Што се тоа хиероглифи?
Хиероглифското писмо е сложен систем кој комбинира четири различни стилови на шифрирање, т.е. писма, од каде што, најверојатно, потекнува и неговата повеќезначност. Ова ги збунувало преведувачите бидејќи постоеле повеќе начини за толкување на системот на знакови.
Хиероглифското писмо било комбинација од:
Алфабетско писмо – во кое еден знак претставува еден звук;
Силабичко писмо – во кое еден знак може да претставува цел слог;
Идеографско писмо – во кое еден знак може да претставува цел поим;
Детерминативно писмо – кое служи да се направи разлика помеѓу претходните писма; неговите знаци немаат никакво самостојно значење, туку ги дополнуваат другите.
На првите преведувачи не им помогнале погрешните информации од грчките и римските списи за египетскиот хиероглифски систем. Сите овие записи тврделе дека хиероглифите имаат симболичко и филозофско значење. Ова не било целосно неточно, но ги наведувало првите преведувачи на погрешен пат. Па така, тие биле убедени дека целиот јазик е симболички и невербален. Овие бесмислени верувања стигнале дотаму што во ренесансата учените луѓе верувале дека е возможно да се чита овој симболички јазик, а да не се поврзе со ниеден конкретен јазик. Ваквото толкување не само што е невистинито туку од денешна перспектива е и смешно.
Почетоци на дешифрирањето на хиероглифите
Преведувачите, во годините што следувале, точно претпоставиле дека јазикот на хиероглифското писмо е всушност коптски (т.е. она што ние денес го нарекуваме коптски јазик), што во практиката значи дека не е неопходно да се реконструира цел јазички систем додека можете да ги поврзете симболите со звуците.
Големо откритие
Преведувачите постигнале голем успех кога во 1799 година бил откриен Каменот од Розета од времето кога со Египет владееле фараони од династијата Птолемаиди. На него се наоѓаат тријазични натписи на кои пишувало на кого е посветен храмот. Поточно, во суштината натписот бил еден, само бил напишан со помош на два египетски системи на пишување кои биле помешани со деловите на старогрчки.
Со помош на ваквото паралелно читање, преведувачите успеале да тргнат од поврзувањето на знаковите со звуците. Клучот на овие загатки се криел во фактот што египетските писари ги запишувале имињата на кралските лози во внатрешноста на специјалните знаци – таканаречени картуша, кои во основата биле елипсоидни кругови околу фараоните. Па така, името на фараонот изгледа како да е заокружено во текстот, а картушите го симболизирале прстенот на фараонот.
Кога во Европа се прочуло за ова епохално откритие, францускиот лингвист Жан Франсоа Шамполион бил прв меѓу толкувачите кој претпоставил дека картушите најверојатно означуваат кралска лоза. Врз основа на ова, тој успеал да им додели соодветни звуци на поединечни знаци.
Бил првиот што го нашол името на грчкиот крал Птоломеј помеѓу хиероглифите, така што успеал точно да ги поврзе деловите од грчкиот текст со египетскиот од Каменот на Розета. Освен Птоломеј, во текстот се споменувала и кралицата Клеопатра. Споредувајќи ги заедничките елементи, ова му овозможило со сигурност да утврди дека неговите претпоставки се точни, од каде што дешифрирањето тргнало малку полесно.
Како Шамполион успеал да ги дешифрира хиероглифите?
Најпрво успеал имињата во картушите да ги расчлени на делови. На некој начин ги довел во линеарен распоред, полесно разбирлив во западната цивилизација.
Така успеал да ги поврзе сличните симболи, конкретно симболите за П, Т, О и Л кои се јавиле во двете имиња. Другите делови ги погодил врз основа на знаења за имињата на кралското семејство, а вокалите ги знаел од грчкиот јазик. Така овие имиња речиси целосно биле дешифрирани.
Во името на Клеопатра се криело нешто што не било возможно да се поврзе со звуците – два симбола биле вишок. Првата претпоставка на Шамполион била дека овие симболи го означувале зборот „божица“, кој често се наведувал како дел од титулата на Клеопатра. Сепак, претпоставката била погрешна.
Првиот симбол бил ознака за род и требало да укаже дека се работи за женско име, што покажало дека овој систем употребувал детерминативи и други неалфабетски знаци. И другиот знак, исто така, припаѓал на детерминативно писмо.
Всушност, на Шамполион малку му се посреќило. Не се преведуваат сите египетски знаци толку директно во соодветните алфабетски букви. Меѓутоа, оваа среќна околност во текстот да се најдат токму овие имиња му овозможила да ги постави основите за дешифрирање и да сфати дека се поврзани алфабетски и идеографски знаци. Истовремено потпирајќи се на коптски и грчки текст, конечно можел да тргне во натамошно дешифрирање и да пронајде натамошни паралели помеѓу симболите.
Кому му се припишуваат заслугите?
Важно е да се истакне дека дешифрирањето хиероглифи било потфат кој траел долго и на кој работеле многу истражувачи. Денес признанијата одат на адресата на Шамполион бидејќи неговиот удел во откривањето бил најголем, но тоа не значи дека тој сам дешифрирал цел систем.
И други истражувачи успеале да идентификуваат некои симболи. Треба да се споменат Јохан Давид Ошерблад и Томас Јанг пред другите, кои речиси во исто време успеале да откријат важни поединости во врска со текстот од Каменот на Розета. На пример, Јанг е заслужен за откривањето на зборот „крал“. Го пронашол така што утврдил колку пати се споменувал во грчкиот текст, иако не знаел кои се соодветните звуци за овој збор во египетскиот дел.
Во наредните сто и повеќе години многу научници се обиделе да го унапредат системот. До денешен ден не можеме да кажеме дека целосно владееме со овој систем, но имаме прилично солидно знаење за хиероглифскиот систем и неговите варијации, како што се хијератското и демотското писмо.
Системот содржи повеќе од 700 симболи и малку е да се каже дека е прилично сложен. Толку е сложен, што до денес се водат расправи и се остава простор за можно погрешно толкување.
Невозможно е со сигурност да се тврди дека постојниот систем за дешифрирање може да се примени апсолутно на сите хиероглифски записи бидејќи не датираат сите од истиот период, па постојат изгледи дека и верзиите на писмата барем до некаде би се разликувале.