Имаме доста да научиме за уметноста на живеењето од романот на Толстој „Војна и мир“, кој ја прикажува човечката суета, глупавост, сексуална љубомора и семејните односи. Но исто така имаме доста да научиме за животот од овој писател.
Толстој бил член на руското благородништво, а неговото семејство имала голем имот и стотици слуги. Раните години на писателот биле исполнети со неморал, насилство и развратништво.
„Убивав луѓе во војни и ги предизвикував на двобој само за да ги убивам. Губев на карти, ги експлоатирав селаните, ги осудував на казни, ги лажев луѓето. Така живеев цели десет години.
Но, Толстој постепено го отфрлил овој начин на живот, како и верувањето за неговото аристократско потекло, усвојувајќи неконвенционален стил на живот, со што ги шокираше неговите современици. Како неговото животно патување може да ни помогне да ја преиспитаме нашата сопствена филозофија на животот?
1. Имајте отворен ум
Еден од најголемите таленти на Толстој била неговата способност и подготвеност да го промени својот став врз основа на новите искуство. Ужасното крвопролевање на кое бил сведок додека бил во војна во Крим во 1850-тите години го претвориле во пацифист. Во 1857 година, откако видел јавно погубување во Париз, тој никогаш не го заборавил - станал противник на државата и нејзините закони, верувајќи дека владите не само што се брутални, туку се во служба на богатите и моќните.
„Државата е заговор“, му напишал на еден негов пријател. „Отсега повеќе никогаш нема да му служам на ниту една влада, никаде“.
Толстој бил на пат да стане анархист. Тој би бил првиот човек кој би не` охрабрил да ги преиспитаме фундаменталните верувања и догмите со кои сме пораснале.
2. Имајте емпатија
Толстој покажува необична способност за емпатија, ставајќи се на местото на луѓето чиј живот бил драстично различен од неговиот. Во текот на 1860-тите, не само што се облекувал во селска облека, туку тој започнал и да работи со работниците на неговиот имот, орајќи ги полињата и поправајќи ги нивните домови.
За неговото семејство кое се сметало дека има „сина крв“, ова однесување било неверојатно. Сепак Толстој уживал во друштвото на селаните и свесно се оттргнал од книжевната и аристократската елита во градовите. Тој верувал дека никогаш нема да може да го сфати животот на другите се` додека не го искуси сам.
3. Направете нешто за другите
Тој исто така се разликувал од другите припадници на високата класа поради тоа што преземат конкретни активности за да го олесни тешкиот живот на другите луѓе, што најдобро се гледа од неговата помош на гладните. После пропаднатата жетва во 1873 година, Толстој престанал да ја пишува „Ана Каренина“ година дена за да организира помош за гладните, велејќи му на еден негов роднина: „Не можам да се одделам од живите суштества за да се занимавам со измислици“.
Неговите пријатели и семејство мислеле дека полудел. Тој ова повторно го направил во 1891 година кога повторно завладеал глад, работејќи две години во јавни кујни и собирајќи пари. Дали можете денес да замислите најдобриот продаван писател како го остава своето недовршено дело за две години да работи како хуманитарец?
4. Совладајте ја вештината на едноставно живеење
После менталниот слом кон крајот на 1870-тите, Толстој ја отфрлил организираната религија, вклучувајќи ја и Православната црква. Тој прифатил револуционерна гранка на христијанството заснована на духовно и материјално воздржување. Престанал да пие и да пуши и станал вегетаријанец. Исто така бил инспириран за создавање на утописка заедница во која би се живеело едноставно и самостојно и каде имотот би бил заеднички. Овие заедници се прошириле насекаде низ светот и го инспирирале Ганди да го основа ашрамот во 1910 година, кој е наречен и фармата на Толстој.
5. Чувајте се од сопствената контрадикција
Овој нов, едноставен живот имал свои борби и контрадикции. Толстој бил познат по тоа што проповедал универзална љубов, а сепак постојано се расправал со својата жена. Покрај тоа, тој никогаш не бил во состојба целосно да го напушти своето богатство и привилегираниот начин на живот. До најдлабоката старост тој живеел во голема куќа со слуги. Но, на почетокот на 1890-тите успеал - и покрај противењето на неговото семејство, тој се откажал од авторските права на голем дел од неговиот книжевен опус, жртвувајќи вистинско богатство. Имајќи ја во предвид привилегираната позиција од која Толстој го започнал животот, неговата лична трансформација (иако не целосна), тој сепак заслужува восхит.
6. Научете некој занает
Толстој сфатил дека постигнувањето на рамнотежа меѓу умот и телото се есенцијален дел од неговиот креативен процес. Во последните години од неговиот живот, кога писателите и новинарите го посетувал за да му оддадат почит, тие секогаш се изненадувале кога ќе го пронајделе најпознатиот писател на светот како поправа нешто. Доколку Толстој би бил жив денес, тој сигурно би не` советувал да научиме некој занает отколку да го трошиме нашето слободно време на интернет.
7. Проширете го вашиот круг на пријатели
Најважната животна лекција од Толстој е да сфатиме дека најдобар начин за преиспитување на сопствените претпоставки и предрасуди е да развиеме нови начини за набљудување на светот такашто ќе се опкружиме со луѓе чии ставови и стилови на живот се разликуваат во нашите. Во неговиот роман „Воскресение“, тој истакнува дека повеќето луѓе, без разлика дали се политичари, бизнисмени или крадци „инстиктивно се држат до кругот на луѓе со кои споделуваат ист поглед на светот и местото во него“. Заштитени во групата на луѓе слични на себеси, можеме да мислиме дека е сосема нормално и оправдано да имаме две куќи или да се противиме на истополовиот брак или бомбардирањето на земјите на Блискиот Исток. Не можеме да видиме дека овие ставови можеби се перверзни, неправедни и неточни бидејќи сме во круг на слични луѓе. Вистински предизвик е да ги рашириме нашите крилја и да поминеме време во разговор со оние чијашто вредност и искуство се разликуваат од нашите. Толстој би не` советувал да патуваме надвор од границите на тој круг, затоа што тоа е нашата најважна задача.