Некогаш животот не се одвива онака како што сакаме бидејќи постојат околности на кои не можеме да влијаеме. Љубовта и вниманието ни се потребни на сите нас, но реалноста е различна бидејќи постои нешто што ни Дедо Мраз не може да ни го подари.
Осаменоста е нешто што никој не го заслужува, но им се случува на многу луѓе, дури и на најмладите.
Додека многу деца уживаат во празниците и подароците, има многу луѓе што празниците ги чекаат далеку од родителската љубов, желни некој да ги израдува. Постојат многу прифатилишта за деца во кои мал знак на внимание ќе им значи многу. Овие дечиња желно го чекаат моментот кога ќе добијат љубов и внимание бидејќи немале можност да ги запознаат своите најблиски. Животот кон нив не бил благонаклонет и се разликува од оној што им го овозможуваме на нашите деца. Децата во овие домови немаат кому да му ја кажат листата со желби за новогодишно пакетче, а нема ни кој да им даде безусловна љубов. А тоа им е најважно.
Празниците се период кога многу деца добиваат пакетчиња и играчки со кои ќе играат. Ако тогаш ги научите дека со добивањето подарок се полнат рацете, а со давањето се полни срцето, можеби ќе добиете насмевка и
прегратка што никогаш нема да ги заборавите. Тоа ќе им помогне да научат колку е вреден секој момент составен од емоции, кој ќе им биде потпора во најтешките мигови.