X
 10.12.2022 Здравје

Една милијарда млади луѓе се под ризик да го изгубат слухот

Над една милијарда тинејџери и млади се под ризик да го изгубат слухот поради употребата на слушалки и присуството на гласни музички настани, покажува истражување.

Меѓународен тим од истражувачи проценуваат дека 24 отсто од младите на возраст од 12 до 34 години слушаат небезбедно гласна музика на своите уреди. Затоа, тие ги повикуваат владите итно да воведат правила за безбедно слушање.

Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека над 430 милиони луѓе на сите возрасти имаат проблеми со слухот, а младите се особено ранливи бидејќи слушаат музика на слушалки и одат на настани со гласна музика.

- Штетата од небезбедното слушање може да се зголеми во текот на животот, а изложеноста на врева порано во животот ги прави индивидуалците поранливи на загуба на слухот поради возраста - велат истражувачите.


Фото: Pixabay

Во истражувањето, научниците анализирале претходни студии направени од 2000 до 2021 година, во кои биле вклучени над 19.000 испитаници. Авторите процениле дека 23% од возрасните испитаници и 27% од неполнолетните испитаници биле изложени на преголема врева од личните уреди за слушање музика.

Освен тоа, тие процениле дека 48 отсто од лицата на возраст од 12 до 34 години низ светот се изложени на преголема врева во гласни музички сали како клубови или барови. Врз основа на овие податоци, тие процениле дека глобалниот број на тинејџери и млади лица што имаат ризик да го загубат слухот се движи од 670 милиони до 1,35 милијарди.

Извор: The guardian
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје