори, паметни куќи и згради ќе бидат поврзани на интернет. Тие ќе бидат автоматизирано способни да управуваат со енергијата, материјалите, логистиката и сообраќајот, судејќи според извештајот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија