X
 28.11.2020 Технологија

Апликација го преведува мјаукањето на мачките во зборови што можеме да ги разбереме

Поранешен инженер на „Амазон“ бара одговор на прашањето што го имаат речиси сите сопственици на мачки - што се обидува да ми каже мојата мачка?

Хавие Санчез, кој работел на „Амазон Алекса“, сега е проектен менаџер во технолошката компанија „Аквелон“. Тој развива апликација наречена „Мјеуток“, која ветува дека ќе ги преведе мјаукањата на мачката во нешто што луѓето можат да го разберат.

- Не е јазик. Тие не споделуваат зборови и не комуницираат едни со други. Мачките никогаш не си мјаукаат меѓусебно - вели Санчез.

macka
Фото: Pixabay

Преку истражување, Санчез и неговиот тим откриле дека мачките честопати имаат една од деветте различни намери што се обидуваат да ги пренесат кога ви мјаукаат, и секоја порака има свој вид мјаукање.

Користејќи го своето искуство со „Алекса“, и на ова истражување Санчез работи на декодирање на мјаукањето во фразите што мачките се обидуваат да ги пренесат, на пример, „гладен сум“ и „чувствувам болка“. Сопствениците на мачки што ќе ја преземат апликацијата можат да ги снимаат мјаукањата на своите мачки и потоа да добијат превод на звукот, а постои можност и за приспособување и обука на апликацијата за да ги научи уникатните вокализации на нивното милениче. Исто така, сопствениците можат да дадат повратни информации за точноста на преводите на апликацијата.

1
Фото: Меоwtalk

- Користејќи машинско учење, апликацијата моментално ги преведува мјаукањата на вашата мачка во една од деветте општи намери на мачките; овие девет намери претставуваат расположенија на мачките и состојби на умот. Но, секоја мачка има и своја единствена вокализација и вокабулар на мјаукање што ги надминува овие девет општи намери. Можете да ја обучите апликацијата да го научи уникатниот вокабулар на мјаукањата на мачката - пишува во описот на апликацијата.

Апликацијата сè уште е во фаза на развој и постојано се усовршува и ажурира, но прототипот е достапен и за „Ајос“ и за „Андроид“ телефони. Санчез се надева дека апликацијата ќе се покаже како успешна и дека тој и неговиот тим на крајот ќе можат да развијат ремче што ќе ги преведува мјаукањата на мачките како да зборуваат.

Извор: People.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија