X
 05.04.2023 Живот

Книга со повез од човечка кожа што научниците не можат да ја дешифрираат

Дали некогаш сте слушнале за книги со антроподермичко подврзување? Истражувачите тврдат дека има десетици во светот, а сега еден таков пример е откриен во Казахстан.

Овој необичен повез првпат го споменува Конрад фон Уфенбах при неговата посета на Бремен на почетокот на 18 век, а за време на Француската револуција имало шпекулации дека постоеле работилници надвор од Париз кои правеле книги со повез од човечка кожа. Денес, повеќето од преживеаните примери потекнуваат од 19 век. Многу луѓе денес се прашуваат кој ги направил овие книги и зошто?

Експертите велат дека за настанувањето на овие необични дела се заслужни лекарите, бидејќи тие имале пристап до трупови и тоа претежно на криминалци, чија кожа ја дереле и правеле корици од неа. Една од теориите е дека меѓу овие дела преовладуваат делата како „Танц на смртта“, уметнички жанр што дискутирал за универзалноста на смртта.

Уште една теорија е дека еротските книги имале повез од човечка кожа, а исто така, познато е дека едно од делата на астрономот Камил Фламарион било со повез од кожата на негова обожавателка, која барала од неа да се направи повез.

Деновиве во фокусот на јавноста е книгата изложена во Музејот на ретки публикации, кој се наоѓа во Националната библиотека во главниот град на Казахстан. Имено, ова дело, кое се наоѓа таму од 2014 година, досега било познато по тоа што се дешифрирани само 10 од неговите 330 страници, но кога научниците одлучиле да го испитаат потеклото на кожата од која е направен повезот, откриле дека станува збор за грбот на некој човек.

Ова дело било напишано на латински јазик во текот на 16 век и му припаѓало на нотарот Петрус Пуардис, по потекло од Северна Италија. Најголемиот дел од содржината на книгата засега е тајна, а она што експертите од Франција успеаја да го дешифрираат се белешки за сметки, кредити и хипотеки.

Извор: Nationalgeographic.rs Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот