X
 10.12.2022 Живот

Што всушност бил Големиот смог во Лондон?

Пред 70 години, на 5 декември 1952 година, густ смог го покри цел Лондон.

Градот и претходно се соочувал со магла и смог, но ништо во споредба со Големиот смог кој се спуштил во Лондон и траел цели четири дена.

Загадувањето слично на чад станало толку токсично, што оставило илјадници мртви и болни. Било пријавено дека дури и кравите умирале поради загадувањето.

Лондон и денес се соочува со проблеми со токсичниот воздух, но новите закони имаат цел значително да го намалат нивото на токсичност во воздухот на главниот град.

Кратка историја на проблемот со смогот во Лондон

Смогот бил проблем во Лондон уште од 18 век, во текот на Индустриската револуција. Во тоа време Британија била сведок на драматично зголемување на загадувачи на воздухот поврзани со согорување јаглен.

Бидејќи водата има тенденција да се залепи за ситни честички на загадувачи во воздухот, резултатот е загадена магла.

Типот на магла што се појавил во далечната 1952 година бил непријатен и валкан жолт смог со непријатен мирис, а некои области биле толку погодени, што луѓето не можеле да си ги видат стапалата.

london
Фото: Wikipedia

Што бил Големиот смог во Лондон?


На 5 декември 1952 година, Лондон се разбудил под густ смог. Познат како Големиот смог, смртоносното време предизвикало петдневен хаос. Транспортот бил ограничен, вклучително и амбулантните возила, а луѓето биле принудени да ги остават своите автомобили на улица. Поради слабата видливост, бил зголемен и криминалот. Починале околу 10.000 луѓе, а околу 200.000 луѓе се соочиле со некаква медицинска состојба.

Иако смогот веќе бил спуштен во градот, премиерот Винстон Черчил инсистирал да продолжи да се согорува јаглен за да се создаде илузија на солидна економија. Тој тврдел дека смогот всушност е магла која на крајот ќе се подигне. Ова го тврдел до моментот кога неговата секретарка Венеција Скот доживеала несреќа предизвикана од токсичниот воздух. Тогаш одлучил да преземе нешто, па биле донесени построги закони во врска со загадувањето на воздухот.

Овие закони ги вклучувале актите за чист воздух од 1956 и 1968 година, кои ги забраниле емисиите на црн чад. Исто така, овие закони на локалните власти им дале овластување да ги контролираат емисиите на чад, песок и прашина и да се формираат зони за контрола на чад.

Зошто се појавил смогот?


Во 1952 година градот работел на евтин јаглен за да произведува енергија за да ги загрее домовите. Ова, заедно со автобусите на дизел, придонело за смогот.

Лондон се наоѓа во голема речна долина, што ја ограничува циркулацијата на воздухот. На 4 декември студениот воздух го покрил регионот, заробувајќи го потоплиот воздух долу.

Така, токсините од домовите, автомобилите и фабриките го загадиле потоплиот воздух. Потоа, кога и студениот воздух бил заробен, сулфур оксидот, јаглеродниот диоксид и честичките од чад биле комбинирани во смртоносна мешавина.

Извор: Standard.co.uk
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот